Епидемија од либерализам: во одговор на текстот „Епидемија од минимални плати“ од Томас Совел

 

10308305_758567050844445_1876580620191718056_n

Црномурестиот „фридманист“ Томас Совел „аргументира“ дека поборниците на закони за зголемување на минималната плата, макар што нивните предлози се хуманитарно мотивирани, не ги гледаат негативните последици на таквите закони. Според овој идеолошки слепец:

„Земјите каде постојат закони за „минимална плата“ скоро секогаш имаат повисока стапка на невработеност од земјите кои немаат такви закони.“

Неколку западни европски држави со децидно помалку флексибилен пазар на труд отколку во С.А.Д. со стапка на невработеност од 5.6% во 2004 год., во истата година ги имале истите или дури пониски стапки на невработеност: Ирска (4.4%), Швајцарија (4.4%), Норвешка (4.5%), Холандија (4.7%), Велика Британија (4.7%), Австрија (5.3%) и Данска (5.3%).

И покрај наводната надмоќност на флексибилноста на пазарот на труд од американски тип, С.А.Д. немаат подобри резултати кои се однесуваат на стапките на невработеност за типично маргинализираните групи како што се младите луѓе (од 15 до 24 години) и оние со пониско образование, типови на групи кои најмногу би требале да имаат корист од поголемата флексибилност на платите. Стапката на невработеност во С.А.Д. кај овие групи (11.8%) е над стапките во Швајцарија (7.7%), Данска (7.8%), Холандија (8.0%), Ирска (8.1%), Велика Британија (10.9%), и други.

Стапката на невработеност во С.А.Д. за групата без средношколско образование во 2002 година била 9.9%, повисока од стапките во Норвешка (3.9%), Португалија (5.7%), Шведска (6.1%), Швајцарија (6.1%), Ирска (6.3%), Грција (6.6%), Велика Британија (6.9%), Данска (7.2%), и Австрија (7.9%).

Стапката на вработеноста спрема населението (меѓу 15 и 64 годишни луѓе) во С.А.Д. изнесува 71.2%, но сепак, многу помали и помалку флексибилни западно европски стопанства имаат повисоки стапки на вработеност спрема населението отколку С.А.Д.: Велика Британија (72.7%), Холандија (73.1%), Шведска (73.5%), Норвешка (75.6%), Данска (76.0%) и Швајцарија (77.4%).

Прегледот на овие податоци[1] покажува дека функционирањето на пазарот на труд во С.А.Д. постојано застојува во споредба со многу од помалите западно европски стопанства чии пазари на труд се типично многу поригидни отколку пазарот на труд во С.А.Д.

„Поголемиот дел од земјите денес имаат закон за „минимална плата“ но таа пракса не била одсекогаш присутна. Стапките на невработеност биле многу помали во времето кога ваквите закони воопшто не постоеле.“

Да ја разгледаме невработеноста на С.А.Д. во доцниот 19-ти век. С.А.Д. имале негативен раст на бруто националниот производ во 1874 год., 1888 год., од 1893 до 1894, и во 1896 год.[2] Овие рецесии и растечка невработеност (во периодите 1875-1878 и 1894-1898)[3] стојат во сооднос.До 1898 година упорно имало висока невработеност (во 1893 год.: 5.51%, во 1894 год.: 7.73%, во 1895 год.: 6.46%, во 1896 год.: 8.19%, во 1897 год.: 7.54% и во 1898 год.: 8.01%). Макар што С.А.Д. имале позитивни стапки на раст на бруто националниот производ од 1875 до 1878, сепак во овој период невработеноста се зголемила.[4]Во овие години стопанството на С.А.Д. страдало од рецесија, а од октомври 1873 до март 1879 (65 месечна рецесија) С.А.Д. ја имале најдолгата рецесија во својата историја. Ова е доказ дека во овие години нешто било погрешно со laissez-faire стопанството на С.А.Д. Она што вреди да се истакне е дека во 1890-тите години, С.А.Д. немале централна банка, владиното трошење одзело многу мал процент од бруто домашниот производ кое флуктуирало меѓу 2.55% и 3.62% во 1890-тите години, а тогашните влади тежнееле да спроведуваат економски политики на штедење во време на рецесија. За споредба, владиното трошење пораснало од 1897 до 1899 и ова било во сооднос со опаѓачка невработеност во истиот период, додека владината политика на фискална контракција од 1893 до 1896 е во сооднос со растечка невработеност.

