Карл Маркс и Сатаната

Критички осврт на книгата „Дали Карл Маркс беше сатанист“ од Рихард Вурмбранд

Во издание на Скопската и Брегалничката епархија на Македонската православна црква „со благослов на неговото високопреосвештенство митрополит брегалнички господин Агатангел“.

Православниот поп Трајан Митревски, бранејќи го Божјото слово, рекол:

„Науката не е пазаришна тезга па на неа секој да изнесува сешто“, се разбира, што мисли дека може да се продаде. Иако е кажано од поп, мора да се призне дека точно е кажано. Постои и една латинска изрека: „Кога аргументите зборуваат и боговите молчат“. А во науката, пред се‘, зборуваат аргументите.

Марксизмот е анализа на граѓанското општество дадена во сите Маркс-Енгелсови дела (МЕД) и во поединечни нивни написи. И откога човек ќе ги проучи сите публикувани дела во поранешна Југославија ќе утврди дека Маркс и Енгелс не напишале ниту еден напис „против“ бога или против религијата. Тие се занимаваат исклучиво со „световни“, овоземски проблеми: производство, распределба, потрошувачка, пари итн. Притоа оделе доста „долго и нашироко“ бидејќи научната совест ги обврзувала да дадат генеза на разгледуваната појава поткрепена со историски докази. И понекогаш во тие свои анализи по пат ќе искажеле и некој заклучок кој неизбежно произлегувал од разгледуваната појава. Во таа смисла, илустративен е следниот одговор: „Величество, јас немав потреба од таква хипотеза‘‘ – така, имено, му одговори Лаплас на Наполеон на прашањето зошто во својот „Трактат за небеската механика‘‘ дури и не го споменува творецот на светот. А Маркс од овој Лапласов одговор заклучува: „Ако го симнувам бога, го симнувам и кралот кој е по милоста божја“ (МЕД, том 11, стр. 341). Тука на Маркс не може да му се инпутира никаков „сатанизам“.

Рихард Вурмбранд без никакво познавање на марксизмот си зема за право да пишува за „сатанската природа на комунизмот откога поминал две децении и повеќе во болшевичките казамати на Сталин и Чаушеску“.  А со што докажува дека постоечкиот „социјализам“ има врска со учењето на Маркс и Енгелс? Со ништо.

„Социјализмот“ којшто пропадна немаше никаква врска со марксизмот. Тој беше вид буржоаски социјализам од типот на прудонизмот и се темелеше на Лениновите заблуди и илузии за моќта на „комунистите“. Ако во марксизмот стои: „Во комунизмот не се произведуваат разменски вредности“, се разбира, од проста причина што средствата за производство се општествена сопственост и нема потреба сега работникот да си продава на себе она што самиот го произвел со своите средства за производство, Ленин немаше никаква основа да изјавува: „На стоковната размена треба да обрнат главно внимание сега сите економски совети, сите органи на стопанската изградба.“

Рихард Вурмбранд наместо со совесна анализа на МЕД, си дозволува да ги земе за основа на своите критики адолесцентните стихови кои Маркс ги напишал пред или во студентските години. А речено е напред, во ниедно свое дело Маркс или Енгелс не ја земаат за цел на своите анализи религијата. Затоа може да се каже дека тврдењето на Рихард Вурмбранд за Маркс како „жесток борец против религијата“ (стр. 18) е злонамерна инсинуација.

Кој во својот поетски занос не се почувствувал толку силен и моќен да објави војна на секој кој го смета за причина на злото? А поетската слобода на творењето им дозволува на стихотворците да го земаат за цел и пеколот и сатаната итн. Но, подоцна, кога Маркс впловува во проблемите на секојдневието како зрел човек, тој никогаш повеќе не се сетил да пишува поезија.

Маркс не е научник поради својата поезија туку тој е научник и втемелувач на марксизмот, кој е „нов поглед на светот“, поради своите економски анализи. И секој кој го заборава тоа прави логичка грешка од типот на замена на тезите. Тоа не смее да си го допушти човек кој проповеда Божјо слово. Со книгава Рихард Вурмбранд го прави токму тоа.

