Шашливиот Марксов критичар Џон Зерзан

Шашливиот Марксов критичар Џон Зерзан

„Како што секој учи да пишува и чита, така и секој мора да смее да пишува и чита“, вели Маркс. Во таа смисла, убаво е што Џон Зерзан напишал текст под наслов „Практичниот Маркс“ со кој се претставува како човек кој „добро го сфатил Маркс“ и тоа од „неговиот практичен живот“.

Уште на почетокот мора да се каже дека Зерзан прави недопустлива грешка која во логиката е позната под замена на тезите. Тој зема моменти од личниот и семејниот живот на Маркс, кои воопшто не се важни за неговото научно творење, и настојува со тоа да го дискредитира Маркс како научник. Тоа е одамна позната појава во човечката историја за нескладот на зборовите и делата заради што и пишува во Библијата: „Не гледајте го попот што прави, туку слушајте го што зборува“. Но, Зерзан воопшто не е во право што, иако несвесно, и Маркс го подложува на истото.

Во науката е важно што човек придонел на научно поле а не каков бил во приватниот и семејниот живот. Може научникот да биде пијаница, коцкар, прељубник и сл., но тоа воопшто не значи дека неговото научно творење е неисправно. Бенџамин бил циник кој знаел многу горко да се шегува со луѓето поради нивните предрасуди и суеверија, но неговиот громобран ништо не губи од својата функција.

Точно е дека на Маркс му умреле повеќето деца, но што е виновен тој за тоа? И зошто неговиот научен придонес би бил компромитиран со тоа?! Оставаме на читателите да заклучат каков „аналитичар“ е Зерзан кој постапува на горниот начин.

И тврдењето на Зерзан за „вонбрачниот син на Маркс со Хелен Демут“ е злонамерна инсинуација со која ништо не се докажува. Пред сè, ако Маркс во студентските денови, кога можел да има девојки колку и какви сака, ѝ останал посветен и верен на Џени фон Вестфален, стопати е посигурно дека ќе ѝ остане уште поверен во деновите на прогонството од Прусија и престојот во Франција, Белгија и Англија.

Зерзан може да е роб на своите малограѓански сфаќања но тој не смее овие сфаќања да ги припишува на другите. Х. Демут е пет години помлада од Маркс и таа е пред сè куќна помошничка која со Џени фон Вестфален доаѓа во семејството на Маркс. Но, човек со такви интелектуални перформанси, со такви општествени ангажмани, со такви уреднички и новинарски должности и на крајот со таква студиозна работа не би си дозволил да си има работа со куќната помошничка. Просто ниту би имал време, ниту можност за такви глупости како што пишува Зерзан. Но, изгледа ќе мора да се сложиме со онаа народна пословица за Зерзан, која вели: „Глупавите немаат рогови, тие се познаваат по зборовите“.

Причини да не се верува дека Маркс бил татко на Фредерик Левис Демут (1851-1929):

  • нема директен доказ кој јасно се однесува на оваа работа;
  • директен доказ од преписка дека оние во контакт со Фредерик не се интересирале околу неговото потекло по татко;
  • директен доказ од преписка дека оние кои се интересирале за оригиналниот „скандал“ не биле во несогласица меѓу себе од 1850 година па натаму;
  • директен доказ дека Енгелсовите „претсмртни“ откровенија во 1895 година не го измениле она што веќе било познато;
  • нема извор за било какво интересирање околу ова прашање освен забелешката на Лујз Кауцки (1864-1944) и Енгелсовото наводно тврдење (во 1890-тите), освен советот од Бебел дека Лујз му кажала нешто околу Енгелс/Маркс/Фредерик во раните 1890-ти години; сеќавањето од Цеткин дека Елеанора Маркс (1855-1898) ѝ кажала дека Маркс бил татко на Фредерик; и тврдењето на заинтересираниот Фредерик само за сопствените интереси дека бил „син на големиот Маркс“;
  • недостиг на запишана забелешка на темата од бројни луѓе за кои се тврди (од Лујз или Цеткин) дека „знаеле дека Маркс е татко на Фредерик“, на пример Џени фон Вестфален, Карл Маркс, Елеанора Маркс, Лафаргови, Џени Маркс Лонге, Енгелс, Лудвиг Фрејбергер, Леснер, Пфендер, Парвус (псевдоним Александар Лазаревич Гелфанд или Хелфанд), Тања Хелфанд (жената на Парвус), „пријател на Бернштајн“ итн., освен самопрогласените скептици Бернштајн и Кауцки (доколку ние ги имаме нивните директно запишани забелешки, кои ниту Лујз ниту Цеткин ги користат директно);
  • Бернштајн (во 1898 година) и Кауцки (во 1929 година) велат директно дека тие не веруваат на забелешката на Лујз и Енгелсовото наводно тврдење, или дека тие не се убедени од она што го слушнале, давајќи свои објаснувања (на пример, дека тоа било против карактерот на Маркс да го направи, и дека во карактерот на Лујз е да фантазира);
  • забуна околу можното писмо кое би ја потврдило тезата дека „Енгелс го прифатил татковството за да го извлече Маркс од брачна неволја“ (се разбира, таткото на Фредерик би можел навистина да биде било кој друг, дури ако Маркс имал афера и мислел дека тој му бил татко и поради тоа да сакал да ја „пренесе“ таа одговорност на Енгелс);
  • Лујз имала уште 52 години живот за да ја раскаже приказната, и немало очигледна причина зошто не (односно за разлика од Цеткин, таа не била политичко лице, ниту дури партиски симпатизер)[1].

Непобитно е дека Џени фон Вестфален учествувала во уредувањето на некои Марксови дела, но сигурно е дека таа не „останала глува и со лузни“ поради тоа.

Не е Маркс единствен чии што приходи биле помали од потребите. Марксовото семејство само е една од многубројните кои станале жртви на законот кој го формулирал Енгелс и кој гласи: „Неминовен закон на секое општество кое се базира на производство на стоки и на размена на стоки, е да во него расподелбата на имотот е сè понееднаква, а спротивноста меѓу богатството и сиромаштијата сè поголема, имотот се концентрира во сè помал број раце, средствата за производство и средствата за живот се концентрираат во раце на една бројно мала класа, а другата помногубројна е доведена во положба на пролетери лишени од секаков имот“ (Маркс-Енгелсови дела, том 30, стр. 396).

Зерзан мора да го знае тоа кога го „анализира практичниот Маркс“, но тој не сака да го знае бидејќи тогаш отпаѓа неговата гледиштна точка од која сака да го побива Маркс.