Cockshott & Cottrell (1993)го откриваат класниот карактер на овие laissez-faire политики на владино штедење: „Некој којшто бил невработен одредено време, или којшто се плаши од невработеноста, ќе биде среќен поради секаква работа и нема да биде премногу пребирлив за условите. Работодавецот не се соочува со истиве присилби. Вообичаено има многу кандидати за секоја работа, така што ако едно лице се обидува да преговара за цената на својата наемнина, ќе има некој друг кој би работел за помалку. … Невработеноста функционира за да ја одржи експлоатацијата на оние што се вработени. Невработеноста делува за да се создаде пазар на труд за купувачот; за секое работно место ќе има неколку кандидати. Експлоатирачките наемни стапки нема да бидат доведени во прашање од оние кои немаат алтернатива. Синдикатите ќе се двоумат дали да штрајкуваат за повисока плата ако знаат дека работодавецот може лесно да вработи штрајкбрехери од невработените лица. Сите работници може да бидат отпуштени и алтернативен труд да биде вработен за пониски плати. Невработеноста е регулатор на експлоатацијата и е поткрепена како таква од владината политика.“[5]

„Посебен проблем е линијата на сиромаштија која владата секоја година ја поместува сè повисоко. Па така, скоро сите сиромашни Американци имаат машина за перење и компјутер. …Скоро сите Американци под официјалната линија на сиромаштијата имаат барем едно моторно возило и животен простор поголем од граѓаните на Западна Европа. Зошто овие луѓе воопшто се сметаат за сиромашни? Бидејќи владините бирократи ја креираат официјалната дефиниција за сиромаштијата…“

Американците кои заземаат третина од дното на доходовната распределба го претставуваат мноштвото од денешната работничка класа, повеќето од нив живеат во семејства поддржувани од работници во услужниот сектор на ниско платени работни места кои даваат малку бенефиции или воопшто не даваат, а повеќето од нив, вклучително мнозинството кое живее под федералната граница на сиромаштија, сами се поистоветуваат со изразот „работничка класа“ отколку „сиромашни“. Околу 46 проценти од лицата кои живеат под границата на сиромаштија се идентификуваат како работничка класа и 30 проценти се идентификуваат како средна класа. Само околу 20 проценти се опишуваат како „пониска класа“. Едно истражување спроведено од Peter Hart and Associates открива дека „работничка класа“ е терминот кој ниско платените работници сметаат дека најдобро ги опишува – околу 2/3 од ниско платените работници сметаат дека овој термин ги опишува добро.

„Не се работи за тоа што во дадениот момент замислува како своја цел, овој или оној пролетер или дури целиот пролетаријат. Се работи за тоа што тој всушност е, а што сообразно на своето битие ќе биде историски принуден да направи. Неговата цел и неговата историска акција се предназначени јасно, неизменливо во неговата сопствена животна ситуација, како и во целата организација на денешното граѓанско општество.“ (Маркс и Енгелс, Светото семејство, 1845 год.)

Како одговор на прашањето на Томас Совел за тоа „зошто овие луѓе воопшто се сметаат за сиромашни“ еве неколку горчливи факти кои го разобличуваат „американскиот сон“ во мит:

1)      Во Америка, на секои 2 минути се раѓа бебе во сиромаштија.

2)     4,500,000+ деца, или повеќе од половина од 9 000 000 деца кои живеат на социјална помош, страдаат од неисхранетост. Многу од овие страдаат од оштетување на мозокот предизвикано од изгладнување во периодот на пред раѓање и во детството.

3)     40,000,000 или повеќе се без здравствено осигурување или заштита од сериозно заболување.

4)     7,000,000 до 12,000,000 се невработени; бројките варираат со секоја криза. Растечките бројки на хронично невработени покажуваат знаци на стрес и емоционална депресија.

5)     80,000,000 живеат од доходи, според Министерството за труд на САД, под „удобна доволност“;

6)     Скоро 40 или 39.8 милиони Американци сега живеат под границата на сиромаштија, вклучително 12.9 милиони деца.

7)     12,000,000 од оние кои се наоѓаат на дното на сиромаштија страдаат од хронична глад и недоволно исхранување. Мнозинството од луѓето кои живеат на или под нивото на сиромаштија гладуваат во текот на некој период од годината.

8)    2,000,000 или повеќе се бездомници, присилени да живеат на улици или во привремени прибежишта.

9)     160,000,000+ се членови на семејства кои се задолжени, што е остро зголемување од 100-те милиони пред една деценија. Мнозинството од нив земале пари на заем не заради раскошни работи туку заради средства за живот. Растечките долгови се закануваат со финансиски слом кај сè повеќе семејства.

10)Над 2 милиони Американци ги изгубиле своите домови поради заплена од јануари 2007; 12 000 домови дневно се запленуваат.

11)  Сега, 4 милиони Американци се бездомници, живеејќи на улиците или во шаторски градови.

12)Американските пензионери изгубиле 2 трилиони долари во пензионерските фондови (од вкупно 9 трилиони долари кон крајот на 2007 год.) поради крахот на финансискиот пазар.

