Дали Маркс и Енгелс ги мразеле Србите?

marx-eng6

Радован Томашевиќ, новинар, долгогодишен уредник на разни белградски јавни весници и етнолог, во часописот „Српско наследство“, бр. 6 од јуни 1998 година, го објавува својот напис „Зошто Маркс и Енгелс ги мразеле Србите?“.

Човек кој ќе ги прочита Маркс-Енгелсовите дела (МЕД) веднаш, од почетокот, ќе увиди дека Маркс и Енгелс не мразеле никого како народ, па во таа смисла не ги мразеле ни Србите. Меѓутоа, во своите дела, посебно од новинарските написи од периодот 1848-1849, тие анализираат како се одвиваат револуционерните настани во Австро-Унгарија и постапувањето на разни европски влади во врска со тоа. Така, врз основа на историски податоци за постапките на царска Русија во подолг период, речено е дека „Русија е резерва на контрареволуцијата во Европа“. Тоа не значи дека Маркс и Енгелс го мразеле рускиот народ.

Доволно е да се спомене фактот дека Енгелс не го изучувал рускиот јазик само како јазик на непријателот кој е добро да се познава, туку некое време се носел со мисла да работи на компаративната граматика на словенските јазици. Значи, го водел општиот интерес за словенските нации и нивната култура. Додека пак царскиот апсолутизам во Русија не беше омразен од страна на Маркс и Енгелс затоа што тоа беше словенска земја, па и династија со словенска карактер, туку затоа што тоа беше најреакционерен, а истовремено и највлијателен и најјак режим во Европа, што се испречуваше пред секој политички и општествен напредок во Европа, па и на други континенти.

Томашевиќ го прочитал написот „Унгарска борба“ (МЕД, том 9, стр. 139-148), но со сигурност може да се каже дека ништо не разбрал од овој напис. Тој злонамерно премолчува некои работи со цел да докаже дека Маркс и Енгелс ги мразеле Србите, па, според тоа, дека тие не треба да посветуваат внимание на марксизмот. Мора да се признае дека и без таквото настојување на Томашевиќ, квази-комунистите не се осврнуваа на Маркс и Енгелс и дека тие го срушија квази-социјализмот, а не ЦИА и С.А.Д.

Томашевиќ на повеќе места вели „Маркс имал свој весник“. Тоа е лага каква што не смее да искаже интелектуалец кој погледнал во МЕД, а камоли уште да е новинар, долгогодишен уредник на разни белградски весници и етнолог. Маркс бил само уредник на весникот „Neue Rheinische Zeitung“ и на таа положба го поставиле пруските радикални буржуи поради неговите интелектуални перформанси. Мора да се признае дека буржуите секогаш знаат што е најдобро за нивниот интерес и никогаш нема да дозволат некој да ги загрозува истите, спроведувајќи уредувачка политика каква што на него му одговара. Томашевиќ треба да го знае тоа и од време на квази-социјализмот, а и од денешната пракса која е многу полоша од квази-социјалистичката. За знаење на Томашевиќ ќе кажеме дека ако квази-комунистите го спроведуваа марксизмот во пракса, тој немаше да биде „новинар“, бидејќи во марксизмот постои принципиелен став за укинување на разликата меѓу интелектуалниот и физичкиот труд односно производствениот и непроизводствениот.

Томашевиќ забележува на Маркс за некои „навредливи“ изрази што ги употребувал во преписката или пишувањето. Да ѕирнел во „Теориите за вишокот на вредноста“ (МЕД, том 24, 25 и 26), ќе најдел уште повеќе такви и тогаш ќе можел уште поостро да пишува против Маркс и Енгелс. Само ќе го прашаме Томашевиќ, а и оние кои одат по неговиот ум и објавуваат такви глупости какви што пишува тој, што би рекол за човекот кој зема за право да учи и поучува некого математика, а не ја знае ни таблицата множење! И самите сме во положба да кажеме повеќе за таквите шкрабала кои пишуваат сешто само за да заработат некој денар за живејачка.

