Економската подреденост на жените

1380488_596773840364802_1707184039_n

Народите на Западна Европа имаат општествен систем којшто е составен од неколку различни облици на економија. Социјалистите традиционално најмногу ги забележувале капиталистичките и државно-капиталистичките сектори. Кога луѓето зборуваат за мешана економија, тоа е мешавина помеѓу овие две компоненти под што тие разбираат: мешавина помеѓу приватната индустрија и национализираната индустрија. Покрај неа и понекогаш мешана со неа, е разликата помеѓу изворно социјалистичките елементи на стопанството (како Националниот здравствен сервис и делови од образовниот систем) и, од друга страна, приватниот и државно-капиталистичкиот сектор. Овие се сметаат за најважната компонента на мешаната економија. Она што не се забележува во овој поглед на нештата е мошне големиот дел кој во нашиот општествен систем и понатаму го има домашното стопанство.

Ние веруваме декаколку што капиталистичкото стопанство е одговорно за еден збир економски нееднаквости – оние помеѓу богатите и сиромашните – толку домашното стопанство во крајна линија е одговорно за еден друг збир нееднаквости – оние помеѓу жените и мажите.

Домашното стопанство е обележано од неплатеното извршување на работните услуги во семејството. Мнозинството од оние кои непосредно ги даваат овие услуги се мажени жени; непроизводителите кои ја добиваат користа од овие работни услуги се децата и сопрузите. Друга особина на домашното стопанство е што ни резултатите од работата ни самата работа не се плаќа. Ако сопругата готви јадење за нејзиното семејство, таа не е платена за времето што го троши работејќи, ниту пак самото јадење се продава. Ако членовите на семејството излегуваат во ресторан, тие можат да имаат јадење кое е исто во прехранбена смисла, но неговиот општествен карактер ќе биде сосема различен. Јадењето е купено како стока и тоа е произведено од наемни вработени лица од ресторантот.

Бидејќи домашното стопанство е суштински немонетарно, неговиот придонес кон националниот производ не е вклучен во официјалната статистика. Ако го измериме неговиот придонес во смисла на труд којшто е вложен, сепак, сета бројка на домаќинки и други вклучени лица, и должината на часовите што тие ја одработуваат, тоа би можело да го создаде најголемиот сектор на стопанството.

Домашното стопанство искусило долго опаѓање во неговата релативна важност во текот на капиталистичката епоха. Кога класичните писатели зборувале за економија или oikonomia, тие мислиле на водењето на домаќинството, на организирањето на домашното производство (види Tribe, 1978). Толку голем дел на стопанската активност се одвиваше во домаќинството што во профитирањето Аристотел гледаше неприродна активност. Тоа изгледало дека по самата своја природа е против нормалните производствени активности кои се случувале во домаќинството. Кога буржоаската економска мисла била развиена од Адам Смит, се случил целосен пресврт. Сега, производството за пазарот бил гледан како карактеристичен облик на стопанска активност. Ова гледиште на стопанската активност како примарно пазарно-ориентирана го одразува фактот дека капиталистичкиот систем навистина е надмоќен спрема домашното стопанство.

Во текот на периодите на брз раст, капиталистичкото стопанство се шири на сметка на домашниот сектор. Историски, најважниот стадиум на овој процес е заменувањето на домашното прехранбено производство од страна на капиталистичкото земјоделство. Во Британија овој процес бил целосен во раните години на 19-от век, но во другите делови на Европа процесот продолжил долго време од последната четвртина на 20-от век. Иронично е што социјалистичките револуции воопшто се случиле во земји како Кина каде домашното стопанство сè уште преовладувало во производството на храна. Во напредната капиталистичка држава опсегот на домашното стопанство станал многу поограничен. Тој е омеѓен на полиња за: (1) завршни чекори во подготовка на храна; (2) грижа за предучилишните деца; (3) грижа за училишните деца; (4) чистење и одржување на домашните простории; и (5) грижа за постарите и немоќните лица.

Во текот на периодот на капиталистички развој, може да се увиди дека неколку делови на производството биле скоро целосно изгубени од домашното стопанство: (1) одгледувањето земјоделски култури; (2) грижата за домашните животни; (3) мелењето; (4) колењето; (5) чувањето храна; (6) плетењето и ткаењето; и (7) изградбата на куќи. Сите овие активности биле пренесени на капиталистичкиот сектор. Процесот продолжува. Примери за тоа се зголемувањето на бројот на ресторани и продажбата на подготвена или брза храна. Овие го намалуваат износот на производството на храна произведено од домашниот сектор. Купувањето на интернатски услуги од буржоаските и повисоките среднокласни семејства е друг пример.