13)С.А.Д. се на третото најлошо ниво на доходовна нееднаквост и сиромаштија меѓу 30 држави-членки на Организацијата за економска кооперација и развој (OECD) (само Мексико и Турција се рангирани како полоши).

„Кога ќе биде донесен законот за „минимална плата“ без согледување на ваквата реалност, тогаш невработеноста кај младите драстично се зголемува, и тие се често истиснати од трката за добивање работно место. Во Европа, во државите каде владее „Државната Благосостојба“ во која минималните плати автоматски се подразбираат, ситуацијата е полоша отколку во САД. Таму невработеноста кај младите е често над 20% дури и кога нема никаква рецесија.“

Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој[6]за 2002 година во врска со учеството на младите во секоја земја кои ниту студирале ниту биле вработени, С.А.Д. со своите 7.5% не стојат особено добро и во однос на 15 до 19 годишниците и во однос на 20 до 24 годишниците. За помладата група, само Унгарија со 8%, Велика Британија со 8.6%, Италија со 10.5% и Финска со 14.8 проценти имале повисоко учество на млади кои не биле на училиште и на работа. За следната постара возрасна група, С.А.Д. со своите 15.6% заостануваат зад Данска (7.3%), Холандија (7.9%), Норвешка (9.7%), Швајцарија (9.7%), Ирска (10.8%), Шведска (11.2%), Австрија (11.7%), Португалија (12%) и Франција (14.4%).

Според Allegretto, Dube & Reich (2011),[7] законот за минимална плата би можел да ги подобри можностите за вработување меѓу обесправените работници: „Препреките за мобилност се поголеми меѓу малцинствата отколку меѓу тинејџерите во целина. Повисоката плата ги надминува постоечките препреки за вработување кои не се засновани на разлики во квалификуваност и искуство.“ Повисоката минимална плата би можела да им помогне на обесправените работници да ги покријат трошоците за наоѓање и сочувување на работно место. За периодот од 1990 до 2009, кој вклучува три рецесии и три случаи на зголемувања на федералната минимална плата, Allegretto, Dube & Reich (2011) не наоѓаат статистички значајна последица на минималната плата врз тинејџерите во целина, или врз било која од трите расни и етнички групи (бели, црни и хиспански тинејџери) одделно. И Dube, Lester & Reich (2012) не наоѓаат доказ дека работодавачите го промениле возрасниот или родовиот состав во ресторантскиот сектор како последица на минималната плата.[8] Во истражување на детални платни списоци за голема трговска фирма со повеќе од 700 продавници, Laura Giuliano (2012) наоѓа дека тинејџерите од попросперитетните области ја зголемиле својата понуда на труд како и вработеност после зголемувањата на минималната плата во 1996 и 1997 година, додека вработеноста на тинејџерите во помалку просперитетните области немала статистички значајна промена.[9]

„Во 1948 година невработеноста кај црните тинејџери изнесувала 9,4%. Овие бројки континуирано се влошуваат од 1958 година наваму, кога се донесени првите закони околу цената на трудот која наводно требала да оди во чекор со инфлацијата.“

Вработеноста за младите црномурести машки лица на возраст од 16 до 24 постојано опаѓа од 1970-тите години,[10] а не наводно од 1958 година кога се донесени првите закони околу цената на трудот…Стапката на вработеност за младите црномурести машки лица опаднала од 77 проценти во 1969 година, кога стапките на вработеност за црните и белите мажи биле еднакви (!), на помалку од 50 проценти во 2012 година. Во 2000 година, американското стопанство било погодено од рецесија[11] кога започнал слободен пад на вработеноста кај младите.Размерот на вработеноста спрема населението за црномурестите машки лица на возраст од 16 до 24 години опаднал под 50 проценти. „Големата Рецесија“ од 2007 до 2009[12] уште повеќе ја влошила состојбата со вработеноста за црномурестите мажи. Учеството на црномурестите работници во „добри работни места“[13] опадна од 20.8 проценти во 1979 година до 19.6 проценти во 2011 година. За црномурестите работници на секое ниво на возраст и образование е помалку веројатно да добијат добро работно место денес отколку што тоа било веројатно во 1979 година.

„Истражувањата што ги направивме заедно со неколку американски економисти, покажуваат дека носењето на закони за „минимална плата“ во различни сојузни држави, во 90% од случаите ја зголемува невработеноста кај неквалификуваните работници.“

Во 1996-1997 дојде до зголемување на минималната плата од 4.25 долари до 5.15 долари. Институтот за економска политика користел четири различни статистички методи за да најде загуба на работни места, меѓутоа не пронајдел ниту една. Види: David Card and Alan Krueger, Myth and Measurement, 1995. Последното зголемување на минималната плата им помогнало на скоро десет милиони работници. Продуктивноста се зголемила повеќе од 50% од 1968 година па наваму.

