Мислење на Жан-Пол Мара за судењето и егзекуцијата на поранешниот монарх

Мислење на Мара, Пријател на Народот и делегат во Националното собрание

За судењето и егзекуцијата на поранешниот монарх

Мара гласа за смрт на Луј Капе: „Јас нема да верувам во Републиката се‘ додека главата на Луј XVI не е повеќе на неговите рамиња“ (19 ноември 1792). Масло на платно од Жан Дабо. На оваа слика, Жан Дабо ја претвора говорницата на Мара во фонтана на крв. Надвор не е помалку морничаво каде молскавици удираат над гилотината.

Мара гласа за смрт на Луј Капе: „Јас нема да верувам во Републиката се‘ додека главата на Луј XVI не е повеќе на неговите рамиња“ (19 ноември 1792). Масло на платно од Жан Дабо. На оваа слика, Жан Дабо ја претвора говорницата на Мара во фонтана на крв. Надвор не е помалку морничаво каде молскавици удираат над гилотината.

(Бр. 65 — 4 декември 1792)

Злосторствата на Луј XVI, за жал, сите се премногу вистинити; тие се постојани; тие се непоправливи. Дали ние дури мораме да го поставиме прашањето за тоа дали една нација го има правото да му суди и го егзекутира својот највисоко рангиран јавен службеник, кога, за посигурен заговор против нацијата, тој се сокри зад маската на лицемерие? Или кога, наместо да го користи авторитетот кој му е доверен да ги штити своите сонародници, тој го искористи да ги угнетува? Или кога тој ги претвори законите во алатка на насилство за да ги побие поддржувачите на Револуцијата? Или кога тој го ограби од граѓаните нивното злато за да ги финансира неговите непријатели и ги ограби од нив основни производи за да ги храни варварските орди кои дојдоа да ги масакрираат? Или кога тој создаде монополи за да создаде општа глад пресушувајќи ги изворите на изобилие така што народот можеше да умре во беда и глад? Или кога тој се прогласи за водач на предавниците и заговорниците и кога ги насочи против нацијата оние оружја кои тој ги доби за да ја брани? Или кога тој го изведе заговорот за да ги масакрира бранителите на слободата и го окови народот уште еднаш? Дури да се постави ова прашање е навреда кон разумот, злодело против правдата, изопаченост на природата. Да се сомнева во тоа дали еден деспот, посрамотен со сите можни злосторства, или дали едно чудовиште, сè уште покриено со крвта на оние пријатели на Франција чиј колеж тој го нареди[1], може да биде суден и егзекутиран? Да се сомнева во ова е да се потсмева на човештвото и да се напушти сето чувство на срам…

Законодавниот комитет разјасни, со низа аргументи извлечени од природниот закон, од законот на нациите и од граѓанскиот закон, дека на Луј Капе треба да му се суди. Тој чекор беше неопходен за поучување на народот; бидејќи важно е сите членови на Републиката да се убедат во ова од оние различни насоки кои се прикладни на нивните различни духови. Претставниците на суверениот народ можат само да го гледаат прашањето низ објективот на политиката.

Меѓу говорниците кои ми претходеа на оваа говорница, оние кои го сфаќаа прашањето од оваа гледна точка, повикувајќи се на наводниот почетен договор и аргументирајќи за заемноста на условите зацртани меѓу народот и кралот, заклучија од овој факт дека Луј Капе, прекршувајќи го неговиот договор со своите злосторства, падна од тронот и може да биде почитуван само како обичен граѓанин. Ова е погрешен заклучок, напорно добиен од залуден софизам, бидејќи никогаш немало договор меѓу народот и неговите агенти, иако имаше обврзувачки договор меѓу владетелот и неговите сонародници. Нација која ги делегира своите овластувања на претставници не склучува договор со нив, таа им доделува различни должности заради општиот интерес. Претставниците можат некогаш да ги одбијат овие должности, сепак тие секогаш остануваат одговорни за нацијата која може да ги повлече овие должности во секое време и без согласност на претставниците. Според тоа, без оглед на тоа каква помпа да може да биде поврзана со овие должности, на нив никогаш не треба да се гледа поинаку освен како почесна должност. Господа, такви се вистинските обврски кои постојат меѓу владетелот и неговите претставници.

