Побивање на митот на Мјуреј Ротбард за „Маркс, поддржувач на теоријата за подпотрошувачка“

test_image01-372

Економистите го изменија Маркс на различни начини;

смислата е да се толкува тој – исправно. (Ендру Климан)

Ротбард, Класична економија, том II, Марксовиот систем, II: економиката на капитализмот и неизбежна смрт, Подпотрошувачката, стр. 428-29:

Подпотрошувачката како објаснување на економските депресии беше Марксовата доминантна варијанта на теоријата на бизнис циклуси, документирана во примерот, на неговиот и Енгелсовиот континуиран напад на Сејовиот закон и на Рикардовото верување во истиот. Поентата, како што е елаборирана конкретно во Марксовата “Theories of Surplus Value” (напишана 1861-1863) е дека: како што капиталистичката акумулација и производство напредува, ја надминува способноста на експлоатираниот работник да конзумира, кој заработува многу помалку него вредноста на неговиот производ. Толпата на работници не може да конзумира доволно за да ги купи капиталистичките производи и дупката не е пополнета од капиталистичките експлоататори, кои се далеку позаинтересирани да штедат и акумулираат него да конзумираат. Следствено, Сеј не е во право, и постои во системот општо хиперпроизводство кое ја надминува способноста на работниот народ да конзумира. Како што Маркс репетитивно кажувал, “мнозинството од луѓето, работничката популација, може да го прошири своето конзумирање само во тесно ограничениот округ”.

Маркс се враќа на оваа доминанта “underconsumptionist” тема во третиот том од Капитал. Во капитализмот, Маркс пишува, “куповната моќ на општеството” е детерминирана од “антагонистичките услови на дистрибуцијата”, која ја “намалува потрошувачката на огромниот дел од популацијата до варијабилен минимум во повеќе или помалку тесни ограничувања”. Дополнително,

Потрошувачката моќ е дополнително ограничена од тенденцијата да се натрупува, алчноста за експанзија на капитал и создавањето на вишок-вредност на зголемено ниво…Пазарот, затоа мора континуирано да се шири…Но, до таа мера во која производствените сили се развиваат, се наоѓа себеси во несогласување со тесната рамка во која лежат условите на потрошувачката.

Исто така, во третиот том од Капитал, Маркс пишува: “Ултимативната причина за сите кризи секогаш е сиромаштијата и ограничената потрошувачка на масите, во контраст на развојното движење на производственити сили, како да само апсолутната потрошувачка на општеството поставува граници за нив”.

Маркс истакнува дека ако „целото општество е сочинето едноставно од индустриски капиталисти и наемни работници“, целокупниот приход (= нето аутпут) би бил поделен помеѓу профитите на претходните и платите на последните. Ако ние претпоставиме дека работниците го трошат својот целокупен приход на потрошувачки стоки и услуги, тогаш недостатокот од побарувачка, а оттука „кризата, би се објаснувале само во однос на“ две нешта. Прво, сиот приход би можел да биде потрошен на стоки и услуги, но би можело да има недостаток од побарувачка во одредени производствени гранки (и премногу побарувачка во други) – „несразмерност во производството помеѓу различни гранки“. Второ, побарувачката на индустриските капиталисти би можела да биде помала од нивниот акумулиран профит; во овој случај, би имало „несразмерност помеѓу потрошувачката на самите капиталисти и нивната акумулација“ [Маркс изгледа овде мисли на сумата на нивната побарувачка на лична потрошувачка и нивната побарувачка на продуктивна потрошувачка (побарувачка за инвестирање). Нивната побарувачка на лична потрошувачка секогаш е помала од нивниот акумулиран профит, но кризата би се случила само ако нивната побарувачка за инвестирање не е доволно голема да го компензира овој јаз.] „Но, како што стојат всушност работите, побарувачката зависи до голем размер од потрошувачката способност на непроизводствените класи; додека потрошувачката способност на работниците е ограничена“ (Marx 1991: 614–15). Со други зборови, работниците примаат само дел од приходот којшто не е профит, додека третите кои не се ни капиталисти ни работници но наместо тоа припаѓаат на „непроизводствени класи“, го примаат остатокот, а би имало криза ако побарувачката на потрошувачите на последните е значително помала од нивниот приход.

