Дали на работниците им требаат претставници во Собранието на РМ?

Претендирањето да се избориме за политичка власт преку парламентарни избори не само што е практично неизводливо, туку и против учењето на класиците на марксизмот, дури и на еден Ленин (кој не го признавам како марксист).

Наместо да се работи на тоа да се формираат „револуционерни комитети“ во сите поголеми градови во државата кои непосредно би ја презеле економската власт, ние претендираме преземање политичка власт која почива на оваа економска власт преку даночењето на стопанските субјекти. Овие „револуционерни комитети“ би работеле на класно освестување на работниците бидејќи денес тие без марксизмот се нула. „Пролетаријатот или е револуционерен или е ништо“, вели Маркс.

Работниците мора да сфатат дека политичката власт ја држат во свои раце така што ракуваат со алатките на трудот врз кои почива секоја државна власт, само што треба да се консолидира нивната класна свест на национално ниво и со практичната окупација на процесите на трудот да ја присвојат и политичката власт. Тогаш, политичката власт нема да може да преговара, ниту пак работничката класа ќе биде приморана да ги компромитира своите принципи со колаборационистичка политика со други опозициски малограѓански, буржоаски сили кон освојувањето на политичката власт преку парламентарни избори, туку во тој случај политичката власт ќе биде приморана да отстапи не можејќи да даночи за да ги финансира своите расходи како би функционирала и таа едноставно би колабирала.

Добивањето политичка власт преку парламентарни избори е практично неизведливо поради две причини: изборниот закон кој ги фаворизира големите политички партии и финансиската немоќ, освен да ве финансира дел од олигархијата која потоа ќе бара концесии за себе, ете ви уште една корупција на принципите на кои претендира да почива работничкото движење во Македонија. Самиот Угриновски пред мене призна дека му се неопходни не помалку од 300 000 евра за да ја окрупни својата партија. Ова во однос на аргументот за јак недостиг на финансиска немоќ што е ризик за корупција на партиското водство.

Делењето на моќта на пролетаријатот би значело учествување во коалиција со власта, но бидејќи мнозинската партија во таа коалициска влада би била антипролетерска, макар била социјалдемократска, тоа ќе значи само корупција на принципите на кои работничкото движење претендира да стои. Најмногу што ќе може во таа ситуација да направи движењето е да врати одредени укинати работнички права и други да ги прошири и да изнуди од мнозинската партија да наметне почитување од страна на економската најмоќна класа за тие дополнети и нови работнички права и обврски, но бидејќи мнозинската партија ќе биде опонент на комунизмот, таа никогаш нема да дозволи пречекорување на границата кон комунизам – укинување на пазарната економија.

Друго, тоа што пролетаријатот е расцепкан по мали претпријатија не значи ништо дека во истите тие мали претпријатија нема класни судири меѓу вработените, макар тие биле блиски или далечни роднини. Класни судири постојат дури и меѓу жената и мажот во нивниот брак и доколку истите не можат да се решат, обострано доаѓа до развод. Во домаќинството омажените жени вообичаено вршат неплатена работа за своите сопрузи и деца. Овој посебен облик на експлоатација е високо прикриен со сексуалната и мајчинската љубов. Но, економската класна борба се манифестира преку кавги, морални притисоци, тепање на сопругата, напуштања и разводи.

Според ЛД „Солидарност“, приватниот сектор во Македонија вработува 76% од работниците, учествува со 82% од вкупното производство и поседува над 99% од фирмите. Во јавната администрација не се вработени само чиновници на власта, туку и дел од работничката класа, како медицинарите и просветарите, тие се исто наемна сила вработена кај колективниот капиталист, државата. Познати ни се на сите нас штрајковите на вработените во клиничките центри и наставниците ширум земјата. На пример, Синдикатот на клинички центри не е провладин синдикат.

Доминантна политичка опција за да биде пролетаријатот е кога нема да биде принуден да ја дели моќта, а тоа е невозможно без диктатура на пролетаријатот, бидејќи само преку негова диктатура, ќе биде можно да се надминат стегите на важни закони кои се носат со двотретинско мнозинство, бадинтер. Од таа причина јас сум за непосредно преземање на политичката власт преку окупација на работните места од страна на тие кои ракуваат со производствените капацитети, клиниките, училиштата, термоцентралите и други. Погоре се објаснив зошто економската превласт на пролетаријатот би значело одземање на политичката власт од претставниците на буржоазијата и олигархијата.

Освен тоа, тенденцијата на некои другари да го донесат пролетаријатот на власт преку парламентарни избори ми дава право да се сомневам дека овие другари се гледаат како дел од идна политичка класа. Овие другари треба да ја заборават својата недоверба во народот дека може и умее непосредно да владее без свои политички претставници, и да ги заборават овие амбиции да владеат во име на пролетаријатот, посебно во ситуација кога не можат да владеат како доминантна политичка опција, што значи дека ќе мораат да ја корумпираат идеологијата на пролетаријатот, делејќи ја политичката моќ со ситната буржоазија.

