Како настанал капитализмот? (прв дел)

Во одговор на текстот на класичниот либерал Лудвиг фон Мизес „Kako je nastao kapitalizam“

…И сега, пак Мизес, тој плиткоумен дрдорко, кој исто така го правда капитализмот и за кого се фаќаат многу симпатизери на капитализмот. Според Мизес, кралевите на чоколадото, челикот, железниците „не управуваат со кралства“. Не, тие управуваат со светот, со државите, со политичарите

Понатаму, според Мизес, „луѓето кои работат во фабриките се и главни потрошувачи на производите кои ги произведуваат“, „не постои разлика меѓу потрошувачите и производителите“, „сопственикот на фабриката е производители за вработените во неговата фабрика“ и безброј други плиткости и површности кои изгледаат учено, но ништо не објаснуваат.

Не што Маркс тврди дека не смее да се заборави дека профитот е основен мотив за производство во капиталистичкото општество, туку и секојдневната пракса докажува дека капиталот се сели од сите оние гранки каде што профитот „не е доволен“. И кого сака Мизес да лаже дека капиталистот произведува за своите работници и дека тие можат и го купуваат производот што го произведуваат !

Вознемирувачки да се сфати дека луѓето кои ги изработуваат нашите АјФони и АјПади не само што немаат АјФони и АјПади (бидејќи тие не можат да си ги приуштат), туку, во некои случаи, дури никогаш не ги виделе. … Еден работник ја скрши својата рака во метална преса во Фокскон. Фокскон не му даде медицинска грижа. Кога раката на работникот оздраве, со неа не можеше повеќе да работи. Па, тие го отпуштија. (За среќа, работникот беше способен да најде нова работа, во пилара. Часовите таму се многу подобри, вели тој, само 70 часа неделно). Овој работник, патем, ги изработувал металните рамки на АјПадите во Фокскон. Дејзи му го покажал својот АјПад. Работникот никогаш порано не видел АјПад. Го држел и си играл со него. Рекол дека е „магичен“.“

Само плиткоумен човек може да верува во таквите Мизесови тврдења. А што тој бил доволно уверен дека се тие „точни“ и дека може да се публикуваат само е доказ дека тој не е способен за такви анализи какви што даваат Маркс и Енгелс во нивните дела. Мизес привидот го зема за стварност и настојува да го оправда уверен дека е тоа само така и никако поинаку. Па самата историја даде доволно докази дека не е така.

Привидот на Мизес е дека „без Фокскон и другите фабрики што монтираат делови, кинеските работници би можеле сè уште да работат на оризовите полиња, заработувајќи 50 долари месечно наместо 250 долари месечно. Со овие пари, тие можат да направат значајно повеќе отколку што некогаш можеле.“ Меѓутоа, разликата помеѓу привидот на Мизес и Маова Кина е подолги часови, вртоглави класни разлики, бедна социјална заштита и услуги и мошне небезбедни работни услови за работниците. Нееднаквоста на богатството и приходот под кинеската Нова економска политика никогаш порано не била толку лоша. Џини коефициентот на Кина, индекс на доходовна нееднаквост, според Сун Липинг, професор на пекингшкиот Универзитет Цингхуа, пораснал од 0.30 во 1978 година кога комунистичката партија почналa да го отвора стопанството кон пазарот на 0.46. Меѓу 40.000.000 и 60.000.000 земјоделци немаат воопшто земја да ја обработуваат. Просечната месечна социјална помош е само 56 јуани (околу 7 долари), што не е доволно да се купи храна, да не зборуваме за облека. Во едно истражување на села во четири региони, образовните трошоци за семејства со деца во училиште се движат од 12% до 35% од издатоците. Семејствата се задолжувале меѓу 29% и 175% од доход по глава за да ги покријат овие трошоци. Трошоците за здравствена нега се движат меѓу 5-14% од доходот на семејствата и тие земале заем меѓу 48% и 320% од доход по глава за да ги покријат овие трошоци. Четириесет и еден процент од домаќинствата – и меѓу 65% и 100% од сиромашните домаќинства – морале да се задолжат кога имале искуство со крајна потреба, шок или друга економска тешкотија како повреда на вработено лице во семејството. Само 33% имале доволни заштеди за да надминат криза и само 2.5% добивале владина помош.

