Малтус, Маркс и модерниот развој

Ken Rogoff 2

Под горниот наслов, неодамна „Утрински весник“ објави напис од Кенет Рогоф, кој „бил поранешен главен економист на ММФ, е професор по економија и државна стратегија на Универзитетот Харвард“ и кој пишува за „Проектот Синдикејт“, вели весникот во загради.

Се извинувам на „Утрински весник“ што на написот реагирам со закаснување но, не читам дневна штампа од причина што таа денес ја нема онаа улога што објективно ѝ припаѓа и со написите кои ги објавува, колку и да настојува да биде објективна, таа не ги информира читателите објективно. За жал, така ќе биде сè додека новинарството е професија[1].

Само по себе е јасно дека сиромаштвото денес не може да биде еднакво со сиромаштвото од средниот век. Но, и богатството денес не е еднакво со она од средниот век. Разликата меѓу нив е огромна, значи се продлабочил јазот меѓу нив. Тоа и го вели Енгелс: „Неминовен закон на секое општество кое се базира на производство на стоки и на размена на стоки е да во него поделбата на имотот станува сè понееднаква а разликата меѓу богатството и сиромаштвото сè поголема…“ (МЕД, том 30, стр. 396)

Од каде му на Кенет Рогоф основа да заклучи дека „секоја прогноза во модерната ера дека ќе се влоши судбината на човештвото е спектакуларно погрешна“. Енгелс кога го напишал цитираното немал воопшто намера да прогнозира и предвидува некаква „далечна иднина“. Тој и Маркс никогаш ништо и не предвидувале. Тие само совесно и научно ги анализирале појавите и процесите во тогашното општество и само искажувале „неминовен заклучок“ за дефинитивниот крај на разгледуваната појава ако продолжи да се развива така како што се развивала дотогаш.

„Технолошкиот напредок“ воопшто не „помогна да се надминат пречките во економскиот равој“ бидејќи тој „технолошки развој“, на жалост, беше капиталистички применуван. Пристап до него имаше само „платежно способната побарувачка“. Што значи тоа на јазикот на политичката економија, тоа Кенет Рогоф многу добро го знае и тука нема ништо да објаснуваме. Залудно еден голем авторитет, од биологијата или од физиката во ХIХ век, пишувал: „Тековините од науката не припаѓаат само на научниците. Тие припаѓаат на целото човештво“. За жал, по логиката на буржоаското општество одн. политичката економија тие припаѓаат само на „платежно способната побарувачка“.

Маркс не „предвидувал дека капитализмот ќе се покаже како несреќен за работниците“. Маркс сигурно докажува дека капитализмот е несреќа не само за работниците туку и катастрофа за човештвото. Тоа го докажаа двете светски војни во кои загинаа сто милиони луѓе и се направени такви материјални штети кои ако се искористеа во општествено корисни цели и, се разбира, не на капиталистички начин, одамна ќе обезбедеа на земјата да се оствари „царството божје во кое волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно и мало дете ќе ги води. Крава ќе пасе со мечка, нивните млади ќе лежат заедно; лавот ќе јаде слама како волот.  А малото дете ќе ја пика раката во дупката змиина …Зло нема да се прави во целото Божје царство“ (Иза.11:6-9.) Иако е тоа метафора, голем дел од неа до денес требало да биде вистина. Променетите материјални услови на животот ги променуваат постапките и навиките не само на луѓето туку и на животните. Според тоа, може сигурно да се направи „волкот да лежи со јагнето“ ако волкот е сит. „Лавот може да биде покрај волот“ но не постои можност да јаде слама како и тој.

Добро е што Рогоф увидува дека „перформансите на растот во минатото не се гаранција, дека слична траекторија може да се одржува и во текот на овој век“. Нека Рогоф биде потполно убеден дека ова негово увидување ќе се исполни во потполност. Тоа го потврдуваат Маркс-Енгелсовите анализи и, се разбира, сите статистички податоци кои се публикуваат во светот а кои ја потврдуваат неминовноста на наведениот закон кој Енгелс го формулира.

„Многу тешките проблеми“ кои авторот ги наведува во понатамошниот текст се многу лесно решливи, само ако им се пристапи научно. Тоа значи да се отфрли капиталистичката логика и буржоаска свест на која се заробеници и најголемите  „левичари“, што го потврдува Лениновата „нова економска политика“. Или Горбачовата „перестројка“. „Решенијата“ кои ги предлага Рогоф не се решенија. Тоа се „решенија“ од типот на „банални буржоаски реформи“ кои не решаваат ништо, како вели Маркс во Рецензиите од Новиот Рајнски весник кои се однесуваат на состојбите во Франција во ХIХ век. (Види Маркс-Енгелс, Дела во 46 тома на српско-хрватски јазик, том 10 стр.237.)