Како може Томашевиќ да ги става во иста торба Маркс и Енгелс со Ленин, Сталин, Мао, Тито, Кардељ…! Маркс и Енгелс не биле на никаква положба од власта која би им овозможила на своите опоненти да одговорат поинаку освен со пишуван збор. Впрочем и да биле, тие никогаш не би го направиле она што го правеле споменатите. Тие – Маркс и Енгелс – биле научници кои со најсовесно проучување ги анализирале конкретните проблеми во свое време и давале јасни заклучоци како научно да се решаваат истите. Понатаму, тие не се ниту против една нација туку само против реакционерните постапки на поедини делови од некој народ кој е поробен од друг и го користи да го зацврсти своето владеење. Во таа смисла, никој нема право да им забележи на Маркс и Енгелс дека се против Хрватите кога во истиот напис прашуваат: „Кој ја помагаше австриската реакција? Хрватите и Словенците“ (МЕД, том 9, стр. 143).

А дека Маркс и Енгелс биле во право во однос на „словенските народи“, посебно на Балканот, покажаа настаните кон крајот на XX век. Меѓутоа, „новинарот“ молчи за тоа. Бидејќи не го прочитал не само Маркс, туку и националниот великан на Србите – Вук С. Караџиќ кој, иако не е марксист, во своите дела дал една народна анегдота која во потполност го потврдува марксизмот како исправно учење. Таму стои:

Човек прашува друг човек:

– Имаш душман?

– Немам.

– Имаш брат?

– Имам.

– Мајка ти ти родила душман, констатира човекот што испрашува.

Антагонистичкиот карактер на општеството констатиран е и во народното творештво, само слепците од општествените квази-науки се глупи да го видат тоа. А „долгогодишниот уредник“ нема мозок да размисли и сфати зошто мајката на синот „душман му раѓа“ и до кога ќе биде така. Со вакви шкрабала и петпарачки пискарала тоа ќе трае вечно.

Под интелектуалното ниво на Маркс и Енгелс е тие да мразат некој народ. Само што Томашевиќ погрешно ги сфаќа фактите кои Маркс и Енгелс ги наведуваат во написите „Унгарската борба“, „Унгарија“ и други. Таму се даваат податоци за акциите на разни офицери и единици составени од Хрвати или Срби кои во разно време учествувале во гушење на побуните на покорените народи во Австро-Унгарија. Или, се дава анализа на стратегиската ситуација, посебно со проценка на релјефот, а новинарот го сфаќа тоа како да Маркс и Енгелс се против Србите што ги одвојувале Германците од Јадранот. Маркс само вели: „Австрија и Германија нема да го дозволат тоа од економски и други интереси“, што е и историски потврдено дека „не го дозволувале“. А новинарот веднаш им импутира „омраза против Србите“.

Во своите написи Маркс и Енгелс ги споменуваат по име и презиме голем број на офицери од српска или хрватска националност (Рукавина, Јелачиќ, Ќориќ, Шимуниќ, Стратимировиќ, Книќанин и други) кои стигнале и до маршалски титули поради својата суровост во пресметката со покорените народи. А новинарот им забележува што напишале дека еден ден сите тие недела ќе бидат одмаздени. Па, кој чесен човек, кога гледа или чуе за нечие недело, не посакува да се одмазди за тоа!

Иако во подоцнежната историја се случуваат злосторнички напади и војни на Германците против Словените, Томашевиќ нема никакво право да го интерпретира тоа како остварување на Маркс-Енгелсовите изјави за одмазда. Тој не прочитал дека Хитлер уште во 1924-та на судењето во Минхен поради обид за воен пуч, изјавува: „Сакав да станам гробар на марксизмот…“ И како може оној кој сака да стане „гробар на марксизмот“ да ја остварува волјата на Маркс и Енгелс кои се основачи на научниот социјализам/комунизам. Се гледа дека новинарот пишува само за да предизвика интересирање за неговиот напис и да му ја зголеми „пазарната“ вредност. Затоа тој е и петпарачко пискарало бидејќи таков бил и во неговиот „социјализам“. Него никако не го интересира научната вистина.

Во секое антагонистичко општество упорно се настојува вината за социјалните судири да се прикаже како вина на опозицијата или на соседните послаби народи. Тоа ние, Македонците, добро го знаеме – подобро од сите Срби, Грци, Бугари или Албанци. И Томашевиќ наместо да ги анализира фактите, тенденциозно настојува да докаже дека „основачите на научниот социјализам“ ги мразеле Србите. Зарем не гледа од своето етикетирање на Маркс и Енгелс за што се бореле тие и што им било приоритетно во нивната работа!