Оттука, „крајната причина за сите реални кризи“ – покрај двете причини што Маркс ги споменува во истиот параграф, само две реченици претходно – „секогаш останува сиромаштијата и ограничената потрошувачка на масите“ во смисла дека ова ја создава можноста дека третите, кои примаат приход којшто инаку работниците би го примиле, би можеле да не го трошат целиот на стоки и услуги. Или, ако ги пренебрегнеме, како нешто друго од „реални кризи“, тие предизвикани од првиот вид на несразмерност, тогаш ограничената потрошувачка на работниците е крајната причина во смисла дека ова ја создава можноста дека индустриските капиталисти и непроизводствените класи примаат одреден приход којшто тие би можеле да не го потрошат на стоки и услуги. А овие можности во возврат „ја имплицираат можноста на кризи, иако не повеќе од можност. За развојот на оваа можност во реалност потребна е цела низа од услови“ (Marx 1990: 209, подвлекувањето додадено).

Ништо во овие пасуси дури не алудира на идејата дека кризите се предизвикани од хронични структурни проблеми во капитализмот коишто резултираат од постојано несоодветна лична потрошувачка. И ништо во нив дури не алудира на порекнување дека инвестициската побарувачка може да расте побрзо од потрошувачката побарувачка, дури на долг рок. Маркс се разбира не ја „предизвикува директно идејата дека „основната“ причина на капиталистичките кризи лежи во одредена одделна сфера на производството“ (Desai 2010: 115), бидејќи пасусите само ги дискутираат факторите коишто ги прават кризите можни; тие не ги дискутираат основните услови коишто ја преобразуваат „оваа можност во реалност“.[1]

Хиперпродукцијата е она што кризата претставува по опис, но не и причината. Како што Маркс го разјаснил ова во друг параграф:

„Чиста тавтологија е да се каже, дека кризите произлегуваат од недостиг на платежно способна потрошувачка или платежно способни потрошувачи. Инаков вид на потрошувачка, освен онаа што плаќа капиталистичкиот систем не познава, со исклучок на онаа sub forma pauperis (во форма на бедна потрошувачка) или онаа на „мангупите“. Кога стоките не може да се продаваат, не значи ништо друго освен, дека за нив не може да се најде платежно способни купувачи, значи потрошувачи (било тоа стоките во крајна инстанца да се купуваат за производната или за индивидуалната потрошувачка.) Но, ако се сака на оваа тавтологија да ѝ се даде вид на подлабока заснованост со тоа, што се вели, дека работничката класа добива еден премал дел од својот сопствен производ, и дека злото ќе биде само со тоа отстрането, штом таа ќе добие од него поголем дел, штом расте нејзината наемнина, при ова треба само да се забележи, дека кризите секојпат се подготвуваат токму во еден период во кој имаме општо кревање на наемнината и работничката класа реално добива поголем дел од годишниот производ определен за потрошувачка. Таков период – од гледната точка на овие рицари со здрав и „прост“ (!) човечки разум – би морал, напротив, да ја отстрани кризата. Според тоа, се чини дека капиталистичкото производство содржи во себе услови независно од добра или зла волја, кои само моментално го допуштаат оној релативен просперитет на работничката класа, и навистина секојпат само како буревесник на криза.“[2]

Дека „кризите секојпат се подготвуваат токму во еден период во кој имаме општо кревање на наемнината и работничката класа реално добива поголем дел од годишниот производ определен за потрошувачка“ (Маркс) навистина беше случај и со кризата од 2007 година. Како што знаеме платите се само дел, отсекогаш помал дел, од вкупната компензација на вработените лица. Освен тоа, тие добиваат неплатежна компензација – здравствени и пензиски надоместоци кои многу од нив ги добиваат од своите работодавачи, и даноците кои сите работодавачи ги плаќаат во име на работниците. Овие даноци ги финансираат владините здравствени и пензиски надоместоци кои работниците ги добиваат кога тие се пензионираат. Откога американското население остарува и живее подолго после пензионирање, и откога здравствените трошоци растат посебно бргу, овие дополнителни компоненти на вкупната компензација се зголемија побргу од работничките плати.