Овие трансфери помеѓу секторите се случиле главно поради тоа што пазарниот сектор е поефикасен. Во некои случаи, точно е тоа, била употребена принуда за да се припои земја и да се отстрани домашното земјоделство (омеѓените поседи во Англија, ледините во Шкотска); но дури и во оние држави каде што принудата не била употребена, домашното земјоделство опаѓало. Капитализмот создава технички напредоци во сите активности коишто тој ги организира. Натпреварот помеѓу производителите го охрабрува усвојувањето на најефикасните техники, а производственоста на трудот расте. Во областите кои некогаш биле дел од домашното производство сега се троши помалку работа. Трудот, ослободен од нив, сега е на располагање да го движи сето мноштво од нови индустрии и производствени гранки коишто израснале во современата доба.

Иако многу труд сè уште се троши во домашното производство, тој произведува прилично малку во физичка смисла. Спротивно на ова, физичката производственост на пазарното стопанство постојано расте. Сè повеќе и повеќе стоки стануваат достапни од капиталистичкиот сектор додека производственоста на домашниот сектор останува прилично заостанувачка. Не е сосема заостанувачка; подобрувањето на домашните средства за производство е значајно. Заменувањето на огништата на дрва или лепешки од страна на печките на гас или струја, заменувањето на бунарите со водоводна инсталација и на перачките кади со машини за перење, значи дека значајно помалку труд сега треба да се потроши за да се извршат истите задачи. Но, овие подобрувања биле надворешни за домашното стопанство; тие резултираат од увозот на капиталистичка технологија. Само по себе, домашното стопанство никогаш не покажало голема способност да воведува новини.

Домашното стопанство изгуби и од социјализмот. Во индустријализираните земји вообичаено е за државата да обезбеди бесплатно, задолжително обрзование за децата. Ова влијае врз домашното стопанство на два начини. До одредена мера тоа ја намалува работата на мајката која повеќе не е одговорна за децата преку цел ден. Од друга страна, тоа отстранува можна работна сила од домашниот сектор, бидејќи децата се организирани во училиште над возраста на која би се очекувало тие да почнат производствена работа во поранешните стопански системи. Еден од трагичните ефекти на враќањето кон домашното земјоделство во Кина бил стремежот на селските семејства да ги повлечат децата од училиште; тие се покорисни како земјоделски раце. Домистифицираната работна сила и пречесто е неписмена.

Нешто понеодамна државата презела дел од задачата за грижа над постарите лица. За разлика од преземањата од страна на капиталистичкиот сектор, кои се случуваат стихијно, заменувањето на домашниот труд со бесплатни јавни услуги бара непосредни политички одлуки. Подрачјата на сегашниот судир помеѓу социјалистичкиот и домашниот начин на производство ги вклучува прехранувањето на деца (бесплатни училиштни јадења) и грижа за деца (згрижување на децата). Постои значаен понатамошен простор за ширење на полу-социјалистичкиот сектор на сметка на домашниот сектор во подрачјата на производството на храна, чистењето и грижата за деца.

Како што изјавивме горе, во домашниот систем омажените жени вообичаено вршат неплатена работа за своите сопрузи и деца. Овој посебен облик на експлоатација е високо мистифициран. Прикриен и без тоа со идеологиите на сексуалната и мајчинската љубов, луѓето тежнеат да не ја забележуваат. Поради нивната мошне приватна природа, класните противречности помеѓу експлоататорите и експлоатираните тежнеат да се појавуваат во обликот на лични спротивности. Економската класна борба се манифестира преку кавги, морални притисоци, тепање на сопругата, напуштања и разводи.

Економските класни борби, дури и оние помеѓу работодавците и вработените, изгледаат за учесниците како суштинско приватни расправии. Она што збирот приватни расправии го прави класен судир е кога тој вклучува класа поединци кои споделуваат заеднички особини и се спротивставени на друга класа поединци. Тоа е затоа што судирите на интереси помеѓу сопругот и сопругата или помеѓу работодавецот и работникот не се случуваат само еднаш или двапати во изолирани случаи, туку настануваат паралелно во текот на милиони пати, така што тие мора да бидат признаени како судири помеѓу класи луѓе.