Додека во Маова Кина народот имал низок, но сигурен стандард на живеење. Во руралните средини, земјоделците биле членови на нивните комуни кои им гарантирале можност да заработуваат доход. Здравствената нега била обезбедена преку комбинација на комунски и државни услуги на медицински персонал, обични клиники и хиерархија на болници кои буквално биле бесплатни. Образованието исто така било буквално бесплатно. Земјоделците поседувале свои домови. Оние чии доходи во работновременски единици не биле доволни да ги покријат трошоците, добивале од своите комуни храна, прибежиште, помош во вид на мали исплати за образование и здравствена нега и погреб. Иако немало пензиски систем за земјоделците, на старците често им се давале мали износи на работно-временски единици во возврат за домашни работи што тие би можеле да ги извршат во селото. Во градовите, на работниците и владините службеници им било загарантирано доживотно вработување. Претпријатијата и владините служби биле мали системи на социјална помош, обезбедувајќи вдомување, образование и здравствена нега по номинален трошок. Буквално немало невработеност.

„Во денешните капиталистички земји не постои битна разлика во снабденоста со основни животни потреби кај повисоките и пониските класи…“, вели Мизес. Да, и „двете имаат храна, облека и склониште“. Какви идиотски тврдења. Како може некој да ги печати овие Мизесови глупости и во XXI век, тоа не е сфатливо. Самата статистика покажува дека не е така.

Но, треба обичниот човек да се убеди дека „во САД денес разликата меѓу богатиот и сиромавиот се сведува само на тоа дека едните имаат кадилак а другите шевролет“. Какво идиотско тврдење ! Значи, во САД не постојат класи. Се тркала и шевролетот како и кадилакот. А приватните авиони и хеликоптери…

После сјајните Маркс-Енгелсови дела, човек да верува во такви детски тврдења, тоа би значело да дозволиш водач да ти биде човек кој е слеп, глув и глуп до бесконечност.

На секој треба да му биде јасно, а тоа го тврди и Маркс дека „работите не стојат така како што изгледаат. Инаку зошто би била потребна наука“. Кај Мизес и мизесовците изгледа обратно. Кај нив се‘ е онака како што изгледа. „Парите се средство за размена“ и бидејќи работникот има наемнина, а капиталистот профит, а сето тоа се пари, значи тие се еднакви. Се обидуваме да „размислуваме“ како Мизес. И што може да купи работникот со неговата наемнина?! Е, тоа не е важно. Важно е што и тој „рамноправно“ учествува на пазарот. А на пазарот да учествуваш рамноправно треба да имаш  к а п и т а л  а не минимална наемнина. Поради ова, само 25 милиони од 225 милиони Американци поседуваат значајни количества на хартии од вредност. Акциите се многу несразмерно распределени кај британското население. Кралската комисија за распределба на приход и богатство во 1975 год. извести дека пониските 80 проценти од населението поседувале помалку од 4 проценти од акциите. Дури и сега, во земја со високо развиена берза како Британија, мнозинството од луѓето кои припаѓаат на работничката класа не поседуваат акции воопшто. Оние работници кои ги поседуваат често ќе имаат вредност од само неколку стотици фунти, така што приходот од акции претставува незначаен дел од нивната целосна заработувачка. Сумата којашто тие ја заработуваат од акции ќе биде помалку од каматата на личните долгови и кредити што тие мораат да ја платат.

На пазарот работникот се појавува само како купувач, значи во малопрометот, и тоа само да ја репродуцира својата работна способност за следниот ден. Работникот купува само употребни вредности, а не и разменски, кои се привилегија само на капиталот. Но, сето тоа човек ќе го сфати само ако ги чита МЕД. А ако го чита Мизес само ќе стане поглуп.

„Маркс не бил пријател на капиталистичкиот систем“, вели Мизес. Па, не се работи за пријателство и непријателство туку да се разбере и објасни суштината на капиталистичкото производство. И тоа има врска само со научаната совест и способност, а не со пријателството и непријателството. И, читајте го сега Мизес кој ви го сервираат мизесовците. Додуша ова е одамна познат општествен проблем за кој се зборува уште во Библијата. Водачите или мудреците „водат“, но без да мислат на потребите и можностите на тие што ги водат. А „водените“ да не би дозволиле да пропаднат треба да знаат да ги контролираат водачите. Тоа би било лесно да е само со „десетте божји заповеди“. Но, и во тој случај, пак се појавуваат погрешни чекори и мерки. Па, дури ни еден Исус како месија, не успева да ги исправи работите. Да појасниме. Луѓето ги знаат десетте заповеди, но и покрај тоа, се краде, се убива, се ограбува и се прават сите зла… Но, да видиме каде не се краде и лаже? Само таму каде луѓето имаат се‘ да ги подмират своите животни потреби. Западните извори ни тврдат дека Индијанците не знаеле да лажат и крадат додека не се сретнале со западната „цивилизација“, која ги научи на сето тоа и уште ги унушти како општество.