Минималната плата не ја намалува стапката на вработеност туку ја намалува стапката на одработени часови од тие вработени лица. Работодавачите би можеле да одговорат на зголемување на минималната плата така што ќе ги намалат часовите кои работниците треба да ги одработат отколку да го намалат вкупниот број на работници кои се на платен список. Дури ако намалувањето на часовите е толку големо што го надоместува зголемувањето на надницата од час, овие работници сè уште би биле во материјална удобност после зголемувањето бидејќи тие би ја заработувале точно истата сума која ја заработувале пред зголемувањето, но сега тие би работеле помалку часа неделно за да ја заработат. Прилагодувањата на часовите од страна на работодавачите единствено би го намалиле стандардот на живеење за работниците ако намалувањето на часовите е поостро од зголемувањето на платите.

Само 2% од Американците под 25 години се продуктивни до нивото на „минималната плата“. Кај сите други постојат огромни шанси или да бидат отпуштени, или нивните компании да работат со послаби резултати доколку се одлучат да ги задржат.“

Повисока минимална плата може да ги мотивира работниците да работат понапорно без оглед на акциите од нивните работодавачи да ја зголемат продуктивноста. Според Carl Shapiro & Joseph Stiglitz (1984), повисоката минимална плата ја зголемува можноста на работниците да го изгубат своето работно место што поттикнува поголем напор од работниците за да ги намалат можностите да бидат отпуштени. Според George Akerlof (1982), работниците може да гледаат на повисоката плата како подарок од работодавачите што ги поттикнува да возвратат така што ќе работат понапорно. Според James Rebitzer & Lowell Taylor (1995), минималната плата во контекст на ефикасноста од нејзиното зголемување може да го зголеми нивото на вработеност кај работните места кои се ниско платени.

„Да земеме сега едно општество во кое богатството расте. Оваа состојба за работникот е единствено поволна. Овде настанува конкуренција меѓу капиталистите. Побарувачката за работниците ја надминува нивната понуда. Меѓутоа: Повишувањето на надниците доведува до исцрпување на работниците. Доколку посакуваат повеќе да заслужат, дотолку мораат повеќе да жртвуваат од своето време и потполно да се одречат од секаква слобода, извршувајќи робовски труд во служба на лакомоста. Притоа тие го скратуваат својот живот. Тоа скратување на траењето на нивниот живот е поволна околност за работничката класа во целина, бидејќи на тој начин постанува нужна секогаш нова понуда. Таа класа мора секогаш да жртвува дел од себе за да не би сосема пропаднала.“ (Маркс, Економско-Филозофски ракописи)

[1] John Schmitt and Ben Zipperer,U.S. a Good Model for Reducing Social Exclusion in Europe?, 2006.

[2] Balke and Gordon,The Estimation of Prewar Gross National Product: Methodology and New Evidence, 1989.

[3] J. R. Vernon,Unemployment Rates in Post-Bellum America: 1869–1899, 1994.

[4] Balke and Gordon, Ibid.

[5]Paul Cockshott and Allin Cottrell, Towards a New Socialism, 1993.

[6] John Schmitt and Ben Zipperer, Ibid.

[7] Allegretto, Sylvia A., Arindrajit Dube, and Michael Reich, Do Minimum Wages Really Reduce Teen Employment?, 2011.

[8] Dube, Arindrajit, T. William Lester, and Michael Reich, Minimum Wage Shocks, Employment Flows and Labor Market Frictions, 2012.

[9] Giuliano, Laura, Minimum wage effects on employment, substitution, and the teenage labor supply: Evidence from personnel data, 2012.

[10]„Стапката на профит опаѓала и не успеала да закрепне значително после рецесиите од средината на 1970-те години и раните 1980-ти години. Постојаниот пад на стапката на профит произвел постојан пад на стапката на акумулација на капитал и падот на стапката на акумулација за возврат довел до тромав раст на БДП по глава, производството на корпорациите и компензацијата на вработените, како и до зголемување на должничките бремиња, итн.“ Види: Ендру Климан, Криза на капитализмот, 2011 македонски превод.

[11] Таканаречениот „dot-com“процут – брзиот раст на цените на капитали за време на втората половина на 1990-тите години којшто беше поттикнат делумно од растот на Интернетот и информатичката технологија – се претвори во распрснат меур во 2000 година.