За учесниците во овие расправии станува јасно дека тие се класни проблеми кога расправиите се политизирани. Односно, едната страна или другата бара да биде преземена државна акција за да се поправат неправдите. Ова е посебно точно за домашните класни противречности, бидејќи само во политичката арена жените можат да соработуваат меѓусебно во голем број за да се изборат против експлоатацијата. Во овој случај како и во други, во интерес е на експлоататорите да ја одржуваат противречноста приватизирана и персонализирана.

Сите политички класни борби бараат и класно-свесно водство и програма од барања околу којашто класата може да биде обединета. Досега, можеби најважното прашање во политичката борба на жените била борбата околу правото за абортус. Сè додека опстојува домашниот начин на производство, контролата над плодноста е суштинска за жените кои сакаат да го контролираат своето работно време.

Борбата на жените како класа против домашната експлоатација може да добие револуционерен карактер само ако нејзината цел стане замена на домашното стопанство со понапредни облици на производни односи. Сè додека нема истрајна пропаганда за алтернативни начини за луѓето да живеат заедно, да подготвуваат храна, да се грижат за децата и да си даваат емоционална поддршка, нема да биде можно противречноста помеѓу мажите и жените да се подигне од личната политика на нивото на политичка класна борба. Во оваа смисла можеме да гледаме на противречноста помеѓу мажите и жените како на и понатаму потисната или незабележлива противречност во британската политика.

Веруваме дека на борбите на жените може најдобро да им се даде револуционерна содржина, со нудење конкретна слика на заеднички начин на живот кој може да го истисне денешното патријархално семејство.

Автори: Пол Кокшот и Алин Котрел

Извор: Towards a New Socialism, 1993.

Advertisements

2 thoughts on “Економската подреденост на жените

  1. Во моето сознание за грешката што ја прави системот, има потреба за разјаснување на тоа, што го претставува влогот од вредност со кој Работникот /трудот/ и газдата /парите/ учествуваат во работата. Влогот од вредност на работникот е, самиот работник што е вклучен во работата со вложување на труд. Јасно се гледа дека тој придонесува за изработката или продажбата на производите или услугите, во спротивно би бил отпуштен. Колку вреди тој придонес, признавање врши крајниот пазар, тоа е пазарот на стоки и услуги, каде се врши продавањето. Но, во меѓувреме, за да се утврди продажната цена на производот или услугата, се формирал помошен пазар, тоа е пазарот на труд. Додека трае процесот, преку пазарот на труд, согласно понудата и побарувачката и влијанието на крајниот пазар, се договара со работникот цена на трудот. Оваа цена е аконтациона, бидејки е во зависност од резултатот што ќе го оствариме на крајниот пазар. До тука гледано, веќе е јасно дека за обавувањето на работата трудот остварува цена на име остварена нето плата. Бидејќи цената се изразува во пари, а парите ја изразуваат вредноста, тогаш за трудот остварената цена има значење на вредноста на вложениот труд. Рековме дека остварената цена е аконтација, но иако е аконтација сепак е најблиска до реалната вредност на трудот, што значи дека е прифатливо да се земе и третира како влог од вредност. Тоа значи дека, влогот од вредност на работниците, во висина на остварената нето плата / кое е и цена/ е тој што придонесува за создавањето на додадената вредност- печалба, за да се покрие самиот себе, и сите други трошкови на одржувањето како: придонесите,личното осигурување, пензијското осигурување и др. Влогот од вредност на газдите е малку појасен, бидејки е во облик на пари, а тоа се вложените сопствени и кредитни пари. Кај влогот од пари, вредноста на влогот е една величина, а цената на самиот влог друга. Влогот од вредност на газдите, сосема е разбирливо дека е заслужен за создавање на додадена вредност- печалба, со која ќе ја покрие својата цена и сите трошкови за одржувањето, меѓу кои: инвестицијско одржување, амортизација, осигурување и др. Во цена на чинење на производите или услугите, влегуваат сите трошоци, освен цената на трудот и цената на парите. Кога се додадат овие две цени на цената на чинењето, се добива продажната цена. Во зависност од побарувачката, таа /продажната цена/ може да биде остварена како повисока, или пониска. Кога е повисока се остварува позитивна разлика- профит, а кога е пониска, се остварува загуба. Кога веќе утврдивме од каде произлегува заслугата, за создавање на резултатот од работата, тогаш реално е тоа да биде и параметар /клуч/ за делба на крајниот резултат- профит или загуба, со кое аконтационата цена и на трудот и на парите ќе стане реална цена.