Зерзан сака да се прикаже како наклонет кон работничката класа и зборува за „безмилосните закони на капиталистичкиот развој“, но не може ако не изнесе пак некоја глупост против Маркс. Така пасусот го завршува со тврдење дека Маркс иако „го осудува уништувачкиот ефект на слободната трговија врз работничката класа, го прифаќа таквиот развој. И на сличен начин … заклучува дека колонијализмот, со сета беда и смрт … во целина е добро нешто, како и самиот капитализам … затоа што на крај ќе доведе до револуција.“ Исто такво чудовишно тврдење изнесува и најектремниот капиталистички апологет, австрискиот економист Лудвиг фон Мизес во збирка говори насловена „Разобличен марксизам од заблуда до пропаст“, каде вели: „Карл Маркс, во вториот дел од својата кариера, не бил интервенционист; тој фаворизирал laissez faire. Бидејќи тој очекувал слом на капитализмот и дека замената со социјализмот ќе дојде од целата зрелост на капитализмот, фаворизирал непречен развој на капитализмот. Во овој поглед тој бил, во своите пишувања и во неговите книги, поддржувач на економската слобода.

Маркс верувал дека интервенционистичките мерки биле неповолни бидејќи тие го одложувале доаѓањето на социјализмот. Синдикатите препорачувале интервенции и, според тоа, Маркс бил против нив. Синдикатите не произведуваат ништо во секој случај и би било невозможно да се зголемат цените на наемнините доколку производителите всушност не произвеле повеќе.[2]“

Прво, Маркс не бил благонаклонет кон непречен развој на капитализмот, како што тврдат Зерзан и Мизес: „За да се „одбранат“ себеси од змиите на своите маки работниците мораат да се соединат, да ги стегнат своите редови и како класа да извојуваат државен закон, моќна општествена пречка, што ќе ги спречува дури самите нив да се продаваат себеси и својата порода во смрт и ропство врз доброволен договор со капиталот“[3].

Второ, Маркс не бил против делувањето на синдикатите, туку тој бил против нивната агенда за „праведна надница за праведен работен ден“, барајќи неа да ја заменат со агенда за укинување на самиот наемен систем на плаќање на работничката класа. Во својот говор „Вредноста, цената и профитот“ од 1865-та, Маркс доаѓа до заклучокот дека барањето на праведна надница за праведен работен ден е неефективна мерка против законот за опаѓање на просечната профитна норма кој подразбира намалување на надниците како капиталистите би ги надоместиле загубите на профит или пак бидејќи капиталот е општествен однос (изразен во хартии од вредност) тие лесно би го преселиле капиталот во други земји каде има релативна пренаселеност, според тоа поголема конкуренција меѓу работниците, па пониски надници и како резултат на тоа изобилство на нов капитал. Затоа Маркс категорично се изјаснува против синдикалното барање за повисоки работнички плати: „Наместо конзервативното мото: „Праведна надница за праведен работен ден!“ работниците треба да ја испишат на своите знамиња револуционерната максима: „Укинување на наемниот систем!“ Синдикатите генерално не успеаја поради себеограничување на герилска војна, против ефектите на постоечкиот систем, наместо истовремено да се обидуваат да го изменат, наместо да ги искористат своите организирани сили како лост за завршна еманципација на работничката класа односно крајно укинување на наемниот систем“.

И трето, според многу современи левичари, вклучително и Зерзан, „Карл Маркс рекол дека капитализмот ќе се сруши по себе бидејќи едноставно таков систем е неизбежно да се самоуништи“. Дека Маркс предвидел пропаст на системот … нема текстуална поддршка за ова тврдење … во неговата презентација на трудовата теорија на вредност или каде било во том III од Капиталот. Маркс предвидува дека тенденциите на системот ќе резултираат со општествена револуција („Експропријаторите бидуваат експроприрани“), и не поради некаква пропаст, туку поради централизацијата на капиталот и растечкиот револт на работничката класа.[4]

Зерзан, изгледа, се држи за онаа малограѓанска изрека: „Во љубовта и војната сè е дозволено“. А тука не се работи за никаква љубов туку за манијачка склоност да се компромитира Маркс. Во таа смисла следи изнесување на податоците дека сè било однесено во заложувалница. И се разбира, реакцијата на Маркс кон Џени кога разбрал дека таа „задржала мал дел од нејзиниот неделен надоместок со цел да скрпи крај со крај“. Ако сеќавањето не нè лаже, Џени никогаш не била во некој работен однос од кој би добивала „свој неделен надоместок“.

Ако „резонираме“ со ганглиите на Зерзан дека Енгелсовата „Состојба на работничката класа во Англија од 1844, била плод на практичен бизнисмен, човек токму од онаа класа одговорна за ужасната беда што тој толку прецизно ја опишал“, тогаш „треба да му забележиме“ и на Роберт Овен што бил капиталист, а да го пренебрегнеме фактот што како фабрикант со комунистички убедувања внесе во животот на работниците многу новини, кои значеа подобрување на нивната положба и водеа кон реформација на капиталистичкото „општество“, почнувајќи од смалување на работното време (тој значително го скусува работното време во тогашните услови на 10,5 часови) и воспитување на децата во детски домови и градинки, кои тој првпат ги воведува, па до образованието на работници итн. Енгелс не сакал да ја има трговијата за своја професија, која според негови сопствени зборови е „ѓаволски досадна работа“, но бил принуден за тоа како би можел да го финансира издавањето на своите и Марксовите дела. Тој дури подоцна оди во крајност што го продава својот дел од акцискиот пакет на својот партнер во фирмата како би се посветил на она што го исполнува духовно – да го развива социјализмот во наука, да влијае со својата критика на работата на Втората интернационала и да ги споделува своите знаења и искуства со револуционери кои доаѓале во неговиот дом од цела Европа. Самиот „капиталист Енгелс“ како бескомпромисен комунистички мислител е феномен по себе којшто восхитува имајќи го предвид неговиот судир со авторитетот на татко му.

Зерзан ни ги „врзува рацете“ и не можеме да му одговориме бидејќи тој не се впушта во „теориите на Маркс“, туку го гледа само „практичниот Маркс“. Но, на крајот ќе се покажат магарешките уши, колку тој и да ги крие.

Иако Зерзан се „ограничува само на практичниот Маркс“, не може да помине и без давање некои „информации“ за Комунистичкиот манифест. По негово тврдење, Маркс и Енгелс во Манифестот дале само „неколку гласни антикапиталистички фрази во неговите воведни делови, а конкретните барања се градуалистички, колаборационистички и во голема мера етатистички…“ Од овие воопштени тврдења, поголеми фрази и глупости за Комунистичкиот манифест не е можно да се изнесат од нормален човек. Но, Зерзан вежба „логика“ во склад со своите тврдења горе и „открива“ „суштинска тактичка мистерија на Маркс за истовременото зајакнување на капитализмот и пролетаријатот“. И поради тоа, во наредниот пасус, тој се прашува: „Како е можно од најголемата длабочина на физичкото и културно угнетување да изникне нешто друго освен пороботизиран, понемоќен, побезличен пролетаријат?“ Па, „мислителу“ Џон Зерзан, можно е. Еве, прочитајте во том I на Капиталот:

„Со постојаното опаѓање на бројот на капиталистичките магнати кои насилно ги присвојуваат и монополизираат сите предности на тој преобразувачки процес кон концентрацијата и централизацијата на капиталот, расте масата на беда, притисок, ропство, дегенерација и експлоатација, но и револтот на работничката класа, која постојано се множи и која самиот процес на капиталистичко производство ја школува, обединува и организира…“ (МЕД, том 21, стр. 672) Значи, почитуван „мислителу“, на тој начин е можно она на што се чудиш дека е неможно – од негативното да излезе „позитивно“, како што е случајот со движењето „Occupy Wall Street“, резултирано од последиците на должничката криза во 2007 година.

