Страдалничките Евреи (факти кои ги разобличуваат предрасудите кон Евреите)

Пророк Еремија познат уште како „оплакувачкиот пророк“ насликан од Микеланџело Буонароти на таванот на Систинската капела.

Пророк Еремија познат уште како „оплакувачкиот пророк“ насликан од Микеланџело Буонароти на таванот на Систинската капела.

ТАТКО МИ ЈОСЕФ САДИКАРИО

Татко ми Јосеф Садикарио (роден во 1864) беше најмалиот син во семејството. Бидејќи покажал голема склоност кон учењето, дедо ми во тој поглед му дал повеќе можности. И тој ги совладал Тората и Талмудот, можеби колку дедо ми, но не можел и практично да се занимава колку него, затоа што имал големо семејство, осум деца за кои требало да се работи повеќе. Колку што паметам јас, и тој во почетокот беше скиџие кој прешиваше стари алишта, но подоцна кога стекна малку повеќе пари, почна да се занимава со трговија со волна и кожи. Тој ја здружи својата активност со уште 4 ортаци, наши роднини, и ја оформи фирмата Ишах и Садикарио. Трговијата со волна и со кожа беше единствена во Битола.

Татко ми имаше осум деца. Ќе кажам нешто само за мојот постар брат, како илустрација на таа генерација. Тој се викаше Моис (Моше по дедо ми). Мајка ми го родила на тринаесет години, бил недоносче, а бидејќи мајка ми немала млеко, го доеле доилки од целата улица, што било обичај во тоа време (бидејќи и тоа било мицва). И покрај тоа беше слабо дете, ментално беше напредно, што се гледа од тоа што зборуваше македонски, српски, турски, грчки, француски и иврит. Редовно добиваше литература на шпански (ладино) од Солун, особено го читаше сатиричниот весник Ла Вара (стап, суровица). Исто така, од Солун добиваше и француска литература. Дома се појави сега и една друга библиотека, составена од литература на ладино и на француски, која за тоа време беше доста богата. Не беше религиозен, но ги почитуваше еврејските обичаи и ги практикуваше како впрочем и сите од неговата генерација. По завршувањето на француското училиште, по совет на татко ми научи шивачки занает и стана скиџи. Додека беше дома, т.е. неженет, го гледав како секој ден носи купишта стари алишта, ги отшиваше, ги чистеше рабовите, нешто кроеше, шиеше и потоа ги продаваше во дуќанот…

Имав еден братучед по име Аврам Садикарио, кој имаше исто така десет деца, но едно убаво утро си најде пред вратата дете, новороденче. Јасно, го прибра, го одгледа и го порасна. Добро знаела таа мајка што го родила каде да го остави, кај многудетниот, зашто кајшто се десет деца, може да има и единаесетто, и тоа успешно да се одгледа.

ЕВРЕЈСКАТА ОПШТИНА И ОПШТЕСТВЕНИТЕ АКТИВНОСТИ

Еврејската општина во Битола е една од најстарите на Балканот, мислам веднаш по солунската. Штета е што за време на окупацијата исчезна сета архива. Од неа ќе можеше да се црпат многу податоци, не само за еврејската историја туку и за другите народи во Битола. Но, нема римедју (нема лек). Општината играше голема улога во животот на Евреите: во образованието, стопанскиот и во световниот живот. Многу векови, се‘ до Првата светска војна, таа беше и правна институција, т.е. се‘ што се однесуваше на Евреите, од некоја област, таа авторитетно и компетентно ги решаваше, и тоа беше признавано како конечно решение од јавната власт. Така беше до прва Југославија. Подоцна, таа активност делумно ја презедоа редовните судови, но веројатно немаа многу работа, бидејќи се‘ се решаваше во рамките на општината, така што усните договори странките ги прифаќаа без збор. Разбојништва, кражби, убиства, од самите Евреи не се помнат, така што криминалистичката полиција немаше работа. Но, имаше криминал врз Евреите, имаше кражби, убиства и тука полицијата имаше работа, доколку самата не беше вмешана во некои случки, особено во одредени убиства. Помнам едно такво убиство на сарафот Шами, кога си одел од дуќан дома со ќесите полни со пари, со наполеони, што ги чувал во дуќанот бидејќи немал сигурносни каси, го нападнал и го убил еден разбојник од селото Осрец. Потоа се утврдило дека во тоа бил вмешан и самиот Милосављевиќ. Тој беше вмешан и во други убиства, особено во убиства на побогатите Власи. Тоа се потврди подоцна. Но, разбојништва имало и од качаците. Како пример го давам чичко ми, кого го убија качаците од Охрид. Му ги украле парите и побегнале, но има и други претпоставки. Само во тие ситуации полицијата имала работа со Евреите. Друг криминал немаше, т.е. криминал што би го вршеле самите Евреи. Во рамките на Еврејската општина имаше многу фондови – малбиш арумим (облекување на сиромашните), ливјанот лалевјоним (материјална помош за сиромашните). Тие и многу други фондови ги одржуваа Евреите од Битола, но и со помошта на други еврејски заедници.