Кога ние ја разгледуваме вкупната компензација, платите плус неплатежната компензација, гледаме дека уделот на работниците во националниот доход бил повисок во 2007 отколку во 1960, и опаднал само незначително по 1970. Но, освен тоа, владата им плаќа на работниците многу „социјални надоместоци“: осигурување во случај на невработеност, социјална грижа и надоместоци за ветерани, здравствени и пензиски надоместоци, итн. Нето социјалните надоместоци – надоместоци минус даночните придонеси кои делумно се плаќаат за нив – се зголемиле многу побргу отколку работничките плати. Според тоа, вкупниот доход на работните луѓе, вкупна компензација плус нето социјални надоместоци, беше неизменет како дел од националниот доход помеѓу 1970 и 2007, и беше многу повисок отколку во 1960.[3]

Ротбард, Класична економија, том II, Марксовиот систем, II: економиката на капитализмот и неизбежна смрт, Подпотрошувачката, стр. 429:

Најочигледниот и најбезобзирниот проблем со оваа теорија на економските кризи е што објаснува премногу. Бидејќи ако потрошувачката на масите не е никогаш доволна за да ги откупи производите и да ги одржи бизнисите профитабилни, зошто тогаш нема постојана депресија? Зошто постојат периоди на бумови и падови? И Маркс и Енгелс изгледа како да го преосетиле овој проблем и ја увиделе потребата за барем уште една подржувачка теорија. Така, во третиот том од Капитал, Маркс, во дополнување на погорниот цитат, признава дека барем постојат привремени бум периоди пред кризите, кога платите растат и работниците заземаат поголем дел од производот. Енгелс исто така, во Анти-Дуринг, првин изјавува дека “масовната индустрија, која низ целиот свет лови нови потрошувачи, ја ограничува потрошувачката на масите дома до “starvation minimum” и затоа го поткопува нејзиниот сопствен домашен пазар”. Но, потоа, малку понатаму во своето исто дело, Енгелс, по тврдењето дека “underconsumption на масите е затоа и неопходен услов на кризите”; признава дека концептот не може да објасни “зошто кризите постојат денеска” додека “тие не постоеле во претходните периоди”.

Всушност Енгелс го критикува подпотрошувачкото гледиште на Диринг за капиталистичките кризи:

„»Но, кај големите кризи она што конечно така критично го проширува јазот помеѓу понудата и побарувачката не е хиперпродукцијата, туку, напротив, заостанување на народната потрошувачка … вештачки створена подпотрошувачка … спречување на народните потреби (!) во нивниот природен раст«

А за таа своја теорија на криза Диринг сепак среќно нашол еден ученик.

Но, за жал, подпотрошувачката на масите, ограничената масовна потрошувачка на она што е потребно за одржување на животот и продолжување на врстата – не е некоја нова појава. Таа постои откако има експлоататорски и експлоатирани класи. Дури и во оние периоди на историјата кога положбата на масите била особено поволна, како, на пример, во Англија во 15-ти век, тие конзумирале под своите потреби, биле далеку од тоа заради целта за потрошувачка да располагаат со својот вкупен годишен производ. Па ако подпотрошувачката е постојана историска појава низ илјада години, општиот застој на пазарот којшто се претвора во кризи како резултат на вишок на производство е појава само на последните пеесет години, тогаш потребна е сета вулгарно-економска површност на г-дин Диринг па за да новата колизија се објаснува со илјадите години на стара подпотрошувачка, а не со новата појава на хиперпродукција. Тоа е исто како кога во математиката некој би сакал да објасни промена во однос на две величини, од кои една е константа, а друга променлива, не со тоа што променливата се променила, туку со тоа што константата останала иста. Подпотрошувачката на масите е нужен услов на сите облици на општествата засновани на експлоатација, па според тоа и на капиталистичкиот; но дури капиталистичкиот облик доведува до криза. Подпотрошувачката на масите е, значи, и предуслов за кризи и игра во нив одамна призната улога, но таа за причините на денешното постоење на кризите нѝ кажува исто толку малку колку и за причините на нивното поранешно непостоење.“[4]