[12] „Постојаниот пад на профитната стапка на САД доведе до постојан пад на нивната стапка на акумулација, или продуктивно инвестирање. Ова не изненадува; создавањето на профит е она што го овозможува продуктивното инвестирање на профит, според тоа ако профитабилноста паѓа, ние би требале да очекуваме стапката на инвестирање во производството да паѓа. Опаѓањето на стапката на акумулација доведе до опаѓање на стапката на стопански раст, а забавеноста на растот е една од главните причини за зголемување на должничките бремиња. Друга главна причина е дека владата на САД и Федералните резерви повторно и повторно се обидуваа да го неутрализираат падот на профитабилноста, инвестирањето и растот со помош на политики кои ги влошија должничките проблеми. Тие го одложуваа, прекривајќи го, или допуштајќи им на приватните позајмувачи да го прекриваат, лошиот долг со дури повеќе долг. А растечките должнички бремиња доведоа до низа од должнички кризи и распрснати меури.“ Види: Говор на Ендру Климан за Неуспех на капиталистичкото производство, 2012 македонски превод.

[13]По дефиницијата на Центарот за економско и политичко истражување, „добро работно место“ е она што е платено барем 19 долари од час, има здравствено осигурување обезбедено од работодавачот и пензиско осигурување исто така обезбедено од работодавачот.

Advertisements

5 thoughts on “Епидемија од либерализам: во одговор на текстот „Епидемија од минимални плати“ од Томас Совел

  1. Гарантираната плата, во услови на слободен пазар на труд, има негативен одраз врз вработеноста. Во врска со констатацијата дека “невработеноста е регулатор на експлоатацијата” нее точна, бидејки не се работи за експлоатација. Би било така, под услов да нема појава на кризи, поточно пуштените пари на име
    цена на трудот да се доволни за потрошување на тоа што се создава. Штом се појавуваат кризи, што во стварност значат фрлање во отпад на понуда за која нема куповна моќ, тоа значи дека не станува збор за стварно богатење, туку лажно. Не да нема богатење, има но не врз основа на експлоатација на туѓиот труд, тику врз основа на заслугата по основ на своите вложени пари. Тој дел што стварно се случува како создавање на понуда во облик на производи или можност за услуга, а припаѓа на работниците, неоправдано по кривица на газдите, кои мислат дека со тоа се богатат, бидејки парите од крајниот резултат што се однесуваат на него, ги присвојуваат тие, со тоа всушност сами си го купуваат, и ја попречуваат можноста да отиде кај работниците на кои им припага. На тој начин, таа понуда останува без купувач и мора да се уништи, бидејки како понуда без купувач ја попречува работата. Тоа е неоправдан начин на малтретирање на работниците, што наместо да отиде кај нив и тие да се богатат, се фрла во отпад.
    Имате погрешно толкување за причината за појавата на кризата. Причината што ја наведувате, дека балонот пукнува со презадолжувањето на лугето нее точна. Тоа презадолжување е еднакво на купување на понудата, која е вишок и нема покритие со куповна моќ. Или, тоа е купување на услуга, како понуда, за која нема покритие за отплата – на заем. При претпоставка да се наплати со имот, тој имот се цени со 5 до 10 пати пониска вредност, што значи со продажбата, заради намирување на долгот, тој имот се продава по пазарна цена која е испод вредноста, што значи понудата оди во отпад. Таа понуда е била на работникот, што значи дека банкарот нее оштетен, но тоа само така изгледа, и банкарот е оштетен бидејки со продажбата на куповната моќ на работникот испод цена, се ослабнува за толку куповната моќ на работникот / како дополнително сиромашење/ , кој понатаму станува потенцијално послаб побарувач на таква услуга. Или, во случајот кога побарувачката на банкарската услуга е намалена, се закочува работата, и ова е еден од начините на закочување на работата, што е причина за избивање на кризата.
    Велите “историјски е принуден да го направи /се мисли на промената на системот/ поради положбата во која запаѓа”. Тоа на кое се мисли, нее тоа што стварно треба да го направи работничката класа. Принудата е да се осознае работникот, со начинот на работата, да ја увиде грешката што ја прави системот, и да се избори истата да биде отстранета. Во тоа се состои историјската улога на работничката класа, да му помогне на системот да функционира добро, да овозможи резултат што ќе биде од интерес на сите луге, а самиот систем со задоволувањето на оваа потреба на лугето, ќе си создаде услови за своето менување. Никој, ама баш никој неможе со сила да менува систем, дури и да се обиде, бидејки ќе ѓи нема созреано потребните услови, тој пак ќе се растури. Тоа е и една од законитостите на Маркс – негација на негацијата.

  2. „Гарантираната плата, во услови на слободен пазар на труд, има негативен одраз врз вработеноста.“

    Институтот за економска политика користел четири различни статистички методи за да најде загуба на работни места, меѓутоа не пронајдел ниту една. Види: David Card and Alan Krueger, Myth and Measurement, 1995. Вие Колев какви методи користевте за да дојдете до заклучокот дека гарантираната плата има негативен одраз врз вработеноста?