Не е точно дека конкретните барања во Манифестот се градуалистички. Таму се предвидува експропријација на земјишната сопственост и проширување на националните фабрики, односно укинување на приватната сопственост, а Маркс уште во 1844 година во познатите „Економско-филозофски ракописи“ објаснува: „Дури и еднаквоста на надниците, таква каква што бара Прудон, само го претвора односот на сегашните работници кон својот труд во однос на сите луѓе кон трудот. Општеството тогаш се сфаќа како апстрактен капиталист. Надницата е непосредна последица на отуѓениот труд, а отуѓениот труд е непосредна причина на приватната сопственост. Според тоа, со отпаѓањето на приватната сопственост отпаѓа и наемнината.“ Енгелс потоа во својот популарен памфлет „Развојот на социјализмот од утопија во наука“, дообјаснува околу тоа дека национализацијата на средствата за производство подразбира и укинување на трудот како стока а соодветно на тоа и на стоковното производство: „Со земањето на средствата за производство од страна на општеството, стоковното производство е отстрането, и, истовремено, господарството на стоките над производителите. …Тоа е скок на човештвото од царството на нужноста во царството на слободата“.

Не е точно и дека конкретните барања во Манифестот се колаборационистички. Во својот напис „Селанското прашање во Франција и Германија“ од 1894 година Енгелс се присетува на неговите разговори со Маркс околу односот на идната пролетерска власт кон приватносопственичката класа: „Штом нашата партија ќе ја поседува државната власт, таа ќе мора просто напросто да ги експроприра крупните земјопоседници исто како и фабрикантите во индустријата. Дали таа експропријација ќе се изврши со отштета или без отштета, тоа повеќе нема да зависи од нас, туку од околностите под кои ќе дојдеме на власт, а особено и од односот на самите господа крупни земјопоседници. Ние никако не сметаме дека отштетата е недопуштена во сите околности; Маркс – и како често ! – ми го изнесуваше како свое мислење дека најевтино би поминале кога цела таа банда би можеле да ја исплатиме“.

Конкретните барања во Манифестот ниту во најмала мера не се етатистички. Маркс и Енгелс сосема јасно ја следиле Аристотеловата дефиниција на демократија кога тие напишале, во Манифестот на комунистичката партија, дека „првиот чекор во револуцијата од страна на работничкта класа, е да го издигне пролетаријатот до положба на владејачка класа, за да победи во битката за демократија“. Насилниот пораз на аристократската држава и воспоставувањето на пролетерска власт биле, за основачите на комунизмот, синоними со демократија. Тие зборувале во 1852 година за пролетерската власт како диктатура на пролетаријатот. „Диктатор“ е збор којшто произлегува од Римската република одошто од Грција. Тој се однесува на една личност на која ѝ било дадено привремена власт да владее со декрет во вонредна состојба. Постоело природен стремеж привремената диктатура да се изроди во доживотно владеење. Ленин и Сталин биле диктатори во оваа Римска смисла. Дали ова е тоа што Маркс мислел под диктатура на пролетаријатот? Се разбира, не. Она што тој мислел било мнозинска демократија слободна од окопените уставни права коишто ја бранат приватната сопственост.[5]

Маркс и Енгелс се две личности во едно дело – научна анализа на општествената стварност. Нивни начин на соработка, договорен уште при првото среќавање во Париз, е: Ниту еден од нив не смее да објави нешто во колку тоа не го прегледал другиот и не дал забелешки кои ќе бидат прифатени или аргументирано одбиени. Затоа зад секој збор на Маркс стои Енгелс и обратно. Тие двајцата ако „заговарале буржоаска револуција, а не социјалистичка“ тоа го правеле од чиста причина што во тој момент буржоазијата е најјаката економска и политичка сила која може да раскрсти со феудалните остатоци кои уште се доста јаки во Германија – која во тоа време се состои од над триесетина независни држави, кнежества и самостојни градови – и уште не дошол моментот кога „работничката класа и буржоазијата ќе останат два осамени борци на политичката арена“, како вели Маркс. Па, дури и кога таа ќе се случи (Октомвриската револуција) и кога пролетаријатот ќе победи со оружје на бојното поле, тој ќе ја изгуби својата својата победа поради заблудите и илузиите на Ленин кој, за жал, не разбрал сè што треба од марксизмот. Нашиот „мислител“ Зерзан наместо да се занимава со тоа, тој со „замена на тезите“ настојува да го компромитира Маркс. Значи, без основа се тврдењата на Зерзан за заговарање на буржоаска наместо социјалистичка револуција. Самиот Маркс во писмото до Вера Засулич од 1881 тврди дека социјализам во Русија е можен на алтернативен начин, дека не е неопходно за руското општество да помине низ неколкувековниот долг процес на земјоделска и технолошка модернизација низ којшто Англија поминала, туку Русија може едноставно да ги усвои современите технологии сега расположливи. Освен со Засулич, Маркс се допишува и со други личности од Русија (Ањенков, Даниелсон и уште многу други) со кои расправа за можноста руската општина (облик на заедничка земјишна сопственост како индиската општина, германската марка или српската селанска задруга) да се преведе директно на комунистички начин на стопанисување.

„Мислителот“ изгледа ќе прочита нешто и тоа буквално ќе го сфати. Да, Маркс наметнувал своја „диктатура“ која ја признава и Енгелс и за неа пишува, но тоа е диктатура на знаење и нужност да се направи сè што е потребно за да весникот излезе на време, да објави што треба и да се достави тоа до читателите. Зад „диктатурата“ на Маркс стои интересот на акционерите кои го формирале весникот и интересот на читателите, а не личните хирови (каприци) на Маркс. Спротивно, тој целиот свој живот го посветува на борбата на работниците и на воспоставување на оние идеи кои еден еден ќе доведат до владеење на пролетаријатот (МЕД, том 29, стр. 133). Во таа смисла, немаат никаква основа тврдењата на Зерзан за некаква неконзистентност на учењето на Маркс и Енгелс за воспоставувањето власт на пролетаријатот. Злонамерно е тврдењето дека Маркс „одбивал да заземе радикален став кон конкретната ситуација или во борбата за интересите на работничката класа.“

Дека Маркс заземал такви ставови и погледи од интерес за работничката класа доказ е тоа што министерството за внатрешни работи одредило постојан цензор во редакцијата на весникот, кој им забранувал дури да публикуваат и делови од „Божествената комедија“ под изговор: „Со бога не треба да се игра“. Но, „мислителот“ Зерзан тоа не го знае затоа што не се заинтересирал да прочита. Тој не знае или не сака да знае дека по тогашниот кривичен закон, параграф 151 е регулирано: „Кој дрско, без почитување ги прекори или се потсмее на земските закони и одредби во државата и со тоа предизвика негодување – ќе се казни со затвор или утемничување од шест месеци до три години“. Но, и покрај тоа, Маркс објавува разни написи кои одат во прилог не само на работничката класа, туку и во корист на широките народни маси: укинување на даноците, цензурата, законот за кражба на дрва, заштитата на дописникот од Мозел итн.