Вака од целиот контекст можеме правилно да заклучиме дека Енгелс не тврди дека подпотрошувачката на масите е нужен услов на кризите, како што Ротбард со совест на еден вулгарен економист нѝ цитира, туку дека таа е нужен услов на сите облици на општествата засновани на експлоатација и дека капиталистичкиот облик на општеството, а не подпотрошувачката, доведува до криза. А, кога Енгелс на крајот од параграфот вели дека „подпотрошувачката за причините на денешното постоење на кризите нѝ кажува исто толку малку колку и за причините на нивното поранешно непостоење“, тој всушност ја отфрла теоријата на подпотрошувачка како научно објаснување на кризите во капитализмот. Со ова и контрааргументирачкото прашање на Ротбард „ако потрошувачката на масите не е никогаш доволна за да ги откупи производите и да ги одржи бизнисите профитабилни, зошто тогаш нема постојана депресија“ не е релевантно и просто отпаѓа.

Ротбард, Класична економија, том II, Марксовиот систем, II: економиката на капитализмот и неизбежна смрт, Подпотрошувачката, стр. 429-30:

До денот кога Енгелс го напишал предговорот на првото англиско издание на првиот том на Капитал во 1886, сепак, проблемот елегантно се разрешил на негово сопствено задоволство. Додека бизнис циклусите на бумови и падови всушност преовладувале се до 1867, тој сметал, Англиската економија задоволително се струполила во вечна депресија. Кои и да се субсидијарните причина на бумовите, тие се сега завршени и вечна депресија набргу ќе ја потикне револуцијата на пролетаријатот. Сред морето на урнатини на само-убедените Марксови “предвидувања”, ова беше едно од најапсурдните и извонредно промашените. Енгелс вели:

„Десетгодишниот циклус на застој, просперитет, претерано производство, и криза, што од 1825 до 1867 постојано се повторува, изгледа оти истекол; но само за да нè довлечка во блатиштето на крајна безнадежност од една перманентна хронична депресија. Силно саканиот период на просперитет не доаѓа; колку пати и да нѝ се чинело дека сме ги загледале симптомите што сведочат за неговото идење, толку пати тие се изветрија. Притоа секоја нова зима го поставува одново прашањето: „Што да се прави со безработните?“ Но, додека бројот на безработните од година на година расте, нема никој да одговори на ова прашање; и ние би можеле тукуречи да го пресметаме моментот кога безработните ќе го изгубат трпењето и ќе си ја земат судбината во своите раце.“[5]

Се разбира, просперитетот пристигна во Англија многу порано него револуцијата на пролетаријатот.

Да го пренесеме Енгелсовото видување на сегашната ситуација. Денес, најразвиената капиталистичка економија, таа на САД, веќе е во триесетгодишен застој (1983-2007) одн. пад на просечната профитна стапка и соодветно стапката на акумулација на капиталот, според тоа без претерано производство и во перманентна хронична депресија. Силно саканиот период на висока профитна стапка навистина не доаѓа. И одново можеме да ги поставиме Енгелсовите прашања: „Што да се прави со најмалку 25% од американските работоспособни кои се невработени? Што да се прави со 39.8 милиони Американци кои сега живеат под границата на сиромаштија, вклучително 12.9 милиони деца? Што да се прави со 58 милиони[6] Американци кои сега живеат во сиромаштија?“ И додека нивниот број од година на година расте, ниеден Австриец, ниеден ротбардист, нема да одговори на ова прашање. Очигледно, просперитетот во САД премногу доцни со што ѝ го отстапува патот на американската пролетерска пауперизирана класа.

Енгелс потоа продолжува во Предговорот кон англиското издание: „…Во таков момент секако ќе треба да се чуе гласот на човекот кому целата теорија му е резултат од доживотното изучување на економската историја и на положбата на Англија, и кого го доведе ова изучување до заклучок дека Англија е единствена земја, барем во Европа, акде што неизбежната социјална револуција би можела наполно да се спроведе мирно и со легални средства.“