Првобитниот договор кој беше цитиран како основа за овие обврски е целосно имагинарен. Ако еден таков договор постои, него го има само меѓу освојувачките нации; и дури тогаш, тој не може да има ефект освен кога шефот на армијата станал шеф на државата и пронашол средство да побудува страв, или кога тој е во отворена војна со нација која тој ја принудил да се предаде. Што ! Дали ќе се одвратиме од злосторствата на еден узурпатор за да воспоставиме негови привилегии, и ќе ја прифатиме узурпацијата на сувереноста од нашиот највисок претставник како легитимно и свето право? Сепак, таков е одбивниот договор кој постоеше меѓу Французите и нивните кралеви: неправеден договор кој претставниците на францускиот народ го обновија со Луј Капе, наследник на власта узурпирана од неговите прататковци, откако неговото прекумерно расипништво го присили да го свика Генералното собрание за да ја исполни бездната што тој ја ископа. И после неговите последни напади кои ја предизвикаа нацијата да се крене против тиранијата, тој беше присилен да се понижи и да бара милост. Еден таков договор е целосно безначаен и неважечки, не само бидејќи тој ги повредува најсаканите интереси и најсветите права на народот, но и бидејќи народот не го одобри.

Уставот вели дека личноста на кралот е неповредлива и света. Но, таа неповредливост, која законодавците беа внимателни да избегнат јасно да ја дефинираат и на која денес се повикува заради корист на Луј предавникот како уверение за неказнетост, се примени само на законските акти на монархот. Оттаму тоа беше само привилегија да не може да се биде повикан на одговорност за изборот на средство со кое законите беа извршени. Како таква, неповредливоста беше единствено насочена кон измазнување на работењето на политичкиот процес оневозможувајќи му препрека, која беше претположена да му даде движење и живот.

Ако Уставот беше завршен и слободата консолидирана, ако раните на државата беа излекувани, ако меѓу нас владееше мир, ако изобилие, течејќи низ негови различни канали, уште еднаш почнеше да дава живот на Франција, ако нацијата најпосле можеше да одмори во сенката на мудри закони и да гледа напред кон среќни времиња, можеби тогаш казната на монархијата немаше да биде ништо повеќе од болно сеќавање. Можеби тогаш ние ќе бевме способни да го оставиме тиранинот на неговите жалења, на долгата казна на живот заради злата кој тој ни ги направи, или поточно, заради слободата која следеше по неговите напади. Но, господа, ако вие некогаш можевте внимателно да ги ислушете софизмите на оние кои сакаат да му го поштедат животот додека сè уште го потчинуваат на владеењето на правото, само грижата за јавната безбедност треба да ве принуди да отфрлите секоја казна освен смрт. Бидејќи сè додека поранешниот монарх зема здив и непредвидлив настан може да го ослободи, тој ќе биде центар на сите заговори на непријателите на Франција. И ако неговиот затвор не стане дом на нивните бескрајни заговори, тој ќе стане нивниот повик за поддршка. Како последица на тоа, сè додека тиранинот не ја загуби својата глава, нема да има слобода, нема да има сигурност, нема да има мир, нема да има спокој, нема да има среќа за Французите и нема да има надеж за другите нации да ги укинат своите ропства.

Морам ли јас да ви зборувам за крвавите сцени, катастрофите, распаѓањето на државата, колежот на сите пријатели на слободата, на вашето лично страдање, кое би било резултат на неговата страшна одмазда ако тој некогаш успее да побегне и се постави на чело на непријателските војски кои дури сега се спремни да возвратат против нас? Кои зборови би можеле да ги опишат, кое срце толку рамнодушно што би можело да ја носи мислава?

Господа, Луј Капе не беше сам во заговорот за пропаст на нацијата. Штом му се суди, тој ќе ги обвини своите учесници, неговите министри, неговите агенти, неверните делегати на народот, јавните службеници, судиите и генералите кои заговараа со него против јавната безбедност. Подготовката на неговиот случај значи е најсигурното средство конечно ѝ се испорачат на нацијата нејзините најопасни непријатели, да им се влее страв на предавниците, да се отсечат нивните заговори во корен, и конечно, да се осигури слобода, мир и јавна среќа. Без овие, вашите напори одново да воспоставите ред и да се подготвите за владеење на правото ќе бидат залудни.