Не е проблем само начинот на кој пролетаријатот ќе го реализира комунизмот, т.е. како ќе ја спроведе транзицијата кон комунизам, туку и како пролетаријатот ќе стане доминантна политичка сила за да го спроведе тој процес во рамки на парламентарна „демократија“. Во услови на сегашниот изборен модел во Македонија, како што Драган Алчинов пишува во својата анализа на изборите од 2011-та година, „речиси 10% од излезените гласачи воопшто не добија своја мандатна манифестација, а нееднаквоста се појави и во однос на разликите во потребните гласови за еден пратенички мандат… Така на пример еден пратенички мандат на ВМРО-ДПМНЕ претставува 8.266,7 граѓани … додека НДП еден пратенички мандат го плаќа со дури 14.998 гласа! … Од вкупно 18 партии кои учествуваа на предвремените парламентарни избори, само 5 партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и НДП) добија статус на легислативни партии… Загрижувачки е тоа што според пресметките 106.027 од излезените гласачи останаа непретставени во претставничкиот дом. Процентуално изразено, таа бројка изнесува 9,43%.“[1]

Алчинов како правен лек против ова кршење на правото на еднаквост во избор на свој претставник нуди нов изборен модел, меѓутоа добронамерноста на Алчинов за проширување на претставничката демократија останува на волјата или неволноста на политичката класа во лицето на 5-те партии да отстапи претставништво за тие 106.027 излезени гласачи. Само наивно дете може да верува дека политичката класа дополнително ќе го „демократизира“ сегашниот изборен модел за да допушти претставништво за пролетаријатот! Алчинов самиот не верува во тоа дека некогаш системот самиот од себе ќе се реформира и дека 5-те големи левијатани ќе им дадат правда на над 100-те илјади непретставени излезени гласачи.

Останува друга антибирократска, автентично демократска алтернатива, таа на демократија со народ, за која коментирав уште во почетокот: окупација на производствените капацитети, клиниките, училиштата и факултетите, термоцентралите и други работни места од страна на производителите и општествените корисни работници: просветарите и медицинарите, како и учениците и студентите, но и погодените потрошувачи од инфлацијата, дури и земјоделските ситни производители кои пак се експлоатирани од откупувачите на нивните производи итн. Во таа револуционерна насока, работничкото движење на Македонија треба како авангарда да го организира и консолидира пролетаријатот.

Бидејќи, економската власт ќе премине во рацете на производителите, тогаш со манипулација на материјалното производство од страна на производителите, секоја политичка власт, која се потпира на инфлација и даночење, ќе крахира како кула од карти и тоа во многу побрз рок за разлика во услови на изборен модел и претставничка „демократија“ кои го фаворизираат владеењето на имотните и нивната кукла – политичката класа.

Јас не можам да бидам спокоен во историски миг кога може да се уништи буржоазијата, да гледам како претставништвото на пролетаријатот се преобразува во отуѓена политичка класа, без оглед дали таа политичка класа е на власт или во опозиција. Попрво, наместо да очајувам и да чмаам во мака, како овие сунитски фундаменталисти би се разнесол со експлозив во присуство на дел од таа политичка класа. Од мене таа ќе направи нечаевски анархист.

Со ист демократски резон, во 1891 година Енгелс му пишува на Бебел, основачот на социјалдемократската партија во Германија: „Ниту една партија во ниту една земја не може да ми нареди да молчам, ако јас одлучам да зборувам.“ Не само што во јануари 1918 година, Ленин, лажниот (самопрогласен) марксистички месија, го распушти Уставотворното собрание – со бајонети вперени кон претставниците, затоа што овие избори неговата партија ги загуби, туку на 8 март 1921 година, истиот тој Ленин му наредува (!) на Десеттиот партиски конгрес дека сите фракции мора да бидат распуштени и секој кој се спротивставува на партиските одлуки да биде казнет. Па, ако Енгелс ја дадеше таа изјава под режимот на Ленин, најверојатно тој ќе беше исклучен од партијата. Ова не било случај само под Лениновиот режим, туку и под Сојузот на комунисти на Југославија.

Како еден од многубројните дисиденти, Лазар Гогов, иако добронамерен и чесен комунист и марксолог, беше исклучен не само од партијата, туку и присилно пензиониран на неговите 42 години, само затоа што го имал Енгелсовиот демократски резон одлучно да зборува против официјалната политика на стопанисување. Политичката класа на квази-задружното општество во Југославија не му дозволи да го продолжи своето животно дело, да асистира во промена на тогашната политичка економија која лажно се манифестирала како социјалистичко самоуправување, а се засновала на законите на стоковното-парично производство кои пак ги имплицираат законите на приватното присвојување, што на крајот со откривањето на медузиното лице на квазисоцијализмот, добронамерноста и чесноста на Лазар Гогов го реафирмираа како маченик на ленинистичкиот догматизам, демагогија, волунтаризам и прагматизам на СКЈ.

Како после толку изопачувања на авангардата во ариергарда, барате Пријателите на Народот да ви веруваат дека идната авангарда ќе биде солидарна и составена од маченици-борци, дури повредни и од Маркс, кој за срамота, само зборувал, иако јалов? За нивна информација Маркс и Енгелс се непосредни (!) учесници во Револуцијата од 1848 година во Германија, како и организатори на Првата интернационала. Нека се информираат дополнително што сè направила Интернационалата под водство на Маркс и Енгелс во непосредна (!) корист за пролетаријатот во Германија и Англија.

Неукоста на општествената интелигенција, која всушност се претставуваше како авангарда на југословенската работничка класа, се покажа како зло, оти како што францускиот илуминат Волтер изјавил: „Оние кои можат да направат да верувате во бесмислици, можат да направат да извршувате злосторства“. Во таа смисла, вашиот народ нема да тежнее да ве победи дури и во неправда, затоа што ќе биде заблуден од вас дека сте му пријатели и дека неправдата е правда, што е сосема перверзно.

Advertisements

2 thoughts on “Дали на работниците им требаат претставници во Собранието на РМ?

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s