За 25 години од смртта на Маркс, европските социјалистички партии кои го признаа Марксовото влијание на нивните политики секоја од нив добиваше меѓу 15 и 47% во тие земји на претставнички демократски избори. Шведската социјалдемократска партија била на власт над 80 години што е повеќе и од властодржието на советската комунистичка партија. И зошто национализациите во Шведска под владата на Палме, тие во Франција под владата на Митеран и тие во Британија под владата на Атли би се разликувале од оние коишто биле спроведени во СССР, СФРЈ и НР Кина?[7] Всушност, социјални револуции во Западна Европа се случија, но тамошните авангарди на работничката класа, како и оние во СССР, СФРЈ и НР Кина, не беа доволно марксистички образовани да го укинат и наемното плаќање на работниците како би ги довршиле револуциите[8], рушејќи го до темел капиталот како општествен однос. Нема никаква причина зошто да цениме дека Марксовата предикција од глава 32 на Капиталот е побиена од емпиријата, наспроти верувањето на Карл Попер. Напротив, во 20 век ширум цела Европа, од Урал до Британија, работничката класа немала никогаш порано толку моќен политички статус – да има мнозинство во националните собранија. Што револуциите немале успех, не е вина на Марксовата теорија, туку на авангардите коишто не ја студирале[9].

Понатаму, Ротбард (стр. 430) го кажува она што веќе Маркс го кажал пред 100 години:

Заштедите не “истекуваат” надвор од економијата; тие се трошат, на витално важни инвестиции во ресурси и капитални добра.

Како што Марксовите шеми на репродукција во Капиталот, том 2 покажуваат, не е случај дека целото продуктивно инвестирање резултира со повеќе потрошувачки добра, ни дури „на крајот“. Одредено железо се користи да се произведе челик што се користи за да се произведе рударска опрема што се користи да се ископува железо итн. итн.

железо –> челик –> рударска опрема –> железо …

Според тоа, ограничениот раст на побарувачката на потрошувачите не поставува никаква несовладувачка граница за растот на продуктивната инвестициска побарувачка. Едно претпријатие може да бара повеќе челик бидејќи точно предвидува поголема побарувачка за рударска опрема, а друго претпријатие може да бара повеќе рударска опрема бидејќи точно предвидува поголема побарувачка за железо, а трето претпријатие може да бара повеќе железо бидејќи точно предвидува поголема побарувачка за челик итн итн.

А бидејќи побарувачката за продуктивно инвестирање не е „на крајот“ ограничена од обемот на личната потрошувачка побарувачка, целокупната побарувачка во стопанството исто така не е „на крајот“ ограничена од неа.

Емпириски Ендру Климан покажа дека побарувачката за продуктивно инвестирање од бизнисите се зголемила скоро петпати колку и побарувачката на потрошувачите во САД за време на последните три четвртини на овој век. На сликата долу се дадени растот на реалната (инфлациски прилагодена) побарувачка за лична потрошувачка и реалната инвестициска побарувачка од приватните бизниси за инфраструктура, опрема и софтвер, како и порастот на реалниот бруто домашен производ на САД. Сите овие опаднале во 2009 година поради рецесијата. Но, во текот на три четвртини од векот пред ова, побарувачката за реални инвестиции пораснала 73 пати, додека БДП пораснал само 18 пати а побарувачката за лична потрошувачка пораснала 15 пати. Според тоа, побарувачката за инвестиции пораснала четири пати бргу колку БДП и скоро пет пати бргу колку побарувачката за лична потрошувачка. Бројките на инвестиции презентирани на сликата се бројки за бруто инвестиции, односно инвестиции пред одземање на амортизацијата. Меѓу 1945 и 2008, реалните нето приватни инвестиции за инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 7 пати брзо колку реалната лична потрошувачка, и 9.9 пати брзо колку реалниот БДП. Кога не е направено прилагодување на инфлација, бруто приватните инвестиции во инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 3 пати брзо колку личната потрошувачка, и 2.6 пати брзо колку БДП, меѓу 1933 и 2008. Нето приватните инвестиции во инфраструктура, опрема и софтвер пораснале 2.4 брзо колку личната потрошувачка и 3.1 пати брзо колку БДП, меѓу 1945 и 2008. Во 65-те години од 1943 до 2007, реалната лична потрошувачка во САД опаднала само двапати, во 1974 и 1980. Покрај тоа, процентуалниот пад на конзумирачката потрошувачка во 1974 и 1980 била во просек само 7 проценти од процентуалниот пад на инвестициската потрошувачка.

