За новинарите и новинарството

Колку-годе човек да не чита весници и не гледа телевизија, сепак до него стигнуваат одеци на „борбата“ за слобода на мислата и печатот, меѓу „жабите и глувците“ односно власта и новинарите.

За нас марксистите се‘ е јасно: додека новинарството и политиката се професии, секогаш мислата за слободен печат ќе биде утопија. И како што во средниот век буржоазијата ги ослободи занаетите укинувајќи секакви ограничувања поставени од еснафските здруженија и организации, денес исто така е потребно укинување на сите професии кои ги ограничуваат правата на другите граѓани да пишуваат, судат, политизираат, филозофираат итн.

Професијата новинар не само што ја ограничува слободата и правото на другите граѓани да пишуваат и расправаат за разни теми во мас-медиумите, туку таа ја ограничува слободата и правото на самите новинари што се гледа секојдневно. Ниту еден новинар не смее да напише ништо критичко за власта.

Пред се‘ бесмислица е да се осуди некој на затвор затоа што напишал нешто. Маркс вели: „Зборовите не може да служат како основа за кривично гонење на некого. Дури делата докажуваат за што е човек способен. Додуша зборовите можат да бидат непристојни, но затоа ме изложуваат на срамотење…“ (Маркс-Енгелсови Дела, том 9, стр. 190, Просвета, Белград). Дури и правниците на еден Наполеон знаеле да одредат што е навреда на службено лице а нашите власти судат секого кој „не се смее на нивните вицеви“ дури ако човек има причина и да плаче.

Маркс и Енгелс на многу места во нивните дела напишале прекрасни мисли за новинарството и печатот и човек може да жали што новинарите не знаат за истите. Затоа што ги судат за секој збор е „заслужена казна“ за нивното непознавање на марксизмот. А ако го познаваа марксизмот, тие одамна ќе ставеа крај на оваа „борба меѓу жабите и глувците“.

„По својата професија печатот е јавен чувар, неуморен разобличувач на властодршците, сеприсутно око, сеприсутна уста на народниот дух кој љубоморно ја чува својата слобода“. Понатаму: „Печатот има не само право туку и обврска најстриктно да ги контролира господата претставници на народот“. Да би ја „исполниле обврската напечатот, (тој) мора внимателно да ја прати дејноста на јавните личности“. И „ако треба на печатот да му е забрането да известува за она што се случува пред негови очи, ако во секој поскокотлив случај тоа треба најпрво да чека додека не биде донесена судска пресуда, ако секој чиновнк, од министер до полицаец, треба прво да го праша дали изнесените факти би можеле да му ја повредат честа или деликатноста, без обѕир дали фактот е вистинит или не е; ако печатот се става пред алтернатива да ги искривува или сосема премолчува случувањата – тогаш, престанува слободата на печатот…“ А кога „постоечките закани дојдат во отворена противречност со новостекнатиот степен на општествен развој, тогаш поточно судовите треба да застанат меѓу одумрените заповеди на законот и живите закони на општеството… тогаш вие треба да бидете пред законодавството се‘ додека тоа не се оспособи да ги стигне општествените потреби…“

Ете само неколку цитати од „одбранбените говори“ на Маркс и Енгелс во судските процеси кои пруското јавно обвинителство ги преземало против нив поради одредени написи во „Новите рајнски вести“. И, замислете, тие биле ослободени. А вас, господо новинари, ве осудуваат иако не сте предизвикале никакви општествени реакции со вашите написи, иако после пресудата се виде дека не сте направиле никакво кривично дело. И ќе ве судат и осудуваат се‘ додека некој со своите обвиненија и друг со своите пресуди ќе може да ‘и се додвори на власта и стигне „подалеку“ во својата кариера.

„Господо“ НОВИНАРИ ! Дали го чувствувате „духот на новото време“, за кој уште ни вие не сте дораснале, а за кој зборуваат Маркс и Енгелс ! Или и на вас ви оди во џеб решението на власта со кое таа го исфрли марксизмот од системот на науки, па си молчите веќе повеќе од 20 години за тоа.

Да, „господо“ НОВИНАРИ ! Западот, кој што е капиталистички, објавил многу повеќе написи во одбрана на марксизмот, отколку вие кои што растевте во „социјализмот“. А, внимавајте, уште сте и некои интелектуалци, па би требало да прочитате и да знаете нешто за марксизмот и од марксизмот, без оглед на тоа што власта го „исфрла“ како да е тој стар куфер со непотребни нешта.

„Господо“ НОВИНАРИ ! Погледнете во МЕД том 1, стр. 353; том 8, стр. 152; том 9, стр. 191-198 и том 12, стр. 240 и ќе заборавите на вашите стравови од власта, ќе се сетите на вашите должности кон јавноста и НАРОДОТ а ќе осетите нешто и од „новиот дух“ и тогаш ќе видите дека се‘ што работите е наопаку. Ќе видите дека многу „великани“ од минатото биле ништожници и никаквеци. А за овие денешните и да не зборуваме. Замислете, да се исфрли нешто од системот на науки без да се провери дали е исправно или не. И уште да се молчи за тоа повеќе од две децении !

„Господо“ НОВИНАРИ ! За жалење сте. А што не можете да ја мобилизирате јавноста тоа е одговор а таа јавност на вашата „политика“ кон неа до денес. И не заборавајте дека еден ден таа јавност може да тргне во сосема друга насока од онаа која ‘и ја одредувате власта и вие.

„Господо“ НОВИНАРИ ! Сите кријат дека општеството базирано на разменска вредност е антагонистичко општество. Во него, „секој си оди по својот интерес“ а „приватниот интерес го дели општеството на толку општества колку што има возрасни поединци во него“, вели Маркс.

Привидното „единство“ на национална, верска, расна, културна и разни други основи е лажно и не придонесува ништо. Политичарите не ги интересира народот, свештениците си немаат гајле за „божјото стадо“, а народот уште има илузии за политичарите и свештениците, па и за вас – новинарите.

Топ-тема на денот, драги новинари, е УКИНУВАЊЕ НА КЛАСНОТО ОПШТЕСТВО и формирање на ново „во кое зло нема ни да се помислува а не да се прави“. Објаснувајте го тоа преку вашите написи а не да бегате од марксизмот како „ѓавол од темјан“.

Лазар, Пријател на Народот

29 октомври 2013, Дојран.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s