    „Во врска со констатацијата дека “невработеноста е регулатор на експлоатацијата” не е точна, бидејки не се работи за експлоатација.“

    Во услови на капитализам, секогаш се работи за експлоатација. Не што Маркс тврди дека не смее да се заборави дека профитот е основен мотив за производство во капиталистичкото општество, туку и секојдневната пракса докажува дека капиталот се сели од сите оние гранки каде што профитот „не е доволен“. Па така, се инвестира капитал во земјите од Третиот свет бидејќи таму тој може да даде повисоки стапки на профит поради пониското ниво на капиталистички развој а профитната норма и експлоатацијата на трудот се генерално повисоки.

    „Штом се појавуваат кризи, што во стварност значат фрлање во отпад на понуда за која нема куповна моќ, тоа значи дека не станува збор за стварно богатење, туку лажно.“

    Стопанството тежнее кон застој бидејќи побарувачката е слаба, а побарувачката е слаба бидејќи побарувачката за производствени инвестиции – потрошувачка за опрема, уреди и изградба на фабрики итн. – доби надолен тренд а инвестициите добија надолен тренд бидејќи профитабилноста на таквите инвестиции стана хронично ниска. Со други зборови, НЕМА ДОВОЛНО ПОСТОЕЧКИ ПРОФИТ за да се финансираат инвестициски проекти, а идниот профит кој се очекува тие да го создадат е исто така недоволен за да го поттикне потребниот обем на инвестиции. Стапката на доход кај корпорациите на С.А.Д. од инвестиции во средства за производство значително заостанува меѓу средината на 1950-тите години и раните 1980-ти години, а потоа не успеа да закрепне на одржлив начин за следниот четврт век. Во зависност од тоа како профитот е измерен, тој или флуктуираше околу ниското ниво на раните 1980-ти години или продолжи да има надолен тренд.

    • Имате погрешно сваќање, дека профитната норма произлегува само од висината на цената на трудот. Не, таа произлегува и од висината на вложените пари во основни и обртни средства. Но, цената на вложените пари /сопствени или кредитни/ игра улога на цена добиена со помала побарувачка од инвеститорите, што како извор на вкупната профитна стапка е помалку променлива величина, во однос на цената на трудот добиена со поголема понуда од работниците. Со селенјето на капиталот кај држави со ниска цена на трудот, се обезбедува подобра конкурентност во однос на просечната, што владее на ниво на систем. Во подобра конкурентност се смета да се обезбеди цени на своите производи или услуги испод просечните цени, најмногу до просечните. Без обзир на тоа каде е создаден новиот производ или можност за услуга, додадениот дел- профитот, секогаш одговара на дел од тој нов производ или можност на услуга. Во случајот кога профитот го присвојат само сопствениците на парите /парите/ тие го присвојуваат и делот што е заслуга на работниците /трудот/. Тоа е причина да се попречи потрошувачката на тој дел на нов производ или можност за услуга. Нее точно дека нема доволно профит за инвестирање, точно е дека паѓа профитната норма, но тоа се случува само поради погрешната распределба на профитот, при која се ствара вишок на понуда ,на сметка на делот од профитот што им следува на работниците /трудот/, кое ја закочува работата и предизвикува појава на кризи. Тоа е основна причина за пореметување на односот на понудата и побарувачката, поради кое е присутна жестока конкуренција, присутно е кочење на развојот, присутно е расслојување врз основа на профитот што им припага на газдите како заслуга на вложените пари, а сиромашење на работниците поради делот од профитот што ги следува, а не го добиваат и на крајот сето тоа како издувен вентил се изразува во класни борби и растварање на војни. Значи профитот го има, но условите за инвестирање ги нема, поради појавата на кризи, кои секогаш се присутни, само се повеќе се зголемуваат, се додека не дојде до празнење со фрлање во отпад, поклон или по пат на војни. Сватете една грешка на системот, предизвикува толку многу последици, што човештвото го исправа пред завршен испит, или ќе ја исправи или ќе са самоуништи. Поради таа грешка, толку погрешни изуми се праваат за да ја држат под контрола состојбата, чиповање, ГМО исхрана, сретства за уништување – воени,и мн.други здружувања на богатата класа што е надвор од разумот. На тој план работничката класа треба да предначи да ја осознае грешката што ја прави системот, која нее од корис ниту на самата богата класа, и да поведе културна револуција за исправање на грешката.

  3. „Имате погрешно сваќање, дека профитната норма произлегува само од висината на цената на трудот. Не, таа произлегува и од висината на вложените пари во основни и обртни средства.“

    Јас никаде не сум напишал дека профитната норма произлегува „само од висината на цената на трудот“. Тоа е ваша формулација. Марксистичката дефиниција на профитната норма е дека таа претставува размерот на вишокот на вредноста спрема вкупниот инвестиран капитал.