Авторот како „поранешен главен економист на ММФ, и професор по економија и државна стратегија на Универзитетот Харвард“, може да не ги сака Маркс и марксизмот  како учење кое ја разоткрива сета разорност на капитализмот по општеството, но тој не смее да бега од научната вистина. И тој треба да знае дека марксизмот не е идеологија – лажење како што е капитализмот, туку тој е наука. Наука која, на жалост, не ја „сожвакаа“ ни најголемите поборници на „социјализмот“ и кои доведоа до неоснована компромитација на истиот. Но тоа не компромитација на марксизмот туку на сите тие квази–научници од „социјализмот“ кои  се китеа со докторски титули а не знаеја да соберат 2+2 и да увидат дека во социјализмот е неосновано да се задржува разменската вредност како инструмент на конципирањето на социјалистичкото производство. Така се компромитираат денес и сите квази-научници од капитализмот кои не увидуваат дека е дојдено време за дефинитивно укинување на капиталистичкото стопанисување. Ако порано квази-социјализмот, и онака дефектен каков што беше, беше препрека за развој на капитализмот, тој не постои веќе повеќе од 20 години, па на капитализмот пак не му оди. Би требало „научниците“ од економијата и политиката па и филозофијата и логиката, ако се вистински научници, да се свртат повеќе кон Маркса и Енгелса и да научат нешто од нив.

Нека не се прашува авторот „дали секој идна генерација ќе продолжи да ужива во подобар квалитет на  живот, отколку нејзиниот непосреден претходник?“. Тоа нема да се случи. Но, не треба да оставиме ништо да се „случува“ бидејќи постојат сите потребни материјални услови да се обезбеди сигурна егзистенција и перспектива на луѓето. Само ако се отфрли постоечката буржоаска идеологија по која „парите се сè“ и „ништо не се може беспари“. Ништо не се може само без „потребното материјално производство за опстанок на човештвото“. А парите се анахронизам денес бидејќи истите требаше да ги укине уште Ленин. Нивното задржување со НЕП беше само Ленинова аналфабетска реставрација на капитализмот која иако ја наметна на сите, не смееше никако да ја спроведува. А Сталин кој ги имаше сите услови да ја отфрли, не смееше никако да ја продожува. Да го направеа тоа, капитализмот одамна ќе беше музејски експонат и немаше да се „враќа и да го победува социјализмот“ бидејќи тоа не е можно да се случи. Такво нешто ниту се случило во историјата ниту ќе се случи во иднината.

А што на капитализмот не му оди тоа е само доказ дека тој ги остварил сите потребни материјални услови за инсталирањето на комунизмот и „ги порамнил патиштата по кои треба да оди Месијата“ –  месијата од злата на капитализмот – комунизмот.

Утрински весник нема воопшто да погреши ако објавува текстови како горниот. Уредувачката политика не може да биде над интересите на народот.

Скопје – Дојран, петок 18-ти април `14, Пријателите на Народот

[1]Додуша, таа (печатот-штампата) полека го губи тоа својство со објавувањето на написи од лица кои не се по професија новинари, како горниот, но уште многу време ќе помине додека работите си дојдат на свое место како што треба. Тоа требаше да се направи уште во „социјализмот“, но и тогаш „раководните комунисти“ (кои воопшто не беа комунисти), понесени од некаква неосновaнa eуфорија, им признаваа својство на „работник“ на сите надвор од производството за животни потреби, па така и новинарите беа почитувана професија како „работници“ во публицистиката. За жал, тоа останаа и до денес, борејќи се за „својата професија“, која, пак на жалост, и покрај сета „професионалност“ – не може да биде професија. Од сите тие „професии“ во кои се вбројуваат многу „угледни“ дејци и носители на разни докторски титули – економисти, политичари, правници, филозофи, уметници, спортисти, новинари, писатели, свештеници, пеачи, крадачи, чувари и уште безброј други кои по марксистичкото учење  немаат никакво општествено оправдување освен ухлебение на дејците од истите. Но, да го оставиме новинарството и да се вратиме на написот.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s