Ротбард, Ibid.:

Не постои претерано производство; постои само премногу произведено за цената која потрошувачите се спремни да ја платат, цена која во кризи, не ги покрива трошоците на бизнисмените.

Но, во почетокот на 1980-те, делот на профитот што беше инвестиран во производство беше ненормално и неодржливо висок. Тоа беше повеќе од 100% од оданочениот профит. Американските корпорации инвестираа повеќе профит отколку што имаа![10]

Ротбард продолжува:

Но, веднаш кога ќе го препознаеме ова, ние мора да го видиме и тоа дека, со цел да се избалансира производството и потрошувачката, со цел да се елиминира проблемот на понудата, или залихите, поголеми од побарувачката, се што треба да се случи е цените да паднат. Дозволете цените да паднат, и набргу понудата и побарувачката ќе бидат во еквилибриум, и загубите на претпријатијата ќе бидат само привремени.

Марксовите шеми на препроизводство развиени во вториот том на Капиталот покажуваат како врамнотежениот раст во услови на капитализам е невозможен. Младиот талентиран марксист Брендан Куни според мене даде најелегантно објаснување на овие шеми:

„Капиталистите се во конкуренција меѓу себе. За да преживеат тие мораат да реализираат повеќе профит од своите конкуренти – што е еден друг начин да се каже „извлекување колку што можат повеќе вишок на вредност од работниците“. Повторно, ова е апстракција. Некои капиталисти може да бидат подобри или полоши од другите во ова. Интензитетот на конкуренцијата и моќта на работничкото движење можат да влијаат на нивната способност да извлекуваат вишок на вредност. Но, поттикот да се зголемува вишокот на вредност е доминантната тенденција. Еден од најдобрите начин да се направи ова е преку технолошка иновација. Заменувајќи дел од работниците со машини, капиталистот може да го зголеми производството по работник. Се разбира, штом другите капиталисти ги усвојуваат овие иновации, износот на општествено неопходно работно време во една стока опаѓа и трката да се иновира започнува одново пак. На тој начин, нашиот модел има циклична стапка на невработеност и постојана трка да се иновира како сродни особини на истиот поттик да се зголемува вишокот на вредност.

Ова значи дека вкупната вредност на сите стоки во стопанството е поголема од вкупниот износ на плати. Ова би можело да создаде системски проблем ако нема доволно побарувачка да се купат сите производи создадени од капиталот. Ова е проблем на подпотрошувачка, но капиталистите би можеле да го избегнат проблемот на подпотрошувачка со правилни реинвестирачки стратегии. Односно, ако капиталистите го реинвестираат својот вишок во проширување на производството, тие можат да ја зголемат општата побарувачка во општеството доволно за да ја одржат побарувачката во чекор со понудата. Ова создава понатамошен императив за капитализмот да продолжи да расте. Ако растот некогаш забави, целиот систем може да влезе во криза.

Прашањето тогаш е, кој вид на инвестициски стратегии би создале систем во еквилибриум (врамнотеженост)? Колку од вишокот би требало да биде потрошен на плати? Колку на постојан капитал? Да замислиме дека постојат два општи вида на стоки. Постојат потрошувачки стоки, нешта што ти и јас ги купуваме во продавница, и постои постојан капитал, сите алатки, суровини и машини кои капиталистот треба да ги купи. Ова малку го комплицира нашиот модел на еквилибриум бидејќи сега ние мораме да ги земеме предвид капиталистите кои ги плаќаат работниците, работниците кои купуваат од капиталистите, капиталистите кои купуваат потрошувачки стоки од други капиталисти и капиталистите кои купуваат постојан капитал од други капиталисти. За да си го претставиме сето ова ние ја поделуваме капиталистичката класа на два „оддели“. Оддел 1 произведува средства за производство (или c, постојан капитал) за целата капиталистичка класа. Оддел 2 произведува потрошувачки стоки и за капиталистите и за работниците. Ние можеме да го прикажеме овој модел на стопанството во вид на следната шема:

Оддел еден: c + v + s (постојан капитал + променлив капитал + вишок на вредност)
Oддел два:  c + v + s (исто како во Оддел еден)