Тоа што Маркс пишува за економијата и за економските кризи тоа е сосема оправдано и разбирливо. Пред Маркс сите гледаат на економските кризи како на природна појава која не е можно да се избегне. А Маркс, прв во човечката историја, објаснува и докажува дека тие настануваат како последица на приватната сопственост над средствата за производство, што е најреволуционерно откритие дотогаш и кое ќе промени многу работи во историјата оттогаш. „Мислителот“ Зерзан требал да го прочита само предговорот кон првото издание на „Капиталот“ и ќе го најдел наведеното. Но, тој не сака да се занимава со „теорија“, тој се држи само за „практичниот Маркс“.

Против тврдењата на Зерзан дека Маркс „одбива да прифати дека работниците како субјекти би можеле да делуваат – и дека делувале – на своја сопствена иницијатива“ и „неговата незаинтересираност за субјективитетот на мнозинството луѓе, за нивната потенцијална автономија, имагинација и сила“ стојат исправено Маркс-Енгелсовите изјави. Еве на пример што тој пишува во март 1870 година за улогата на Англија и нејзината работничка класа во меѓународното пролетерско движење: „Тоа е единствена држава во која скоро нема селани и каде сопственоста над земјата е концентрирана во малку раце. Тоа е единствена држава во која капиталистичката форма, т.е. соединувањето на трудот во широки размери под власт на капиталистичките работодавачи, го опфатила скоро целото производство. Тоа е единствена држава во која огромен број од населението сочинува наемни работници. Тоа е единствена држава во која класната борба и организирањето на работничката класа во синдикати достигнале одреден степен на зрелост и сеопштост. Благодарение на своето господарење над светскиот пазар, Англија е единствена земја во која секој пресврт во стопанските односи мора веднаш да се одрази во целиот свет. Ако Англија е класична земја на лендлордизмот и капитализмот, во неа, од друга страна, повеќе од било каде на друго место созреле материјалните услови за уништување на лендлордизмот и капитализмот. Англичаните ги имаат сите потребни материјални предуслови за социјална револуција. Она што им недостасува – тоа е духот на воопштување и револуционерна страсност.“ Или примерот со писмото на Енгелс до Х. Штаркенбург (25 јануари 1894 год.): „Ние гледаме на економските услови како на причина која во последен момент го условува историскиот развиток. Политичкиот, правниот, филозофскиот, книжевниот, уметничкиот итн. развиток почива на економскиот. Но, сите тие реагираат и еден на друг и на економска основа. Не е точно дека економската состојба е единствено активна причина а сè останато е само пасивна последица. Не, туку постои взаемно дејство на основа на економска нужност, која во последен момент секогаш се пробива. …Не е така, како што овде и таму слободно се замислува дека економската состојба автоматски делува, туку луѓето ја создаваат својата историја сами, но во една одредена средина која ги условува, врз основа на затекнатите, реални односи, од кои економските, па колку и да на нив влијаеле останатите политички и идеолошки односи, сепак во последен момент одлучуваат, и тие ја прават онаа непрекината црвена нишка која единствено води до разбирање.“

Маркс од своето основно сфаќање дека „целта и историската акција“ на пролетерот се „предзназначени јасно, неодменливо во неговата сопствена животна ситуација“, па „не се работи за тоа што овој или оној пролетер или дури целиот пролетаријат во дадениот момент замислува како своја цел“, туку што тој „сообразно на своето битие ќе биде историски принуден да го направи“ – Маркс од тоа сфаќање извлече заклучок дека: „ослободувањето на работничката класа мора да биде дело на самата работничка класа.“ Таа мисла Маркс ја стави како прва реченица во Општиот статут на Меѓународното работничко здружение. Тезата за самоослободувањето на пролетаријатот од моментот кога ја усвои во парискиот период на својата младост (во 1844 година, во статијата „Критички забелешки кон статијата на еден Прус“), Маркс ја истакнуваше непрекинато сè до својата смрт. Тоа е една од оние мисловни новини со кои Маркс ги надминува социјалистите-утописти кои во „Манифестот на комунистичката партија“ ги критикува токму затоа што „во пролетаријатот не гледаат историска самоактивност, никакво нему својствено политичко движење“. Така овој поим историска самоактивност (historische Selbsttätigkeit) на работничката класа уште еднаш укажува на втемеленоста на тезата за самоослободувањето на пролетаријатот во самото општествено битие на пролетаријатот.

Кон „менталитетот на владејачката класа“ Зерзан го „додава однесувањето на Маркс кон своите деца кои израснале под неговиот цврст викторијански авторитет“. Што имаат врска тие два поими меѓу себе и со Маркс како научник? Никаква. Но, и тоа добро му доаѓа за да фрли црно светло на Маркс. Зерзан да го прочитал само „Писмото од Маркс до татко му“ (МЕД, том 1, стр. 9-17) и ќе увидел дека не може и не смее да ги искривува фактите за да оцрни човек кој има не само почит кон својот татко и својата девојка, туку и толку огромно разбирање на правната и филозофската материја која ја разгледува во ова писмо. Но, што еден малоумник може да разбере од тоа? Навистина, во право е К. Чапек кога вели: „За денешниот свет најголема опасност претставуваат учените глупаци“. Тврдењето на Зерзан дека Маркс „ѝ забранил на Елеонора да се гледа со Лисагарај (Lissagaray), комунар кој сам ја бранел последната барикада во Париз“ не е вистинито. Бидејќи младата Елеонора имала депресија, нејзиниот татко ја прифатил врската меѓу неа и Лиса. Но, кога таа наполнила 25 години, кратко после смртта на својата мајка, Елеонора одлучила да му раскине на Лиса.