Библијата и марксизмот се слични и сосема блиски по својот дух. И „Божјото царство на земјата“, ако биде остварено еден ден, тоа ќе е дело на марксизмот, а не на оние што плукаат по него. Како?

Ако во Библијата пишува: „Земјата нека е проклета заради тебе: со труд ќе се храниш од неа целиот свој живот“, преведено на јазикот на науката, односно марксизмот, тоа значи дека треба да работиме за да имаме што да јадеме. Ако во Библијата стои: „Земјата ми припаѓа мене, а вие луѓето сте гости кај мене“, тоа на јазикот на марксизмот значи: „Од гледна точка на една повисока општествено-економска формација, приватната сопственост на одделни индивидуи врз земјината топка ќе се чини исто така бесмислена како приватна сопственост на едни луѓе над некои други луѓе. Дури ни едно цело општество, една нација, дури сите општества, едновремено земени заедно, не се сопственици на земјата. Тие се само нејзини поседници, нејзини уживатели и тие имаат неа како boni patres famillias (добар татко на семејството) да ја остават подобрена на следните генерации“. (Во однос на духот на кажаното, кој и со какво право дава „тапии“ на делови од земјата и наплаќа данок за тоа? Зарем за тоа не треба да се размислува? И дали е тоа сега сатанско размислување !) Ако Јосиф со седум години непазарно стопанисување го спасил Египет од глад за толку години, преведено на јазикот на марксизмот тоа значи дека треба да се укине пазарното стопанисување за да земјата „ја најде својата рамнотежа вртејќи се околу сонцето на трудот“, а не парите, како што вели Маркс. И како што вели Библијата уште пред него.

Латински commun = англиски collective, shared. Луѓето мислат дека комунизмот (колективна, споделена сопственост, нема приватна сопственост) е атеистичка идеја и дека „комунист = атеист“. Но, комунизмот бил промовиран во Библијата како модел на идеално општество за верниците. Христијанските следбеници во Библијата живееле како вистински комунисти кои имале заеднички имот како „идеално општество“ кое сакале да го реализираат париските комунари, советските комунисти, шпанските анархисти и др.

„А сите, што веруваа, беа заедно и се‘ им беше општо; и продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба.“ (Библија, Дела на светите апостоли, 2:44-45)

„А народот, што поверува, имаше едно срце и една душа: и никој ништо од својот имот не го наречуваше свое, туку се‘ им беше заедничко.“ (Библија, Дела на светите апостоли, 4:32)

„Апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив. Не постоеше ниеден меѓу нив што имаше потреба за ништо, бидејќи оние, што имаа ниви или куќи, ги продаваа и парите земени за нив ги донесуваа, и ги клаваа пред нозете на апостолите: и секому му се даваше според неговите потреби.“ (Библија, Дела на светите апостоли, 4:33-35)

Верниците исто така забораваат, како сопственоста била и уште се управува во црквата и манастирите, каде што нема приватна сопственост. Монасите, монахињите и многу христијански свештеници живеат споделувајќи сопственост, одбегнувајќи личен имот и да бидат богати, како чисти комунисти и тие промовираат таков начин на живот – чист комунизам во сета негова слава. Дали тие се атеисти? Црквата и манастирите усвоиле и оствариле „атеистички“ идеи на заедничка-споделувана сопственост илјадници години пред дури да отпочне револуцијата во Русија во 1917 година.

Да, господо од мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија“, ако земете да прочитате нешто од Маркс и Енгелс ќе разберете многу работи и ќе се спасите од многу неволји. Вашата сегашна „хуманитарна“ дејност ќе стане непотребна ако општеството се организира марксистички и се вработат сите „според способностите“ – и децата, инвалидите и старците.  Тогаш ќе нема никој да биде без средства за живот, вие ќе нема потреба да делите „бесплатни“ ручеци и ќе имате повеќе време да проповедате „Божјо слово“ отколку денес. Тогаш можеби ќе има и повеќе луѓе да ве слушаат. Но, да бидете спремни да одговарате и на многу прашања на луѓето кои слободно мислат.