„Поранешниот монарх мора да му биде судено, во тоа нема сомневање, но од кого тој ќе биде суден?“ Јас би одговорил: од обичен државен трибунал, составен од народните непосредни делегати – ако може да се довери толку еден важен случај на обичен трибунал и ако непосредна одлука не е толку важна за јавната безбедност. Да нема повеќе сомневање: Луј Капе сè уште е повик за поддршка на непријателите на слободата, токму како што тој е изворот на нивните надежи. Според тоа, единствено може да му се суди од страна на Народното собрание кое ја претставува самата нација. Нека никој не се противи, за да се повикува заради обвинетиот на титулата на роден претставник на народот, дека ова собрание нема да има судска надлежност. Тоа е лажна и заведувачка титула која му е дадена со расипаност, итрина и предавство за да се издигне над законот. Монархот беше само највисок јавен службеник и заради таа титула тој не може да има привилегија.

Останува да се разгледа последното прашање: Како треба да му се суди на поранешниот монарх? Со помпа и со строгост. Ние сме далеку од оние погрешни идеи на благост и велокодушност со кои националната суета е залажувана ! Како тие би можеле да нè послушаат без да ни ја наметнат вината на нацијата и сите зла кои би ѝ се случиле на земјата ако ние му ја оставиме на поранешниот монарх можноста повторно да заговара? Ако го амнестираме тоа значи не би било само слабост, но и предавство, злосторство и неверност.

Господа, безбедноста на Франција и воспоставувањето на Републиката зависи од правецот што ќе го изберете. Јас заклучувам дека на тиранинот треба да му се суди од Собранието и дека неговата казна треба да биде смрт.

(Бр. 73 – 12 декември 1792)

Вторник, 11-ти овој месец, во 3:00 вечерта, Луј Капе се појави на бариерата на Националното собрание за да биде испрашуван и да ги признае доказите.

Тоа беше сосема нов и возвишен спектакл за филантропскиот мислител; тој на деспот, кој не е повеќе опкружуван од грандиозниот, помпезен и застрашувачки апарат на неговата власт, оголен од сите величествени знаци на минатата отменост и донесен како злосторник пред народен трибунал да ја добие казната за своите злосторства. Дали царството на ропските предрасуди конечно заврши? Да, тоа заврши, и без можност истото да се врати, не дури за оние општествени класи најдеградирани од деспотизмот и меѓу кои размислувањето би можело најмалку да предизвика достоинството на човечката личност да процути, бидејќи трибуните го видоа изгледот на поранешниот монарх без да дадат најмал знак на одобрение или осуда. Јас дури би рекол со најсовршена рамнодушност, ако тие можеа да бидат рамнодушни спрема судењето на тиранинот.

Она што мора да помина низ умот на поранешниот деспот на Французите, донесен како злосторник пред собрание на овие луѓе, врз кои тој еднаш ги гледаше со долг презрив поглед; на овие луѓе кои тој ги нарекуваше негови потчинети; на овие луѓе на кои тој само сеќаваше за да ги соголи од сè; на овие луѓе кои тој ги оставаше да чекаат во неговите претсобја кога тие доаѓаа да го молат за одредена наклоност; на овие луѓе кои безобразните слуги, покриени во боите на ропството, грубо ги одбиваа, навредуваа со дрскост и угнетуваа со неказнетост. Судејќи по неговиот изглед и неговото држење, човек би помислил дека е нечувствителен кон промената во неговите богатства. Што? Загубата на блискавиот трон и сите задоволства на похотниот дворец се според тоа ништо во неговите очи? Човек би поверувал во ова со обѕир на начинот на кој тој ги искористи кога ги поседуваше.

Со обврска спрема вистината мора да се каже дека тој се претстави и се однесуваше на бариерата со пристојност, сепак понижувајќи ја својата претходна позиција. Тој слушна како е нарекуван Луј Капе 100 пати без да направи брзо, нервозно движење на своето лице – тој кој го примаше во своите уши само одекнувањето на името „височество“ – и никогаш не покажа најмала нестрпливост за целото време додека стоеше, тој пред кого никој ја немаше привилегијата да седи.

Во своето понижување колку велик тој ќе беше во моите очи ако тој беше невин и полн со чувства и ако оваа апатична смиреност доаѓаше од оставка на еден мудрец според законите на нужноста.

Неговите одговори на прашањата докажаа дека тој е помалку глуп отколку што се мислеше, ако не беше повеќе од веројатно дека одговорите му беа сугерирани[2]; тој покажа дека има одлична меморија. Со исклучок на неколку одговори, сите беа двосмислени, односно, дрски лаги.