СТОПАНСКАТА СТРУКТУРА НА ЕВРЕИТЕ

Стопанската структура на Евреите во Битола по Првата светска војна се‘ повеќе инклинираше кон сиромашните, дури и кон најсиромашните. Рабинот Аврам Романо ја имаше детално анализирано таа структура, претставена во бројки од која се гледа дека пирамидата на сиромашните беше во најдолните слоеви – тие беа најмногубројни. Ги упатувам евентуалните читатели на изворите што ги користел и Цви Ротмилер за својата книшка Јевреји Јужне Србије. Некои занаети беа типично еврејски. Скоро сите зарзаватчии беа Евреи. Тие сами ги обработуваа бавчите и сами го продаваа зарзаватот, кој беше исклучително евтин и од кој никој не се збогатил. Сите зарзаватчии беа на една улица која заради одржување на свежината на продуктите беше покриена. Освен тоа, еврејска професија беше и продавањето овошје. Некои од нив сами го произведуваа, но повеќето го купуваа од продавачите, го сортираа и потоа го продаваа. И овошјето беше многу евтино. Од тие две еврејски професии не можеше човек да се збогати. Во еден крај на Битола наречен Ла Данга беа продавачите на овошје на ангро, меѓу кои и еден Евреин, Аврам Ароести кој ни беше сосед. Е, тој Аврам беше богат човек. Типично еврејско занимање беше скиџи, старинари за кои веќе говоревме и кои држеа една голема улица на пазарот. Еврејски занает беше и кројачкиот, и тие исто така држеа цела улица. Но, шивачи имаше во поголем број и кај останатата популација. Еврејска професија беше и лус видрерус (стаклари, правеа чаши, шолји). Тие веќе беа поимотни. И ситничарите – продавачи на конци, копчиња, украси и сл. беа исто така еврејски професии. И трговијата со волна и кожи беше во еврејски раце, заедно со работилниците на кожи, ѓонови и сл. Тоа го работеше татко ми со наши роднини.

Сарафите беа само Евреи. Но, и речиси сите носачи, амали со самари беа Евреи. Крпачи на стари чевли, беа исто само Евреи. Евреите имаа свои кошер касапници, каде што се продаваше ритуално месо, т.е. ритуално заклано, подготвено, затоа што некои делови од месото не се јадеа, беа тареф, т.е. неритуално и недозволено. Но, постоеја и месарници што ги држеа неевреи, бидејќи тоа беше доста рентабилна работа. Продавниците на штофови ги држеа главно Евреи. Особено треба да се спомене Челебон Франко, многу способен трговец. Имаше и шест лекари Евреи во Битола, но тие дојдоа од други градови, од Белград и од Сараево. Тие беа д-р Барух-интернист, единствен специјалист интернист, д-р Моша Џераси – општ лекар, многу способен и баран лекар и д-р Медонса – дипломиран стоматолог, како и д-р Попадиќ-дерматовенеролог, додека д-р Мирјам Попадиќ беше школски лекар. Сите тие беа многу ценети и способни лекари во Битола.

Сега ми текна една немила слика од времето на окупацијата. Кога се расчу низ Битола дека ќе им прекине стопанската дејност на Евреите, целиот џган од Битола се собра околу побогатите Евреи со вреќи, мислејќи дека ќе се отворат дуќаните и дека ќе ограбат се‘. Но, тоа не се случи, и тоа многу ги разочара. Државата ги ограби на законски начин.

ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Но, сиот тој живот се прекина со холокаустот. Најголемата катастрофа за еврејскиот народ, кој опстојувал цели четириесет века, се случи токму во наше време. Убиени се над шест милиони Евреи од Европа. Истото се случи и со еврејските заедници во Југославија и Грција. По окупацијата на Македонија од страна на Германија во април 1941 година, власта ‘и беше предадена на Бугарија, а со тоа настапи и целото антиеврејско законодавство. Почна строго да се применува Законот за заштита на нацијата. Според овој закон, сите Евреи беа непријатели и постепено почна да им се одзема работата, така што Евреите немаа од што да живеат. Сите пари во банките им беа блокирани и присвоени. На конечното решение на еврејското прашање во Македонија му претходеа многу тајни разговори меѓу Германија и Бугарија. Првите преговори биле меѓу Бекерле (германски овластен министер во Софија) и Габровски (министер за внатрешни работи на Бугарија). Се согласиле, во првата група веднаш да се најдат дваесет илјади Евреи од Македонија, Тракија и источна Србија, а потоа ќе се видело за другите. Тие разговори се воделе уште во февруари 1942, за на 22 февруари 1943 и конечно да се заклучи првата група. И дојде пеколниот ден, 11 март 1943. Во раните утрински часови, околу два часот, беа собрани повеќе стотици луѓе од државната безбедност. Во градовите веќе имаше блокади. Собирањето на Евреите било по претходно подготвени списоци. Џандармите, по добиените инструкции, ги убедувале дека ќе ги испрателе во „старите предели“ на работа. Битолските и штипските Евреи беа транспортирани во Скопје и заедно со скопските Евреи беа сместени во зградите на Монополот. Претходно им биле одземени сите пари. Животот во собирниот логор Монопол личел на најозлогласените логори во Европа. Таму беа три недели. Логорот бил строго чуван со митралески гнезда и со коњаницата, со војска околу зградата. Секаков контакт со надворешни лица бил апсолутно невозможен. Храна почнале да им делат дури по повеќе дена, и тоа еднаш дневно. Тоа и не можело да се нарече храна. Во логорот имало само петнаесет нужници за околу седум илјади лица и се одело само под стража. Повеќето не ни стигнувале да одат в нужник, па вршеле нужда во собите. Таму, пак, биле сместени и до петстотини лица, еден врз друг; било забрането отворање на прозорците, па се ширела ужасна смрдеа. Ги тепале, камшикувале. Како да испратиле само садисти! Ги тепале за секој, па и најмал прекршок.

На 22 март 1943 година почна транспортацијата на првата група од илјада и шестотини лица, во четириесет вагони за добиток. Во секој вагон имало по осумдесет лица, буре за вода и кофи за физиолошки потреби. Поголем дел од вагоните и немале прозорци. Повеќето умреле веќе на пат, пред да стигнат на 28 март 1943 во логорот Треблинка, каде што преживеаните од патот биле веднаш усмртени во гасни комори, а потоа телата им биле запалени. Втората група била одведена на 25 март во која се нашле две илјади и четиристотини лица. Се патувало шест дена до Треблинка. И од оваа група многу луѓе умреле по пат. Третиот и последен транспорт од две илјади и петстотини лица бил на 29 март. Последната проверка ја извршиле лично Белев (Бугаринот) и Денекер (Германецот). Во Треблинка стигнале на 5 април и ја доживеале истата судбина. За разлика од другите логори на смртта, во Треблинка имало само гасни комори и крематориум, но не и работилници.

Евреите од Егејска Македонија ја имале истата судбина-депортација и смрт во различни логори. Само во Солун пред депортацијата имало околу педесет и шест илјади Евреи. Солун со векови бил „еврејски“ град, зашто во поголем дел на неговата историја во него живееле многу повеќе Евреи од сите други народи заедно. Во градот милениуми зрачела култура, првата печатница била еврејска. Се печателе книги од цел свет. И дојде време, сето тоа да го снема!