Многу е лесно да се плука по нешто ако некој друг не разбирајќи ништо, веќе ја компромитирал појавата. Секој чесен човек ќе плука по религијата ако види човек што се‘ правела инквизицијата во средниот век иако стоело јасно во „Божјите“ заповеди – Не убивај ! Секој чесен човек ќе плука по религијата кога ќе види дека попови и од двете завојувани страни го „благословувале“ оружјето на завојуваните страни во Првата светска војна во која загинале 30 милиони луѓе. Исто и во Втората светска војна која завршила со 60 милиони жртви.

Да, господо, вие кои проповедате „Божјо слово“, проучете го прво духот на божјото слово и ќе утврдите дека и тоа и марксизмот се залагаат за иста работа: „Да се избрише секоја солза од лицето. Смрт повеќе да нема; да нема ни тага, ни лелек, ни болка…“ А сето тоа не се постигнува со пазарно стопанисување и со пари со кои, и за кои, денес власта го лаже народот. Ете, се проповеда Божјото слово повеќе од три милениума, Исус откога кажал: „Се приближи царството Божјо“ и „Ова поколение нема да помине додека не се оствари царството Божјо“, а него го нема веќе два милениума. И ќе го нема се‘ додека не се спроведе поопштествување на средствата за производство, вработување на сите според способностите, зголемување на производството, укинување на старата општествена поделба на труд, укинување на парите и соодветно на се‘ што е во врска со тоа, па и вашето „хуманитарно“ работење оти ќе нема „наши браќа и сестри на маргините на општеството поради својата материјална немаштија“ и туѓата глупост (на политичарите, филозофите, економистите, па и вие пастирите на божјото стадо кое повеќе го дерете отколку што го чувате). Ете, господо, тоа се централни теми во марксизмот а не „фрлање на некого во пеколот“, „слушање на сатаната“ или „отимање на престолот на бога“. Тоа се глупости, својствени на бестселерска шунд литература, кои само вие можете да ги измислите само за да го држите народот во заслепеност и покорност на власта.

Лукаво избегнувате на народот да му објасните дека „секоја власт е од Бога“ но како божја казна затоа што не го сакале бог да им биде крал. А ако бог ни биде крал, тој нема да сака од нас ни даноци, ни такси, ни царини. А овде знаете да плукате на марксизмот затоа што тој се залага за укинување на даноците, за укинување на старата општествена поделба на труд итн. Но, зошто воопшто зборувам кога од тоа вие ништо ниту разбирате ниту сакате да научите !

Библијата убаво вели: „Не доаѓа духовното прво, туку овоземското; духовното доаѓа после“. А вие сте запнале: „Маркс се поклонил на Сатаната“, „Маркс рекол ќе го фрли светот во пеколот“ и други бесмислици. Маркс убаво вели: „Поопштествување на средствата за производство, скратување на работното време, вработување на сите во материјалното производство за егзистенција“ и со ред други овоземски проблеми а вие сте запнале: „Маркс, хранет со сатански идеи“ (стр. 84) или „Марксов идеал бил лично да слезе во бездната на пеколот и со себе таму да го повлече целото човештво.“ Од каде го најдовте сето тоа?! Навистина, човек треба да биде со помрачена совест па да му препише на Маркс такви мисли и намери.

Што мислеле Маркс и Енгелс тие јасно напишале во своите дела и тоа не може да се толкува никако поинаку отколку како што е напишано. Во сите публикувани дела не може да се најдат никаде ни збор за сатаната или бога. Да, Маркс пишува: „Како што во религијата со човекот господарат творбите на неговата глава, така во економијата со него господарат делата на неговите раце“, но тоа никако не може да се разбере како антирелигиско пишување. Маркс пишува за економијата. Објаснува и докажува како дошло до „фетишки карактер на стоката“, како се појавиле парите и како ќе нестанат.