  2. „Колку вреди тој придонес, признавање врши крајниот пазар, тоа е пазарот на стоки и услуги, каде се врши продавањето.“ (Колев)

    Маркс како одговор на аргументот на Вагнер дека цените зависат од побарувачката вели: „Каква врска има ова со мојата теорија на вредноста? Токму за колку повеќе ќе се продаде житото над неговата вредност, токму за толку под нивната вредност ќе се продадат другите стоки, било да се тие во натурална форма или во парична форма, па дури нивната сопствена парична цена и да не падне. Сумата вредности ќе остане иста, дури и кога би пораснал паричниот израз на целата оваа сума вредности, значи кога ќе се крене според господин Вагнер сумата на „разменската вредност“.“

    Ако трошоците на производство се пониски во смисла на помалку применет жив труд (променлив капитал) а повеќе применет постојан капитал (машинерија) што штеди труд, тогаш капиталистите ќе извлекуваат помалку вишок на труд. Значи, капиталистот инвестира повеќе пари во средства за производство отколку да вработи нови работници. Бидејќи вредноста е определена од работното време (според економистот Анвар Шаикх и другите просечно отстапување меѓу пазарните цени и трудовите вредности од 9%!), тоа е живиот труд на работниците што ја додава целата нова вредност. Според тоа, инвестираниот капитал во средства за производство предизвикува пад на износот на новата вредност создадена по парична единица на вложен капитал. Реалните пазарни цени флуктуираат околу цените на производство (цената на чинење плус просечниот профит) и на тој начин реалните профити флуктуираат околу просечниот профит добиен од општата профитна норма (сразмерот на вишок вредност спрема вкупниот инвестиран капитал).

    „Преку пазарот на труд, согласно понудата и побарувачката и влијанието на крајниот пазар, се договара со работникот цена на трудот.“ (Колев)

    Маркс не би се согласил со вас. Тој мошне интелигентно ќе проѕре во јатката на филозофијата на ,,цената на трудот‘‘: ,,Класичната политичка економија ја зајмила од секојдневниот живот без натамошна критика категоријата ,,цена на трудот‘‘, за да се запраша отпосле како да се определи оваа цена? Таа набргу разбра дека измената во односот меѓу барањето и предлагањето не може ништо да објасни во цената на трудот, како и кај секоја друга стока, освен нејзината измена то ест осцилирањето на пазарните цени под или над извесна големина. Ако се покрие барањето со предлагањето тогаш, под инаку неизменети околности, престанува осцилирањето на цената. Но тогаш барањето и предлагањето ништо не можат да ни објаснат. Цената на трудот, кога се покриваат барањето и предлагањето е неговата природна цена, која се определува независно од односот на барањето и предлагањето, и така се најде дека ,,природната‘‘ цена на трудот е токму вистинскиот предмет за испитување. Или е земен подолг период на колебање на пазарната цена, на пр. една година, и тогаш најдуваа дека нејзините колебања горе-долу се еднакви со една средна постојана големина. Природно дека оваа цена морала поинаку да се определува, а не како колебањата од неа што се компензираат меѓу себе. Оваа цена на трудот, што стои над случајните пазарни цени на трудот и што ги регулира нив т.н. ,,неопходна цена‘‘ (физиократите) или ,,природна цена‘‘ на трудот (Адам Смит) може, како и кај другите стоки, да биде само неговата вредност изразена во пари. На овој начин мислеше политичката економија низ случајните цени на трудот да се пробие кон неговата вредност… Трудот е супстанцата и внатрешната мера на вредноста, но самиот тој нема вредност.“

    „Влогот од вредност на газдите е малку појасен, бидејки е во облик на пари, а тоа се вложените сопствени и кредитни пари.“ (Колев)

    Природата на трудот е таква што работната сила се употребува дури после склучувањето на договорот и, бидејќи за таква стока парите се вообичаено средство за плаќање, таа во сите земји со капиталистички начин на производство се плаќа дури откако работата ќе биде завршена. Секаде, значи работникот го кредитира капиталистот.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s