Маркс и Енгелс не мразеле ниту еден народ. Спротивно – тие заговараат „братство на народите“. Но, добро знаат дека додека постои приватна сопственост над средствата за производство, ништо нема од „братството на народите“. А поопштествувањето на средствата за производство наметнува укинување на стоковното производство, укинување на парите, пазарот, финансиите (камата, рента) итн. А во која „социјалистичка“ земја беше направено тоа? Во ниедна. И за каков социјализам зборува Томашевиќ, кога таков не постоел. Се гледа дека „мислителот“ е плиткоумен.

Дека Томашевиќ не е во право со своето тврдење дека Маркс и Енгелс ги мразеле Србите, еве еден Енгелсов цитат: „Сите овие префрлања би биле непотребни и неоправдани ако Словените било каде учествувале сериозно во движењето од 1848 година, ако побрзале да влезат во редовите на револуционерните народи. Еден единствен храбар обид за демократска револуција, ако дури и биде угушен, ги брише во сеќавањата на народите цели столетија на подлости и нечовештина, ги рехабилитира веднаш и најдлабоко презрените нации“, вели Енгелс во написот „Демократски панславизам“ (МЕД, том 9, стр. 233). Се гледа дека не се работи за „омраза кон Србите“ туку за „префрлања до Словените“. А Томашевиќ со тенденциозно пишување настојува да ја убеди јавноста во нешто сосема друго. Очигледно се работи за петпарачко пискарало.

„Господинот“ Томашевиќ како „професионален“ новинар треба да ја знае новинарската етика и не може да ја искривува вистината заради пазарната коњуктура. Уверени сме дека професионализмот на Томашевиќ како новинар е формиран во „социјализмот“, па токму затоа треба да знае дека, не само што има многу работи кои не смеат да се подведуваат под „пазарните законитости“, туку воопшто пазарот требаше да биде историја на кој ќе му се смееја сите сегашни и идни генерации. Но, со „новинари“ како Томашевиќ, пазарот изгледа ќе биде апсолутна иднина, што ни најмалку не е ниту оправдано ниту разбирливо.

Како професионален новинар Томашевиќ сигурно ги „воспевал Маркс и Енгелс како полубогови“ во квази-социјализмот. Тоа му беше професионална обврска. Но, откога состојбата се промени привидно, божем пропадна „социјализмот“, и сега „демократските“ сили може да публикуваат и што треба и што не треба. Не мора да се мисли што ќе се пишува само ако со напишаното се осудува социјализмот и, се разбира, „основачите на научниот социјализам“. Не е важно дали напишаното има и трунка вистина во себе и дали не противречи на логиката.

Со платени пискарала народот тешко дека ќе стапне на патот до среќата.

И додека Томашевиќ со својот напис се загрнува со плаштот на бранител на Србите од Маркс и Енгелс, Момчило Селиќ во написот „Прерано, прекасно и непотполно“ се загрнува со плаштот на бранител на верата, човечноста и човештвото. Убаво, нема што.

Селиќ во својот напис не ја искривува вистината како Томашевиќ, но јасно е дека и тој не ја познава. Изразувајќи се многу пофално за Томашевиќевиот напис, тој исто така се сврстува во „судиите“ на марксизмот, иако истиот не го познава.

Една народна пословица вели: „Немој да зборуваш лошо за коњ што не си го јавал“. А Индијанците, иако „дивјаци“ (според мерилата на „цивилизираните“ Европјани кои ја уништија индијанската цивилизација), велат: „Немој да зборуваш ништо за човек чии мокасини не си ги носел петнаесет дена.“

Селиќ, мора да се признае, иако „има многу што не смее да се опрости“ – како вели сам, е застапник на „простувањето“. Ние би кажале поинаку: „Не греши за да не мораш да се каеш“. Но, за да не грешиш – мораш да ја познаваш научната вистина.