Маркс тврди во „Економско-филозофските ракописи“ од 1844 година дека тој не е атеист. За Маркс, позитивното тврдење дека Господ не постои е детска работа. Тој вели:

„Основата на ирелигиозната критика е: човекот ја создава религијата, а не религијата човекот. А токму религијата е самосвест и самочувствување на човекот, што или уште не се здобил себеси, или веќе одново се загубил. Но човекот не е апстрактно суштество, што е засолнато некаде надвор од светот. Човекот – тоа е светот на човекот, државата, општеството. Таа држава, тоа општество ја пораѓаат религијата, изопачен поглед на светот, зашто самите тие се изопачен свет. Религијата е општа теорија на тој свет, негов енциклопедиски компендиум, негова логика во популарна форма, негово спиритуалистичко point d’ honneur [прашање на честа], негов ентузијазам, негова морална санкција, негово свечено надополнување, негова општа основа за утеха и оправдание. Таа ја претвора во фантастична стварност човечката суштина, затоа што човечката суштина нема вистинска стварност. Значи, борбата против религијата е индиректно борба против оној свет чијашто духовна арома претставува религијата. Религиската беда е истовремено израз на вистинската беда и протест против таа вистинска беда. Религијата е издишка на потиснатото суштество, душа на бездушниот свет, како што е таа дух на бездушни прилики. Таа е опиум на народот.

Религиозната мисла, која Маркс ја сфаќал како дел од лажната свест, не треба да биде нападната од целосен фронтовски напад во одреден вид на крстоносна војна на Докинс, туку со отстранување на општествените услови кои тие ја создале. Маркс, поради тоа, не бил атеист. Наместо тоа, тој рекол за изразот атеизам дека „naliči deci koja svakog, ko kod je spreman da to čuje, uveravaju da se ne boje bauka“.

Во „Капиталот“, том 1, Маркс пишува:

„Религиозниот одраз на вистинскиот свет општо може да се изгуби дури тогаш, кога односите на практичниот секојдневен живот од ден на ден ќе им покажуваат на луѓето провидно разумни односи еден спрема друг и спрема природата. Обликот на општествениот процес на животот, т.е. процесот на материјалното производство, ќе го сметне од себеси мистичниот замаглен превез само кога ќе стане тој како производ на слободно сојузени луѓе, под нивна свесна планска контрола. Но, за ова е нужна една таква материјална основа на општеството или една таква низа од материјални услови на егзистенции, кои пак и самите се самоникнат производ од една долга и болна историја на развитокот.“

Овде Маркс ги соединува неговите погледи за религијата и неговиот историски поглед за комунистичката револуција и растот на производството. Тој ја поврзува религијата со напорот да ги обедини луѓето без навистина да ги разбере далекусежните историски сили кои ги разделиле.

„Оваа антагонистичка фаза не може да се избегне отколку што е можно за човек да ја избегне фазата во која на неговите духовни енергии им е дадена религиозна дефиниција како сили кои се независни од него самиот. Она со што ние сме соочени овде е отуѓувањето на човекот од неговиот личен труд.“ (Капиталот, том 1)

Овде Маркс ја поставува идејата на религијата во светлото на неговото поимање на фазите на историјата во целина. Прво, луѓето се гледаат како локална заедница, со своите локални богови. Потоа, во добата на парите и експлоатацијата, Семоќниот Бог владее над сите. На крајот, нема потреба од Него, бидејќи луѓето слободно ги владеат своите животи.

Проповедниците на „Божјото слово“ да го знаеле духот на Библијата и да го „припремале народот совршен за Бога“, како што правел и „добриот пастир“ по Јован, тогаш и ќе постигнале нешто. Но, тие проповедаат „Божјо слово“ заради своето ухлебение. Наместо да го просветлуваат умот на народот, тие го помрачуваат, поради што и Изаија вели: „Кои го водат народот, тие го заведуваат. А кои дозволуваат да бидат водени, тие ќе пропаднат.“ „Господо добротворци“ ! Не си ја познавате добро ни Библијата а овде преземате напад на мислата и делото на човекот кој е прогласен за мислител на милениумот во 1999 година,  светски најголем филозоф во 2005 година и светски најдобар научник во 2013 година.