Според Зерзан, „уште на почеток, Марксовите први сојузници биле синдикални бирократи, а неговиот политички приод, кој со „отворен говор“ го забранувал истакнувањето радикални цели, бил целосно реформистички.“ Марксовите сојузници не биле „синдикални бирократи“ туку, на пример, чевлар (Оџер), столар (Кример) и подврзувач на книги (Готард). Нивниот комитет изработил повик во кој е речено дека конкуренцијата и разединетоста во редовите на пролетаријатот ја спречуваат борбата за подобрување на неговата економска положба, бидејќи сопствениците на претпријатијата секогаш се закануваат со увоз на „Французи, Германци, Белгијци или други, кои ќе ја одработат нашата работа за пониска плата. Наш принцип е да не им дозволуваме на сопствениците на претпријатијата да нè спротивставуваат“, пишувале работниците. На пример, во 1866 година, во Лондон почнал голем штрајк на кројачите. Во Франција и Белгија членовите на Интернационалата објавиле повик до работниците да не го разбиваат штрајкот. Генералниот совет нашол начин да спречи увоз на индустриски работници во Англија и како резултат на тоа Здружението на новиот синдикат Сојузот на ѕидарите, во кој членувале 28 илјади работници, објавил дека се придружува на Интернационалата. Како што нагласува Маркс во Манифестот на комунистичката партија: „Ова организирање на пролетерите во класа, а со тоа во политичка партија, секој момент пак станува разбиено со конкуренцијата меѓу самите работници.“ Но, борбата продолжува и „организацијата постојано повторно се раѓа, сè појака, поцврста и помоќна.“ Ако напорите на Интернационалата да се спречи оваа конкуренција меѓу работниците за да се создаде простор за организација на пролетерите во класа односно во политичка партија која би претставувала реална закана за капиталистичкиот поредок се реформистички, тогаш не знаеме што би било друго радикална цел.

Маркс ја објаснил и улогата на синдикатите како обединувачки центри против „реакционерните обиди на капиталот“. Тој докажал во својот реферат за Генералниот совет под наслов „Надница, цена и профит“ дека капиталистите секогаш тежнеат да ја намалат надницата до минимум. Ако работниците не се борат против тоа тежнеење на капиталистите, тие би се „претвориле во безоблична маса од бедници осудени на смрт… Ако работниците бојазливо се предаваат во своите секојдневни судири со капиталот, тие без сомнение би изгубиле способност да започнат какво било движење од пошироки размери.“ Според тоа, организирањето на синдикатите е неопходна а не реформистичка потреба за пролетаријатот. Но, Маркс во исто време предупредува дека не треба да се преувеличува „конечното дејство на секојдневните борби“ на синдикатите. Синдикатите не се борат против капиталистичкиот систем, туку против неговите последици. Синдикатите применуваат „полумерки со кои не се лечи болеста. Поради тоа, работниците не треба да се ограничуваат исклучиво на тие неизбежни партизански судрувања“ со кои се занимаваат синдикатите. Наместо конзервативната девиза: „Правична надница за правично работно време“, тие треба да испишат на своето знаме револуционерна парола: „Укинување на системот на наемен труд“. Понатаму Маркс вели: „Синдикатите како центри на отпор“ против наездата на капиталот мораат „да ја искористат својата организациска сила како лост за целосно ослободување на работничката класа, т.е. за дефинитивно укинување на системот на наемен труд.“

Буржоаско-пацифистичкиот Сојуз за слобода и мир, кој е основан во септември 1867 година, почнал да бара помош од Интернационалата. Генералниот совет на Интернационалата донел одлука да не учествува на конгресот на Сојузот. Тоа се (прудонистичките) анархисти кои после Лозанскиот конгрес учествувале на конгресот на Сојузот, а некои меѓу нив ѝ ветувале на буржоазијата дека ќе ѝ помогнат во нејзината борба за демократски реформи, додека Сојузот возвратил со тоа што ветил дека ќе се бори за економско ослободување на пролетаријатот. Но, тоа зближување на буржоазијата со анархистите било само привремена појава.

„Можат да бидат напишани томови… за манипулациите на Маркс“, пишува Зерзан. Навистина сме „големи наивци“ кога во 46-те томови од Маркс-Енгелсовите дела не откривме и не можеме да откриеме никаква манипулација. И колку „голем генијалец“ е Зерзан кој открива безброј манипулации на Маркс – и тоа не читајќи ги неговите дела. Да, навистина, на „глупаците и на Бога сè им е можно“.

Зерзан продолжува со лажните и клеветнички тврдења: „Кога во 1868 белгиската делегација на конгресот на Интернационалата во Брисел како одговор го предложила генералниот штрајк наместо војна, Маркс ја отфрлил таа идеја како „глупост“, како причина наведувајќи ја „недоволната развиеност“на работничката класа.“ Во својата резолуција за војната конгресот ги повикал работниците „да направат сè што можат да не допуштат да дојде до војна меѓу народите.“ Во случај да дојде до војна, конгресот им препорачал на работниците да го прекинат производството и да стапат во штрајк. Бидејќи одбил да учествува во работата на Сојузот за мир и слобода, конгресот предложил неговите членови да се приклучат на Интернационалата, како би се придружиле на нејзините напори во борбата против војната.

„Слабостите и контрадикторностите на следбениците на Прудон и Бакуњин се ирелевантни“, тврди Зерзан. Да, за глупаците кои не водат сметка за научната вистина. Меѓутоа, еден авторитет од теоретската физика вели: „Непожелно е да се верува во некое тврдење ако претпоставката дека тоа е точно е без секаква основа… Секако, таквото мислење, кога сите би го усвоиле, потполно ќе ги измени општествениот живот и политичкиот систем; но, фактот дека и двата денес се без грешка очигледно не му оди во прилог“. Да илустрираме:

 

  1. Сите веруваа во социјализмот по Ленинов терк а не по Марксов. Дури велеа: „Социјализмот е светски процес бидејќи опфаќаше преку 60% од населението во светот.“ И каде е денес Лениновиот социјализам? Го нема. А зошто? Тоа нека одговори „мислителот“ Зерзан кој треба да напише „многубројни томови за махинациите на Маркс“;
  2. Цел свет верува во парите и во капитализмот. Дури и најжестоките „противници“ на капитализмот проповедаат капиталистички мерки за излез од светската криза. И каде е излезот? Сигурно „мудрецот“ Зерзан ќе ни го покаже со неговите глупости против Маркс. (Немаме намера да ги докажуваме ненаучните методи на анархизмот во организирањето на општеството и решавањето на општествените проблеми. Тоа го направиле Маркс и Енгелс со Марксовото дело „Беда на филозофијата“ напишано против Прудон и „Заговор против меѓународното здружение на работниците – извештај за работата на Бакуњин“ напишан заедно од Маркс и Енгелс а по налог на Хашкиот конгрес. Види МЕД том 29, стр. 273-398.)

 

„Мудрецот“ Зерзан не сака многу да чита, а кога чита, од причини познати само нему, тој ги гледа само „манипулациите“ на Маркс! Навистина многу чудно! И заради објективно информирање на читателот сега друг ќе мора да докажува дека навистина е точна онаа филозофска изрека дека „една будала за седум минути може да постави повеќе прашања отколку што можат седумдесет мудреци да одговорат за 100 години“.

Маркс не бил „опседнат со воени судири меѓу прогресивните и непрогресивните држави“, туку тој со Енгелс настојува за читателите на весниците во кои пишува да ги објасни корените на судирите меѓу државите и да го предвиди развојот на борбените дејства што во многу случаи се покажуваат како точни. Тоа е случај со Кримската војна, Пруско-Австриската војна, Француско-Пруската војна итн.