Оваа шема ја покажува вкупната вредност на сите стоки во двата оддели. Стоките од двата оддели се збирот на сиот постојан и променлив капитал и вишокот на вредност. Оддел еден изработува постојан капитал за себе, но неговите работници и капиталисти мора да се обратат кај Оддел 2 за потрошувачки стоки. Оддел 2 произведува потрошувачки стоки за сите капиталисти и работници, но мора да се обрати кај оддел 1 за постојан капитал. Капиталистите мораат да решат колку од својот вишок да посветат за реинвестирање во c+v (постојан + променлив капитал) и колку да потрошат за лична потрошувачка. Нивните инвестициски одлуки го определуваат износот на понуда и побарувачка во стопанството.

Ако сите овие инпути и аутпути се поклопат, ако сè се избалансира, капитализмот е во еквилибриум. Но, ако нештата излезат од баланс ние ќе видиме прекумерно производство на одредени стоки во еден од одделите без доволна побарувачка да ги откупи. Ако едно такво прекумерно производство се одвои мошне од врамнотежениот раст ние гледаме насилна криза во стопанството: профитот паѓа, инвестициите паѓаат, невработеноста расте, стоките се обезвреднуваат, итн.

Карл Маркс се заложи да воспостави еден таков модел за капиталистичко општество во еквилибриум. И тој го откри овој модел. Ако Оддел 1 реинвестира половина од својот вишок во постојан и променлив капитал, во истиот размер на постојан спрема променлив капитал, и ако Оддел 2 реинвестира 3/10 од својот вишок во постојан и променлив капитал, зачувувајќи го истиот размер, моделот може да расте секогаш без криза. Се разбира, тој може да се соочи со надворешни препреки, како криза на средината, но нашето истражување овде е за внатрешна криза. Капитализмот теоретски може да расте и расте засекогаш без проблем. Крај на приказната.

Ако посветите повеќе внимание, можете да забележите дека постојат некои нејасни работи во врска со моделот на еквилибриум. Пред сè, ако еквилибриумот бара многу конкретни инвестициски стратегии, како овие реинвестициски стратегии некогаш ќе се реализираат ако тие се резултат на многу индивидуални капиталисти кои делуваат по своја волја? Ние не можеме да го користеме стариот аргумент на понуда и побарувачка кои природно се балансираат меѓусебно, на „скриената рака на пазарот“ која го координира реинвестирањето, бидејќи само што видовме дека самите понуда и побарувачка се формирани преку самите овие реинвестициски стратегии. Една таква рестриктивна шема би можела само случајно да биде постигната.

Всушност, овие рестрикции фактички се судираат со некои од поважните аспекти на нашиот модел. Ако размената е слободна и доброволна тогаш моделот треба да им овозможи на капиталистите да инвестираат надвор од нивниот оддел. Ние знаеме дека ова се случува цело време во реалниот свет – производителите на автомобили инвестираат во компјутерски компании, производители на безалкохолни пијалоци инвестираат во забавната индустрија, итн. Мишио Моришама покажа дека ако ние им овозможиме на капиталистите да инвестираат надвор од нивниот оддел, нашиот модел произведува или прогресивна стопанска стагнација (застој) или насилна криза.

Овој модел исто така претпоставува дека капиталистите не го менуваат односот на постојаниот капитал спрема променливиот капитал кога тие реинвестираат, со други зборови, моделот претпоставува дека за секои реинвестирани 100 долари, 50 долари одат за нови машини и 50 долари одат за нови работници. Целата поента на воведувањето на машини во работниот процес е да се замени човечкиот труд. За тоа служат машините. Според тоа, нема смисла да се реинвестира во производство во истите сразмери.

Ако допуштиме постојано зголемување на машините спрема работниците, ние почнуваме да гледаме пад на вкупниот износ на создадена вредност спрема вкупната инвестиција. Со други зборови, ние добиваме опаѓачка стапка на профит. Опаѓачка стапка на профит значи амбис за профитабилни инвестиции. А ова значи дека капиталот прекинува да циркулира: криза.