Индијанците кои од „цивилизираните“ Европјани беа сметани за варвари имаат изрека: „Зборот е како стрела, кога ќе го пуштиш тој не се враќа назад“. Затоа „господо“, вие кои се нарекувате „духовни водачи на народот“ (за разлика од световните кои се никаквеци), промислете ги вашите зборови пред да ги пуштите во свет.

„Не молитви и кадење на Бога“, туку „добри дела и борба против неправдите“, бара Бог. „На Бога луѓето не му требаат бидејќи тие ништо не можат да направат за него“, стои во Библијата. Но, „на луѓето им треба Бог“. Само не онака како што вие го правите тоа, плашејќи ги со „Сатаната“ кој го „познавате“ како да сте му браќа и со „пеколот“ како да сте секој ден во него. На луѓето им треба Бог кој ги учи како да живеат меѓу себе, како да ги решаваат проблемите во секојдневието, а не бог кој бара да ‘и „бидат послушни на власта бидејќи секоја власт е од бога“. Да, но само додека луѓето „не го запознаат Бог и се вратат кон него. И тогаш тој ќе им кралува а тие ќе бидат народ совршен.“

Не се станува „совршен и спремен за Бога“ со секојдневно карање со најблискиот за педа земја или шака пари; со ценкање на пазар и со лажење преку мас-медиумите како што се прави денес. Сето тоа се глупости од минатото. Тоа е „стариот свет кој мина“ а вие тоа не го гледате. Тоа го видел Јован во „Откровението“ пред два милениума а не го гледате вие кои секој ден „гледате“ во Библијата и божем сте „ракоположени“ за „пастири на Божјото стадо“. Пастири кои го лажат народот да го трпи пеколот на земјата за да се спаси за во „рајот на небото“. Какви глупости ! Тоа не го одредувате вие туку Бог кој вие ниту го познавате оти не знаете да мислите. Зошто ли се напишани Евангелијата кога не успевате да научите ништо од Исусовиот живот ?!

Разни малоумници од религијата како Рихард Вурмбранд, треба да прекинат со оваа крстоносна војна против марксизмот. Нека го „сатанизираат“ Ленин и ленинизмот, а не марксизмот кој нема ништо заедничко со ленинизмот. Марксизмот е прав начин на „борба против мрачните сили на земјата“. Тој не проповеда убивање како што правеа квазикомунистите и клерофашистите, туку тој проповеда: „Ајде сите на работа“, па кога ќе ја завршиме работата може секој да прави што му е ќеф. Тогаш ќе проповедаме „Божјо слово“ на начин да „станеме совршен народ за Бога“. А не вака, се проповеда „божјо царство“ веќе два милениума и за кое Исус рекол во негово време дека е дојдено но тоа од никаде не се гледа.

Иако не постои организирана комунистичка дејност во светот, разни реакционери од сите бои – фашисти до проповедници на „божјо слово“ – уште мавтаат со оружје, знамиња и книги против комунизмот. На овие реакционери се придружува и Македонската православна црква со публикувањето на книгата „Карл Маркс и Сатаната“. Со тоа таа го дава својот придонес кон власта која го исфрли марксизмот од системот на науки и го спроведува „апостолското“: „Бидете ‘и покорни на власта, бидејќи секоја власт е од бога“. Се исклучуваат јасните зборови на пророкот Самуел дека власта е казна од Бога затоа што народот не сакал Бог да им биде крал. 

Научната вистина е таква – ако ја исфрлаш низ врата, таа влегува низ прозорец. Господата од власта и од МПЦ мора да сфатат дека еден ден марксизмот ќе осамне и во нивните најзатантени дупки бидејќи тој е будење на народната свест.

Лазар Гогов

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s