Според марксизмот не постојат „напредни“ и „назадни“ држави бидејќи „државата е непотребен израсток на човечкото општество и инструмент во рацете на владејачките против подјармените класи… државата никогаш нема да најде причина на општествените болести во државата и општественото уредување“, вели Маркс. Според тоа, Маркс не „е опседнат со војните…“, туку Зерзан е опседнат на секој начин да го компромитира Маркс.

Каков апсурден заклучок извлекува Зерзан од следниот став од „Првата адреса по повод Француско-Пруската војна во 1870“! „Ако германската работничка класа дозволи сегашната војна да го загуби нејзиниот стриктно одбранбен карактер и дегенерира во војна против францускиот народ, победата и поразот ќе се покажат подеднакво катастрофални“. (МЕД, том 28, стр.5) Од овој став Зерзан заклучува: „Оттука, колежот на француските работници е префинет и добар – но само до одредена точка. Овој врв на цинично калкулантство делува навистина неверојатно…“ Каква патолошка изопаченост да се плука на сè што кажал Маркс, иако зад кажаното стојат потписи на целиот Генерален совет на Интернационалата (21 член) каде го нема Маркс, уште потписи на девет лица – секретари-кореспонденти меѓу кои Маркс како секретар-кореспондент за Германија и потписите напретседавачкиот, благајничкиот и генералниот секретар. Но, Маркс е тој кој „цинички калкулира со колежот на француските работници.“

Маркс не „калкулира цинички“, туку секогаш изјавувал дека е противник на сите војни, а сета своја активност ја насочува, како што е наведено напред, на воспоставување на власта на работничката класа. И како може некој да го обвинува за „циничко калкулирање со колеж на работниците од некоја нација“. Тоа може само „полуидиот со потенцијал да стане потполн идиот.“

„Марксовиот негативен став кон востанието на парижаните е добро познат“ само на „мудрецот“ и „генијален идиот“ Џон Зерзан, кој може да измислува такви бесмислици. Пред сè, Маркс уште многу одамна му пишува на Енгелс: „Експлоатацијата на работниците претставува вообичаена премногу постојана работа за да нашите официјални „демократи“ би ги сметале работниците нешто друго освен суровина згодна за агитација, експлоатација и за експлозив, чиста топовска храна…“ (МЕД, том 10, стр.153) А оттука следи дека секоја акција на работниците треба да биде организирана, обезбедена (материјално и безбедносно) за да биде успешна. Затоа тој и вели: „Смешно е без познавање на околностите, без никаква смисла и разум да се повикуваат работниците на револуција.“ (МЕД, том 7, стр. 293) Затоа на друго место тој вели: „Побуната и револуцијата се разликуваат.“ (МЕД, том 6, стр. 310)

Неосновано „мудрецот“ го напаѓа Маркс за негативен став и за револуцијата во Германија 1848 год. и за Париската комуна 1871 год. „Мудрецот“ да прочитал една страница од Енгелсовата „Германска кампања за државен устав“ ќе увидел дека и двајцата имаат земено активно учество во Германската револуција. А не остануваат до крај во неа затоа што буржоазијата бара од нив да ја напуштат борбата поради нивните револуционерни и ефикасни мерки за водење на востанието. (МЕД, том 10, стр. 91-164)

Што „Генералниот совет на Интернационалата во периодот од двомесечно постоење на Комуната, не се согласил со ниту еден збор за неа“ не е вина ниту на Маркс ниту на Интернационалата. „Мислителот“ премногу слабо ги познава работите за кои расправа. Пред сè, Интернационалата и Маркс немаат никаков удел во изведувањето на бунтот на парискиот пролетаријат кој е резултат на предавничката улога на француската буржоазија. А, откога дознаваат тие со сето срце и душа се на страна на работниците. Во интервјуто за весникот „The World“(12 август 1871) Маркс бара на тврдењето од новинарот Р. Лендор дека востанието во Париз е однапред смислено да „прво докажете дека воопшто постоел заговор и дека сè што се случило не било законита последица од постоечките околности, или, ако постои заговор, докажете дека во него учествувало Меѓународното здружение.“ Понатаму Маркс докажува дека востанието во Париз го извеле самите работници, а ако некој од раководителите тоа востание е член на Интернационалата тоа е чиста случајност. (МЕД, том 28, стр. 522)

Понатаму, да се увиди дека „мудрецот“ е сосема лош мислител и сосема лош познавач на приликите за кои расправа, ќе прашаме: Зарем завојуваните страни не преземаат секакви мерки за да спречат било каков контакт на опсадените со луѓето или организациите однадвор? Да го прашаме исто да објасни зошто англиската буржоазија го спречува објавувањето на Втората адреса на Интернационалата? Понатаму: Дали „мудрецот“ не знае дека завојуваните буржоазии дури и во војната соработуваат едни со други за сочувување на своите интереси? Дали тој знае колку француски заробени дивизии Бизмарк наоружува и ги предава на француската буржоазија за да ја загуши Комуната? Поради тоа, Жил Фавр во едно писмо ќе напише: „Ние не се браневме од пруските војници, туку од париските работници.“ (МЕД, том 28, стр. 256)

Маркс ја искористувал секоја прилика за да воспостави врска со Комуната за да ја брани нејзината битијност. „Испратив неколку стотини писма ширум светов околу вашите потреби, секаде каде што постојат нашите секции“, им соопштувал Маркса на комунарите Франкел и Варлен. Во своите директиви, кои ги упатувал до Париз и внатрешноста, во Лион, Руан и другите градови во кои биле образовани секции на Интернационалата, Маркс давал конкретни оперативни упатства. Маркс спрема француските воскликнати работници бил во однос на практичен советодавец, учесник во борбата на масата“. На 4-ти април 1871, тој им препорачал на париската востаничка организација да испрати делегати во сите поголеми центри во Франција. Маркс давал детални упатства за одбраната на Париз. Во писмото кое што го упатил до членовите на Комуната, тој барал да се утврди северната страна на монмартриските височинки, која што се граничела со пруските претстражари, бидејќи овие можеле да ги препуштат Версајците. Тоа случување покажало колку биле оправдани страхувањата на Маркс. Маркс благовремено ги известил комунарите на Тјеровите преговори со Бизмарк и на тоа дека овој ветувал помош околу угушувањето на Комуната.

Меѓутоа Маркс иако се радувал на историската иницијатива на париското жителство, во исто време и ги критикувал грешките на тие маси, ги критикувал како строг и непропустлив работнички револуционер, тој ја критикувал работата на Централниот комитет на Комуната, кој избрзал во укинувањето на своите овластувања, „великодушноста“ на Комуната кон класниот непријател, нејзината волја „да не започнува граѓанска војна“, итн. На 23-ти мај, непосредно пред падот на Комуната, Маркс се обратил кон Генералниот совет на Интернационалата: „Се плашам дека крајот се ближи, но ако Комуната биде уништена, борбата ќе биде одложена. Принципите на Комуната се вечни и не можат да бидат избришени, тие повторно и секогаш ќе бидат на дневен ред се додека работничката класа не извои ослободување од капиталот. Ма каква и да биде судбината во Париз, таа ќе го заокружи целиот свет“, пишувал Маркс во врска со Комуната. Маркс длабоко веруваше во силата на работничката класа и тој не се плашеше од привремените неуспеси и порази.