Ротбард, Ibid.:

На крај, добро познато дека кризите неизбежно започнуваат, не во индустриите за потрошувачки добра кои“underconsumptionism” не наведува да очекуваме, туку точно во индустриите за капитални добра, и тоа во оние индустрии кои се најодалечени од потрошувачот. Проблемот изгледа – точно – е превисока, а не прениска потрошувачка.

Токму така! Проблемот е вештачки стимулираната (!) превисока потрошувачка, на непријатно изненадување на Ротбард, поради недостиг на профити, а не поради недостиг на побарувачка. Овој парадокс ќе биде испитан во вториот дел од статијава за опаѓачката стапка на профит каде ќе се надоврзиме на темелната или индиректна причина за кризата од 2007.


[1] Ендру Климан, Маркс наспроти Кејнз, 2011.

[2] Карл Маркс, Капиталот, том втори, Мисла, Скопје, 1975, стр. 363-64.

[3] Andrew Kliman, Talk on The Failure of Capitalist Production, at Marxism 2012 festival, London, July 9, 2012, London.

[4] Маркс-Енгелсови дела, том 31, Просвета, Београд, 1974, стр. 218-19.

[5] Карл Маркс, Капиталот, том први, Мисла, Скопје, 1975, стр. 34.

[7] „Поради своето незнаење, Чомски смело ја поистоветува Индија како капиталистичка земја. Прво, всушност НЕ постои капиталистичка земја во светотНиту една. Оние што постојат се само повеќе или помалку капиталистички. Секоја земја има одреден степен на владина интервенција во стопанството. Секоја земја, до одреден степен, печати пари, конфискува приходи, ја регулира индустријата, финансиски ги помага претпријатијата, спречува конкуренција или наметнува контроли врз цените, тарифи или квоти. Повеќето држави, вклучувајќи ги САД, ги прават сите овие работи до одреден степен“ (Kel Kelly, The Case for Legalizing Capitalism, p. 283). (Зборови во потемни контури од Т. Захов)

Според Кокшот & Котрел „Во мешаните економии кои постоеле до денес, социјалистичките елементи останале потчинети на капиталистичките елементи. Односно, стоковните и наемните форми останале примарните форми на организација на производството и плаќањето на трудот“. (Во потемни контури од Т. Захов.) Произлегува дека и СССР, СФРЈ, сите други земји од Источниот Европа, НР Кина, Куба, Северна Кореја биле/се „мешани економии“, односно социјалдемократски, а не социјалистички, бидејќи факт е дека стоковното производство во овие земји беше/е економска основа. Според тоа, тврдењето за постоење комунизам/социјализам од страна на Кели е невалидно, како и невалидното тврдење за непостоење капитализам никаде во светот, бидејќи, напротив, „стоковните и наемните облици останале примарни облици на организација на производството и плаќање на трудот“ чие укинување е цел на социјализмот/комунизмот. Во суштина, немало ниту има социјалистичка земја во светот!

„Вулгарниот социјализам има наследено од буржоаските економисти дистрибуцијата да ја разгледува како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставува како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад?“ (Маркс, Критика на Готската програма)

[8]  Додуша Мао Це Тунг чесно го признава овој факт: „Со еден збор, Кина е социјалистичка земја. Пред ослободувањето таа беше многу иста како капиталистичка земја. Дури сега таа практикува осум степен наемен систем, распределба според работа и размена преку пари, а во сето ова се разликува многу малку од старото општество. Она што е различно е што системот на сопственост беше променет“ (Види Chang Chun-Chiao, On Exercising All-Round Dictatorship Over the Bourgeoisie, 1975).

[9] „Посебно ќе биде должност на водачите сè повеќе и повеќе да се запознаваат со теоретските прашања и сè повеќе и повеќе да се ослободуваат од влијанието на вообичаените фрази кои припаѓаат на стариот поглед на свет, и постојано да имаат во вид дека социјализмот откога постана наука, мора и да се негува како наука, т.е. мора да се студира“ (Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Дела, Том 10. Београд: Просвета, 1975, 461.)

[10] Andrew Kliman, Talk on The Failure of Capitalist Production, at Marxism 2012 festival, London.

Advertisements

2 thoughts on “Побивање на митот на Мјуреј Ротбард за „Маркс, поддржувач на теоријата за подпотрошувачка“

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s