Во меѓувреме во Битола беа провалени групите што илегално работеа за резистенцијата, истовремено и мојата. Јас не се вратив во Битола, туку останав во Софија каде што се криев во болницата кај мојот пријател Славе. На 11 март разбрав за депортацијата на Евреите вклучувајќи го и моето семејство. Враќањето ми беше тажно, и му се приклучив на семејството Јона. Софиските Евреи беа депортирани надвор од главниот град, во разни места во логори во Бугарија. Семејството во кое се криев го испратија во Плевен во логор. Јас бев принуден да одам со нив. Се криев се‘ до капитулацијата на владата на Бугарија. Во тој период работев илегално за отпорот. Најголема акција беше ослободувањето од затвор на раководителите на бугарскиот и на македонскиот отпор. Успеавме сите да ги спасиме. Јас бев принуден да останам во Софија за да ги завршам студиите по медицина. Штом добив диплома, се вратив во Македонија и почнав да работам како лекар во Куманово. Тогаш ги разбрав деталите за резистенцијата во Битола. Дваесет проценти од еврејското население учествуваше во движењето на отпорот. Илегалните активности беа можни, затоа што Евреите беа собрани во гето и немаше шпиони меѓу нив. Се работеше слободно, освен што се собираа пари, во рамките на можностите, и прехранбени артикли, девојките и жените шиеја и плетеа облека за партизаните, се печатеа летоци во печатницата на Пепо Хасон, се чуваа и се негуваа партизани. Моите двајца браќа, Саломон и Самуел Садикарио, успеаја да побегнат од депортацијата. Се влечеле по улици мислејќи дека ќе се скријат кај некои пријатели, но тие ги ограбиле, им ги зеле парите и ги избркале. На крај отишле кај Борис Алтипармак со кого имаа илегални врски, тој ги прибрал неколку дена, додека да добијат врска со партизаните.

Од Евреи партизани, кои биле со моите браќа, разбрав за нивната судбина, што се‘ морале да поминат и што се‘ доживеале. Информациите ги добив од Алберто Русо, Жамила Колономос, Борис Алтипармак, Бојчо Секирарски. Саломон го викаа Мо. Се покажа како добар борец и добар соработник на партизаните. На 18 август 1943 е формиран првиот македонски баталјон „Мирче Ацев“. Саломон, Бено Русо и Жамила Колономос беа назначени за заменици-комесари на трите чети. На крајот на 1943 година беше организиран Првиот конгрес на Македонската антифашистичка младина во село Фуштани и како делегати на партизани-Евреи беа избрани Саломон и Жамила. Саломон одржа забележителен и убав говор, објаснувајќи ја трагедијата на депортираните Евреи, без да се знае крајниот исход. Саломон беше и добар писател, секогаш учествуваше во весниците што ги издававме како партизани. Во една борба што се водеше со бугарските фашистички војски во Страцин, близу до Куманово, Саломон беше тешко ранет. Немаше можност да се спаси, немаше ниту лекари, ниту лекови. Во селото Арбанашко, каде што беше однесен заедно со уште еден ранет, почина и ги закопаа заедно. По војната, заедно со Бојчо Секирарски успеавме да го најдеме гробот. Неговите останки ги закопавме во споменикот на загинатите борци во Куманово, каде што е запишано и неговото име.

Судбината на Самуел беше поинаква. Беше многу мирен и не знаеше да каже никому не. Им ги поправаше чевлите на партизаните. Додека сите се одмораа, тој работеше. Алатот што го употребуваше беше многу тежок и често му велевме дека мора да го подели некако за да му се олесни ранецот. Не се согласуваше, зашто се плашеше дека ќе го загуби алатот. Немаше доверба во никого. Беше слаб, не се одмораше со другите. Беше многу совесен, работлив и сите го сакаа. Напредуваше бавно, но сепак успеа кон крајот на 1944 година да стане командант на артилериски баталјон. Учествуваше во завршните борби против Германците. Загина близу до Загреб во 1945 година во една борба за ослободување на градот. Не можев да го најдам местото каде што беше закопан. Го минав заедно со луѓето што сакаа да ми помогнат околу сите гробишта, но без успех. И неговото име го ставив на споменикот во Куманово, до името на Саломон. Загубата на двајцата браќа толку ме натажи што ми требаше доста време да се соземам. Тажен бев и за загубата на блиските пријатели: Исак Сарфати, Рафаел Батино, Естреја Овадија, Марсел Демајо, Мурдо Нахмијас, Исак и Леон Фараџи, Бато Анаф и други.

Сознанието за депортацијата и несреќите во монополот во Скопје, однесувањето на бугарските фашисти без трошка хуманост, депортирањето во добиточни вагони, еден врз друг без храна и вода, без прозорци и воздух, уште повеќе ме депримираа. По пет-шест дена од трагичното патување во Треблинка стигнаа и оние што се‘ уште беа живи. Ги соблекоа и веднаш ги ставија во лажните бањи, ги задушија и ги запалија во специјално подготвени печки. Ни еден од нив не се врати од Треблинка.

Извадок од книгата „Корени“ на Аврам Садикарио

603591_658762600805861_245771355_n

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s