    „Не е точно дека нема доволно профит за инвестирање, точно е дека паѓа профитната норма, но тоа се случува само поради погрешната распределба на профитот, при која се ствара вишок на понуда ,на сметка на делот од профитот што им следува на работниците /трудот/, кое ја закочува работата и предизвикува појава на кризи.“

    Според наодите на Маркс и многу други современи економисти, тежнеењето на профитната норма да паѓа го сметаат како израз на капиталистичкиот развој на производноста на трудот. Ова тежнеење на профитната норма да паѓа предизвикува конкуренција и борби меѓу капиталистите, обезвреднувања на монетарната вредност и други дисфункционалности на економскиот систем. Оваа опаѓачка профитна норма беше основа за монетарната криза во Азија во 1990-тите години и ги истакнува внатрешните природни противречности на капитализмот кои бараат укинување на самото производство за пари (апстрактна вредност) и како основните закони на движење на капиталистичкиот начин на производство – кои Маркс ги откри – водат кон експлозивни кризи.

    Во математичкиот однос изразен во извадокот од том 3 од Капиталот во врска со тежнеењето на профитната норма да паѓа, С го претставува вкупниот вложен капитал во производствениот процес. Овој капитал се состои од два дела: сума на пари с вложена во средства за производство (постојан капитал односно машини, суровини, итн.) и сумата на пари v потрошена за наемен труд (променлив или варијабилен капитал). Вишокот на вредност s е додадената вредност создадена од страна на работниците за време на производствениот процес која е над вредноста на платата исплатена за одржување на нивните основни потреби за егзистенција. Профитната норма p’ е сразмерот меѓу вишокот на вредноста и вкупниот инвестиран капитал, нешто што го формулирав погоре. Еве го тој извадок од том 3 од Капиталот каде Маркс го објаснува тежнеењето на општата профитна норма да паѓа:

    „При дадена наемнина и работен ден, еден променлив капитал, на пример, од 100, претставува еден број работници ставени во движење ; тој е индекс на овој број. На пример, 100 ф. ст. нека бидат наемнина за 100 работници, да речеме, за една недела. Ако овие 100 работници изработат исто толку потребен труд колку и вишок на труд, значи ако работат дневно толку време за самите себе, т.е. за препроизводството на својата наемнина, колку за капиталистот, т.е. за производството на вишок на вредност, тогаш нивниот вкупен производ-вредност би бил = 200 ф. ст., а вишокот на вредност, што го создале изнесува 100 ф. ст. Нормата на вишокот на вредноста m/v би била = 100%. Оваа норма на вишок на вредност сепак би се изразувала, како што видовме, во многу различни профитни норми, веќе според различниот обем на постојаниот капитал с, а со тоа и на вкупниот капитал К, бидејќи профитната норма е = m/K. Кога нормата на вишокот на вредноста е 100%.

    ако е с = 50, v = 100,
    тогаш е p’ = 100/150 = 66 2/3%,

    ако е с = 100, v = 100,
    тогаш е p’ = 100/200 = 50%,

    ако е с = 200, v = 100,
    тогаш е p’ = 100/300 = 33 1/3%,

    ако е с = 300, v = 100,
    тогаш е p’ = 100/400 = 25%,

    ако е с = 400, v = 100,
    тогаш е p’ = 100/500 = 20%.

    Истата норма на вишок на вредност, при неизменет степен на експлоатација на трудот, би се изразувала во смалувачка профитна норма, зашто со материјалниот обем на постојаниот капитал, иако не во ист размер, расте и неговата вредност, а со тоа и вредноста на вкупниот капитал.

    Понатака, ако сега се земе дека ова постепено изменување во составот на капиталот не се случува само во одделни гранки на производството, туку повеќе или помалку во сите или барем во главните сфери на производство, значи дека тоа ги вклучува измените во средниот состав на органскиот состав на вкупниот капитал од некое определено општество, тогаш ова постепено нараснување на постојаниот капитал во однос на променливиот, нужно мора да има за резултат еден постепен пад во општата профитна норма при неизменета норма на вишокот на вредноста или при неизменет степен на експлоатацијата на трудот од страна на капиталот. Но, сега се покажа како закон на капиталистичкиот начин на производство, дека заедно со неговиот развиток се случува релативното смалување на променливиот капитал во однос спрема постојаниот капитал, а со тоа и во однос спрема вкупниот капитал кој е ставен во движење.

    Ова само значи дека истиот број работници, истото количество работна сила, која е земена на располагање од еден променлив капитал со даден обем на вредност, како резултат од специфичните производни методи што се развиваат во рамките на капиталистичкото производство, става во движење, обработува, производно троши во истото време една постојано растечка маса средства за работа, машинерија и основен капитал од секаков вид, суровини, помошни материјали – па оттука и еден постојан капитал со обем на вредност што постојано расте.