„Париз, работниците и Комуната, – речено е во Манифестот на граѓанската војна во Франција, кој го напиша Маркса, – ќе се прослават како славни стракови на новото општество. Споменот на нивните маченици ќе остане засекогаш врежан во големото срце на работничката класа. Нивните џелати веќе се скршени низ срамното дело од кое не ќе може да ги ослободат сите молитви на нивните попови“. Тоа што Интернационалата отворено ја бранела каузата на Комуната, што меѓу работниците го пропагирала нејзиното искуство, што повикувала да се следи нејзиниот пример, разгорело побеснета омраза кон Интернационалата и нејзиниот раководител Маркс. Таа омраза го достигнала својот врв кога бил објавен „Манифестот на Генералниот совет на Меѓународното здружение на работниците за граѓанската војна во Франција 1871 година“. „Манифестот“ бил објавен во име на Генералниот совет. Но, кога во буржоаскиот печат настанала хајка против Интернационалата и самиот Маркс, кога буржоазијата почнала да истражува кој е авторот на „Манифестот“, Маркс отворено изјавил дека авторот е – тој. Во јуни 1871 година „синдикалните бирократи“ (Зерзан) како Оџер и Лекрафт го нападнале Маркс поради неговиот манифест за Комуната и изјавиле дека го напуштаат Генералниот совет.

Анархистите решително станаа против поддршката на Париската Комуна во 1871-та година, без оглед во колкава мера Париската Комуна имаше благородни цели во ослободувањето на пролетаријатот, зашто Маркс за неа пишуваше дека тоа е првиот облик што ја покажува можноста за ослободување на трудот, организирано! Кога Комуната е формирана, Бакунин кон комунарите почнал да води не само пасивна, туку по своите практични последици и предавничка политика. Во април 1871 година Бакуњин му пишува на Огарев: „Премногу јасно гледам дека работата пропаднала… Ние таму нема воопшто што да правиме. Зло е да се биде мирудија во туѓа чорба, и необично непријатно, дотолку многу што тоа е потполно некорисно.“ Понатаму, Бакуњин тврдел дека организирањето на помош за комунарите би било злосторнички глупава работа.

Бакуњин и неговите приврзаници, во времето кога ја развиваа својата идеологија, единствено најдоа поддршка во слојот на пролетаријатот што ја имаше изгубено надежта, што беше разочаран и деспериран и кого Маркс го нарекува лумпен-пролетаријат. Тоа се слоеви на пролетаријатот што никогаш не успеале да ја развијат класната свест. Оние слоеви кои не стигнале до сознанието за својата вистинска класна положба. Бакуњин кај нив се обиде на демагошки начин да изнајде социјална основа за своето движење, проповедувајќи дека токму тој слој мора да ја предизвика експлозијата на гнев на масите која ќе ја разурне државната и политичката организација. Но, тој и тука историски промаши, зашто тој слој, немајќи развиена класна свест, никогаш не можеше да изведе организирана класна побуна, како што можат свесните слоеви на работничката класа.

Ако гаел надеж во лумпенпролетаријатот како револуционерна сила што ќе го урне постоечкиот експлоатациски поредок, Бакуњин не се воздржувал од лични интереси да го експлоатира богатството на својот анархистички колега Карло Кафиеро. Придружен од неаполитанскиот анархист Џузепе Фанели, Кафиеро се запознал со Бакуњин во Локарно, Швајцарија, на 20 мај 1872 година. Кафиеро, сè уште 26 години во 1872 год., добил признание како претседател на конгресот во Римини и вице-претседател на конгресот во Сен Имиер во најголем дел поради неговата улога како главен финансиер на анархистичкото движење. Тој станал нов покровител на Бакуњин преземајќи го од принцезата Зое Оболенски кога нејзиниот сопруг во странство го прекинал дарежливиот надоместок кој тој го праќал за неа до Италија и потоа до Швајцарија. Кафиеро ги плаќал трошоците за многу од делегатите. Оттогаш тој го ставил своето огромно богатство целосно на располагање на Бакуњин. Следната година тој му купил на Бакуњин „la Baronata“, вила во Швајцарија, чија поправка и подобрување во текот на следната година исцедиле поголем дел од парите кои му останале. Сепак, на крајот, настанало лично непријателство меѓу двајцата кога Кафиеро почнал да го сомнева Бакуњин за екстраваганција и најнеанархистичка посвета на материјално уживање од страна на неговата млада жена, Антониа. Расправиите околу вилата Бароната и катастрофалниот исход од востанието во 1874 година (селаните – кои требале да бидат корисници од востанието – одбиле да ги прифатат бакунистите како ослободувачи и ги предале на полицијата) мошне лошо го нарушиле односот на Кафиеро со Бакуњин, кој умрел две години подоцна. Двајцата луѓе на крајот се помириле, но Бакуњин никогаш повеќе немал доминирачко присуство во животот на Кафиеро.[6]

Џон Зерзан се осврнува на „Граѓанската војна во Франција“ за која вели дека е „пишувано од подеднакво безбедна дистанца од востанието како и класните борби во Франција за настаните од 1848-ма кои Маркс не ги поддржал…“ Наведен е напред податок за активното учество на Маркс и Енгелс во востанието и револуцијата во Германија во 1848 година. Познато е исто така дека француската влада, иако еден нејзин член му упатува покана на Маркс да се насели во Париз, не дозволува подолг негов престој, туку го прогонува во Белгија и потоа, под притисок на француската и пруската влада, прогонет е и од Белгија. Во Лондон, Маркс постојано е следен од пруски шпиони по налог на Бизмарк. И во такви услови „големиот борец“ за работничката класа го обвинува Маркса дека „пишува од безбедна дистанца“ за разните настани од револуционерното минато на работничката класа. Тој како да не знае дека на секоја спроведена акција ѝ следи анализа која треба да покаже зошто акцијата успеала или не успеала. А, понатаму, ако Маркс не се посветел на таа „теоретска“ работа, тешко дека некој друг ќе исковел „научна победа на пролетаријатот“, како што тоа го направил Маркс. Па, и покрај тоа, така сјајно искованото оружје, Ленин го исфрлил од употреба и оружената победа на пролетаријатот во револуцијата ја претворил во триумф на буржоазијата во мирот (после граѓанската војна).