На многу луѓе уште пред 1975 година им беше јасно дека со „социјализмот“ нешто не е во ред. Тоа се согледуваше дури и претходно поради што уште во 1964 година беше преземана „мала стопанска реформа“ а во 1965 година и „голема“. Но, не смееше никој да го коментира тоа. А одговорот зошто не му одело на „социјализмот“ бил во Маркс-Енгелсовите дела. Едноставно, во „социјализмот не се произведуваат разменски вредности“ – така велат Маркс и Енгелс. И покрај сета поповска помирителност на Селиќ, констатираме дека тој ниту го знае тоа ниту што произлегува од тоа. А си зема за право да го воспева написот на Томашевиќ.

Селиќ е против марксизмот (под кој го подразбира ленинизмот), но е и против неоколонијализмот односно неокапитализмот и новиот светски поредок. А за што може да биде тогаш! За „божјо царство на земјата како и на небото“. Но, тоа се проповеда повеќе од два милениума, па, сепак, го нема никаде на повидок, иако Исус рекол: „Се приближи царството Божје“ и „Овој нараштај нема да помине додека не се оствари царството Божје“. Дури на некои луѓе им вели: „Царството божје е во тебе.“

Од напишаното се гледа дека Селиќ е за „сомилост, солидарност и љубов“, што би требало да значи дека е алтруист. Но, како и во претходниот пасус, ќе констатираме дека христијанството ги проповеда овие доблести уште од Исус наваму па луѓето од ден на ден се сè „полоши и полоши“. Изгледа дека е точна онаа Марксова мисла за битието и свеста со која Маркс тврди дека битието има одредувачка улога кон свеста. Меѓутоа, како да стварноста го демантира Маркс, бидејќи и оние кои живеат добро се дури полоши од оние кои живеат лошо. Но, не е така. Вистина е дека и оние кои живеат добро се полоши од оние кои живеат во мизерни услови, но нивната лошотија потекнува оттаму што тие со методите на стоковното стопанисување дошле до „својата“ материјална благосостојба, па сега мора да ја штитат на секој начин и со сите подлости.

На сета оваа општа лошотија верниците би кажале дека луѓето се во власта на „Сотоната“ и ќе почнат да проповедаат како да се спасиме од тоа. Но, да ја оставиме идеологијата и да се држиме за фактите, кои се многу незгодни, бидејќи „кога фактите зборуваат и боговите молчат.“

Марксизмот целиот се состои од факти, во него нема ни идеологија ни лажење кои се идентични. Факт е дека „секој може да произведе повеќе отколку што му е потребно“. Како може некој со погрешно толкување на поимот приватна сопственост да го негира тој факт за мнозинството луѓе! Ете ја „сотоната“! Поборниците на приватната сопственост над средствата за производство не само што погрешно ја сфаќаат суштината на приватната сопственост, туку нивното сфаќање е спротивно на сета логика, на сите морални принципи, на сиот историски развој. Дури, замислете, му ја одземаат земјата и на „бога“. Бог вели: „Земјата е моја а вие луѓето сте гости кај мене“, а некој си зема за право да дава „тапии“ за сопствеништво и да наплаќа данок за тоа. Каква иронија, ние марксистите кои сме атеисти мораме да укажуваме каде се кршат „правата“ на Бога кој, изгледа, не е „семоќен“ штом не може да си ја заштити сопственоста на земјата. Ете, а сите се денес „верници“ и се убиваа меѓусебно за „приватна“ сопственост која може да се произведе за сите „според потребите“ ако средствата за производство се во општествена или „божја“ сопственост. (Заради латинската изрека: „Гласот на народот е глас на бога“, па ако земјата е „божја“, тогаш е и народна.)

Нема потреба да се докажува повеќе апсурдноста на Томашевиќевото и Селиќевото пишување бидејќи со нив се обвинуваат погрешни луѓе. И тоа луѓе кои треба да се читаат и нивните мисли да се спроведуваат во дело. Инаку нема разлика меѓу ленинисти, квазикомунисти, теисти, филозофи и слична багра која не се обидува да разбере кој и зошто погрешил, до кога може да се „греши“, и дали е оправдано да се греши ако веќе се знае како треба да се решаваат одредени проблеми.

Пишувањето на Томашевиќ и Селиќ е идеологија, лажење, оправдување на постоечката состојба. Иако Селиќ плука на марксизмот а не го сака ни неокапитализмот кој всушност и не е „нео“ бидејќи сè е како и порано и тој може да се вброи во редот на луѓето кои потпалуваат оган а не знаат што произлегува од тоа – светски пожар.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s