Индијанците не знаеле да прават и такви глупости, како Буфало Бил кој убивал по илјадници бизони дневно само заради забава. Тие ќе убиеле еден бизон и дури ќе му се заблагодариле, велејќи: „Фала ти брате што дозволи да те убиеме и да се прехраниме“. (Како ова асоцира на христијанската молитва за „лебот наш насушен“…) И заклучете сега кој бил похуман и поцивилизиран, иако не живеел во „благосостојба“ (материјална). Да заклучиме, неопходно е да се познава „духот“ на сите оние прогресивни мисли кои станале тековини на цивилизацијата. Духот на Библијата е да на „земјата биде царството божје како и на небото“. А тоа не може да биде со стоковно стопанисување кое „го разјадува општеството како црв и го дели на онолку нации колку што во него има возрасни поединци“. Тоа е факт кој не треба да се докажува. Се покажа исто дека не е можен социјализам со категориите на политичката економија (стока, пари, пазар, профит, камата, рента, капитал, наемен труд итн.), макар тие да се нарекуваат и социјалистички и самоуправни или во „третата фаза на комунизмот“ (СССР). Очигледно е дека мора да се пријде кон онаа наука со која ќе се елиминираат сите негативности од досегашниот стихиен развој на општеството. Таа наука е марксизмот кој се состои само во Маркс-Енгелсовите дела (МЕД). Тоа не значи сега дека секој треба да ги купи истите и да седне дома да ги чита, иако тоа не би било лошо. Марксизмот, како и мудроста (во Библијата), го има насекаде. Погледнете го семејството. Ако во него жената успеала да се избори за рамноправна положба и да не биде „роб на мажот и децата“ (Енгелс) е права комунистичка организација. Како? Па, во неа „секој работи според способностите и троши според потребите“. Семејството ниту еден свој член не го остава да биде гладен, незаштитен и необезбеден. А што тоа секојдневно е изложено на секакви напади од буржоаското општество, во многу случаи се распаѓа и постојат реални изгледи да биде уништено – тоа само докажува дека граѓанското општество треба да биде укинато и да се замени со „царство божје на земјата“ (ако овој израз повеќе им се допаѓа на оние што не го сакаат комунизмот кој го идентификуваат со ленинизмот).

Напред реченото е лесно остварливо само ако луѓето малку си го „просветлат“ умот со „рационално размислување“ за Библијата и уште порационално проучување на марксизмот. Да објасниме. Библијата дава „доказ“ како Јосиф со непазарно стопанисување му обезбедил на египетското царство четиринаесет години стабилен развој. А марксизмот му ги отвора очите на секој што сака да мисли со своја глава, да види кој е лажач и пљачкаш, макар да се облекува во најсвечена облека и да седи на највисоко место. Како што вели Mартин Лутер, „не се разбојници и пљачкаши тие што лежат по затворите и ги бесат на плоштадите туку оние кои се облекуваат во свилени облеки и седат на високи положби“ (МЕД, том 26, стр. 404 и 405). Ако Исус вели: „Не нарекувајте никого татко на земјата, бидејќи ние имаме само еден татко кој е на небесата“ што може да се заклучи од тоа освен дека сите треба да си го вадиме лебот „во потта на лицето свое…“ Оти кога „бог“ го проколнал Адам со тие зборови, тоа проклетство важи за сите луѓе. А што е марксистичкото укинување на разликата меѓу производствениот и непроизводствениот труд освен тоа дека сите живееме според „божјото проклетство“ – со производствен труд. Тука да објасниме нешто. И денес сите живеат од производствен труд само остварувајќи го она што го рекол Сисмонди: „Во антички Рим пролетаријатот живеел на терет на општеството, денес општеството живее на терет на пролетаријатот“. И папата, и царот, и стратегот, и шпионот, и проститутката, и бизнисменот, и просјакот и крадачот, не исклучувајќи ги тука ни уметниците и книжевниците, сите се надвор од производството, но со парите учествуваат во трошењето на произведеното иако никој ништо не сторил за него…

Да, може мизесистите да го препечатуваат Мизес до бескрај, но со тоа нема ништо да придонесат општеството да ја најде својата рамнотежа. Ќе продолжи се‘ како и порано. Тие за тоа не се свесни. А ако се, каде им е совеста !

Одамна е дојдено време капитализмот да оди во музеј, само Ленин, тој идиот кој во предреволуционерниот период си створи одлична положба за делување со марксизмот, не можеше да разбере од тој марксизам дека пролетаријатот после победата и поопштествувањето на средствата за производство, го укинува стоковното производство бидејќи тоа станува бесмислено. Бесмислено затоа што работникот нема што да откупува кога тој произведува со сопствени средства за производство. Да, Ленин е спасител на капитализмот, а не Кејнз.

Ах, што не постои „бог“ па да ги казни сите за секој „одвишен збор“…

Лазар Гогов

Advertisements

One thought on “Како настанал капитализмот? (прв дел)

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s