Џон Зерзан наместо да го истражува тоа, наместо да одговори на прашањето како може трипати повторена историска негација да се претвори во афирмација, наместо да помогне да се расчисти конфузијата на XX век која ја создадоа несовесните шарлатани од општествено-„хуманистичките“ „науки“, тој, прикажувајќи се како душогрижник на работничката класа, се придружува на хорот на многубројните лајачи и плукачи од малограѓански сој и го „критикува“ Маркс. Тој не гледа дека Маркс и Енгелс се единствени научници чие научно дело е ненадминливо и без било какви значајни забелешки. Секој кој си дозволува да го критикува Маркс, со тоа само го покажува своето незнаење.

„Ја одбил поддршката на Интернационалата за раштрканите бунтови од летото 1871 во Италија, Русија и Шпанија –патем кажано, земји кои биле најотворени за анархистичките идеи. … Во септември е одржан последниот состанок на Интернационалата, пред фракцијата на Маркс практично да ја распушти, не сакајќи да ја прифати доминацијата на порадикалните елементи, како што биле следбениците на Бакунин.“ (Зерзан)

Најжива активност бакунистите покажале во заостанатите земји како Италија, Шпанија, Швајцарија, каде скоро уште немало крупна индустрија и каде бакунизмот живеел од бунтовничкото расположение на ситната буржоазија која пропаѓала и декласираната интелигенција. Во октомври 1871 година бакунистите одржале конгрес на своите следбеници во Швајцарија. Тој конгрес изгледал прилично жалосно: на него присуствувале сè на сè шеснаесет делегати.

Зерзан продолжува: „Буржоаскиот градуализам на Маркс дошол до израз есента 1871 на Лондонската конференција, во изјавите како оваа: „Да се доведат работници во парламент е еднакво на победа над владата, но треба да се избере вистинскиот човек“.

Главната цел на бакунистите за време на Лондонската конференција била разбивање на работничките партиски организации и зацврстување на нивната заговорничка Алијанса. На тој начин, бакунистите целосно ја предале работничката класа на контрареволуционерната буржоазија. Како што било потврдено, меѓу бакунистите имало доста полициски агенти.

Напротив, Марксовата идеја искажана на конференцијата е насочена против буржоаскиот градуализам – дека задача во секоја земја е формирањето на силна дисциплинирана работничка партија, која би била независна од буржоазијата. Настапувајќи на лондонската конференција, Енгелс рекол: „Ние сакаме уништување на класите. Како да се постигне таа цел? Со политичка власт на пролетаријатот. Но, револуцијата е највисок акт на политиката. Тој кој што го прифаќа тоа, мора да тежнее за такви средства, за такви политички акции, кои ќе подготвуваат револуција, кои ќе ги воспитуваат работниците за револуција, а без кои, уште утре после битката, работниците ќе бидат секогаш измамувани од луѓе како што се Фавр и Пи. Политиката која треба да се води е работничка политика. Потребно е да се формира работничка партија не како паразит на оваа или онаа буржоаска партија, туку како независна партија, која има своја сопствена цел, своја сопствена политика.“ Така Маркс и Енгелс енергично се бореле против секташтво и обидите работничката партија да се претвори во паразит на буржоаските партии.

Според Зерзан, „Маркс гледал мал радикален капацитет во работниците.“ Тогаш, зошто ли ја формирал Интернационалата и зошто целиот свој живот го посветил на идеите кои ќе доведат до власт на работничката класа?

И погледајте го „бисерот“ на обвинението против Маркс: „Насочен кон „непроменливите закони на историјата“, тој придонел кон наследство од милиони жртви во Првата светска војна, жртвувани со капитулацијата на марксистичките партии, кои во 1914 година гласаа за војна.“

Каков идиотизам! За „војна“ односно за воени кредити гласаа само „легалните“ социјалдемократски партии кои беа легални затоа што се откажаа од марксизмот. Руската социјалдемократска работничка партија и Српската социјалдемократска партија гласаа против. „Господинот“ не знае дека власта ги прогонуваше, апсеше, затвораше и ликвидираше сите оние за кои ќе се посомневаше дека се занимаваат со пропагирање на марксизам. Тој како да не знае дека секоја партија за која ќе се посомневаше дека е комунистичка беше ставана вон закон, имотот ѝ беше запленуван, раководството и членовите кои ќе беа уапсени беа осудувани на смрт, прогонство или повеќегодишно робување и дејноста на истата партија и раководство забранувана.

И на крајот, се гледаат „магарешките уши“ иако критизерот се труди да ги скрие зад „практичниот Маркс“. Зерзан е неуспешен во личниот живот што покажуваат неговите „теории“ кои не се неправилни бидејќи доведоа до милионски жртви.

Мора Џ. Зерзан да се прави луд штом „не знае“ кој, како и зошто ја поведе Првата светска војна. Секој учебник по историја тврди дека тоа беше „војна за нова колонијална поделба на светот“. Германија, која кон крајот на XIX век се разви во голема светска сила, бараше „место под сонцето“ и повеќе колонии. Се разбира, поголемите светски разбојници: англиската, американската, француската и руската буржоазија со душа чекаа војната некако да почне. И никој не очекуваше дека во таа војна ќе се појави некој кој е против војната, некој на чиј труд, пот и уништување тие ги градеа своите империи.

Глуп е до бескрај заклучокот на „мудрецот“ кој вели: „Одбивајќи во текот на својот живот да ги согледа можностите за вистинска класна борба, да ја разбере стварноста на животната негација на капитализмот, Маркс активно и конкретно работел за напредокот и целината на капиталистичкиот развој, што наложувало жртвување на цели генерации…“ Кога било така, какви ли будали биле Бизмарк, Гизо и уште многу други кои го прогонувале Маркс? И зошто ли го прогонувале? И зошто ли сите моќници запнале да „докажат“ дека Маркс „не е и не бил во право“? Зошто ли си создаваат толку непотребна работа?

Марксизмот (само во Маркс-Енгелсовите дела) е единствена општествена наука која не е можно никако да се побива. Целиот општествен развој на светот – концентрацијата на капиталот, осиромашувањето на работниците, развој на науката, итн. – ја докажува исправноста на марксизмот. И тоа е она што ги тера разните „истражувачи“ и „практичари“ да докажуваат само со тврдења дека Маркс не е во право. Но, една латинска изрека вели: „Негирањето не е докажување“, односно „Кој порекнува, треба и да докаже“ (Affirmati Non Neganti Incumbit Probatio).

affirmatio-non-neganti-incumbit-probatio

[1] Terrell Carver, Marx’s ‘Illegitimate Son’, 2005.

[2] Ludwig von Mises, Marxism Unmasked, FEF, New York, p. 39.

[3] Карл Маркс, Капиталот, Том 1, стр. 268. Скопје: Мисла, 1975.

[4] L’Ami du Peuple, Митот за самоуништувањето на капитализмот и потребата од општествена револуција, 2012. http://zahovistika2.blog.mk/2012/05/13/mitot-za-samounishtuvanjeto-na-kapitalizmot-i-potrebata-od-opshtestvena-revolucija/

[5] Cockshott & Cottrell, Towards a New Socialism, 1993, p. 159.

[6] Richard Drake, Apostles and Agitators. Italy’s Marxist Revolutionary Tradition.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s