    Ова прогресивно релативно паѓање на променливиот капитал во однос спрема постојаниот, а според тоа и спрема вкупниот капитал, е идентично со прогресивното повишување на органскиот состав на општествениот капитал во неговиот просек. Ова е, исто така, само инаков израз за прогресивниот развиток на општествената производна сила на трудот, која се покажува токму во тоа, што со посредство на растечкото применување на машинерија и на основен капитал воопшто, истиот број работници за истото време, т.е. со помалку труд, претворуваат повеќе суровини и помошни материи во производи.

    На овој растечки обем од вредноста на постојаниот капитал – иако тој само оддалеку го претставува растењето на вистинската маса употребни вредности, од кои постојаниот капитал материјално се состои – му одговара сè поголемо поевтинување на производите. Секој индивидуален производ, разгледуван за себе, содржи помала сума труд отколку на некој пониски стапки на производство, каде што капиталот авансиран во труд е во несрамниво поголем однос спрема капиталот авансиран во средства за производство.

    Редот кој во почетокот хипотетички го поставивме, ја изразува, значи, вистинската тенденција на капиталистичкиот начин на производство. Ова, заедно со прогресивното релативно смалување на променливиот капитал спрема постојаниот, создава еден сè повисок органски состав на вкупниот капитал, од што непосреден резултат е дека нормата на вишокот на вредноста при неизменет, па дури и при растечки степен на експлоатација на трудот, се изразува во една постојано сè пониска општа профитна норма. (Понатаму ќе се покаже во глава 14 „Причини со спротивно дејство“ зошто ова паѓање не се појавува во апсолутна форма, туку повеќе во тенденција кон прогресивен пад.)

    Прогресивната тенденција на општата профитна норма кон паѓање, значи, е само израз својствен на капиталистичкиот начин на производство за прогресивниот развиток на општествената производна сила на трудот. Тоа не значи дека профитната норма привремено не може да падне од други причини, но со тоа е докажано од самата сушност на капиталистичкиот начин на производство како една нужност која сама од себе се разбира, дека во неговото напредување општата средна норма на вишокот на вредноста мора да се изрази во една општа профитна норма што се намалува. Бидејќи масата на применетиот жив труд постојано се смалува во однос спрема масата на опредметениот труд која таа ја става во движење, која производно ги троши средствата за производство, тогаш и делот од овој жив труд, кој е бесплатен и се опредметува во вишок на вредност, мора постојано да се смалува во однос спрема обемот од вредноста на применетиот вкупен капитал. Овој однос на масата вишок на вредност спрема вредноста на применетиот вкупен капитал, значи, ја образува профитната норма, но таа поради тоа мора постојано да паѓа.“

  4. „Во случајот кога профитот го присвојат само сопствениците на парите /парите/ тие го присвојуваат и делот што е заслуга на работниците /трудот/. Тоа е причина да се попречи потрошувачката на тој дел на нов производ или можност за услуга. Значи профитот го има, но условите за инвестирање ги нема, поради појавата на кризи…“

    Податоците за инвестициите и потрошувачката во американското стопанство зборуваат против она што вие го тврдите – дека имало попречена потрошувачка и дека немало услови за инвестирање.

    На сликата се дадени растот на реалната (инфлациски прилагодена) побарувачка за лична потрошувачка и реалната инвестициска побарувачка од приватните бизниси за инфраструктура, опрема и софтвер, како и порастот на реалниот бруто домашен производ на САД. Сите овие опаднале во 2009 година поради рецесијата. Но, во текот на три четвртини од векот пред ова, побарувачката за реални инвестиции пораснала 73 пати, додека БДП пораснал само 18 пати а побарувачката за лична потрошувачка пораснала 15 пати. Според тоа, побарувачката за инвестиции пораснала четири пати бргу колку БДП и скоро пет пати бргу колку побарувачката за лична потрошувачка.

    Бројките на инвестиции презентирани на сликата се бројки за бруто инвестиции, односно инвестиции пред одземање на амортизацијата. Меѓу 1945 и 2008, реалните нето приватни инвестиции за инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 7 пати брзо колку реалната лична потрошувачка, и 9.9 пати брзо колку реалниот БДП.

    Кога не е направено прилагодување на инфлација, бруто приватните инвестиции во инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 3 пати брзо колку личната потрошувачка, и 2.6 пати брзо колку БДП, меѓу 1933 и 2008. Нето приватните инвестиции во инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 2.4 брзо колку личната потрошувачка и 3.1 пати брзо колку БДП, меѓу 1945 и 2008. Во 65-те години од 1943 до 2007, реалната лична потрошувачка во САД опаднала само двапати, во 1974 и 1980. Покрај тоа, процентуалниот пад на конзумирачката потрошувачка во 1974 и 1980 била во просек само 7 проценти од процентуалниот пад на инвестициската потрошувачка.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s