Тогаш кое е мислењето што треба да се формира за Луј Капе? Тоа за човек без душа, човек кој никогаш не вредел за тронот; на деспот чии советници и ортаци секогаш го држеа во однесување кое се менуваше според околностите; на тиранин кој тие го турнаа во сите злосторства. Неговото однесување секогаш беше ткаенина од недоследности и ужаси: понекогаш нељубезен, дрзок, понизлив, долен, питачлив; тој секогаш се покажуваше суров, варварски, свиреп; тој секогаш ги потопуваше своите раце без жалење во крвта на народот, и ако тој самиот не е автор на заговорите изведени против јавната слобода, тој се согласуваше со нив и не е помалку злосторник во очите на правдата.

(Бр. 105 – 23 јануари 1793)

Главата на тиранинот само што падна под мечот на законот; истиот удар ги турна темелите на монархијата меѓу нас. Конечно јас верувам во републиката.

За да го извлече од негово егзекутирање, верните следбеници на деспотот бараа да инспирираат страв во нас со афектите на неговата смрт. Колку залудни беа овие стравови. Без сомнение беа наметнати мерки преземени да одржат смиреност; тие беа диригирани со разумност, но сепак се покажаа како излишни: можеше да се има доверба во јавната разлутеност од затворот Тампл до губилиштето; ниту еден глас беше воскликнат за помилување за време на егзекуцијата, ниту еден глас беше кренат во прилог на човекот кој еднаш одлучуваше за судбината на Франција. Длабока тишина владееше околу него и кога неговата глава беше покажана на народот, од секаде околу се кренаа врисоци: Vive la nation! Vive la république!

Остатокот од денот беше совршено мирен; за прв пат од федерацијата народот изгледаше анимиран со ведро задоволство: некој ќе помислеше дека тие само што учествувале во религиозна прослава, ослободени од тежината на угнетувањето кое ги обременуваше со векови; и, опфатени од чувството на братство, сите срца се предадоа на надежта за посреќна иднина.

Ова слатко задоволство беше вознемирено од тагата предизвикана од ужасниот напад врз еден делегат на нацијата[3], поради тоа што гласал за смртта на тиранинот.

Егзекуцијата на Луј XVI е еден од оние незаборавни настани кои одбележуваат епоха во историјата на нациите. Егзекуцијата на тиранинот ќе има запрепастувачко влијание врз судбината на деспотите ширум Европа и чудесно влијание врз оние народи кои сè уште не ги скршиле своите ропски окови.

Изрекувајќи ја смртната казна за тиранинот на Французите, Националното собрание без сомнение се покажа велико, но тоа беше желбата на нацијата и начинот на кој народот ја гледаше казната на својот поранешен господар, без сомневање ги имаше истите чувства кои ги опфатија граѓаните на Париз и граѓаните од сите региони.

Егзекуцијата на Луј XVI, далеку од тоа да го вознемири мирот на државата, ќе служи само за да го зајакне, не само зафаќајќи ги внатрешните непријатели со терор, но исто така надворешните непријатели. Егзекуцијата на тиранинот исто така ќе ѝ даде на нацијата нова сила да ги притисне назад свирепите орди на странските верни следбеници на тиранинот кои би се осмелиле да земат оружје против неа. Бидејќи нема враќање назад и ова е положбата во која ние се наоѓаме денес: ние мораме да победиме или да погинеме, очебијна вистина која Пјер-Жозеф Камбон ја укажа во возвишена слика кога тој рече на говорницата пред два дена: „Конечно ние пристигнавме на островот на слободата и ние го запаливме бродот кој нè донесе овде.“


[1] Револуцијата ја олеснила положбата на војниците во војската. Тие почнале да создаваат свои организации и да бараат отчет од своите офицери за финансиското трошење кое е одредено за нив. Поради тоа отпочнале судири во многу полковски штабови меѓу офицерите аристократи и војниците. Во 1790 година војниците од гарнизонот во градот Нанси побарале од своите офицери да им дадат отчет. Овие не сакале да го направат тоа. Тогаш војниците ја презеле полковската каса. Делегација од осум луѓе заминала во Париз да се жали поради суровоста на старешините. Уставотворното собрание ја уапсил делегацијата. Тоа издало наредба со која ги осудило нансиските војници поради тоа што ја прекршиле дисциплината. На гарнизоните од соседните градови им било наредено да ги смират побунетите војници. Лафајет издал наредба по која народната гарда требала да делува против побунетиот гарнизон. Меѓутоа, судирите во Нанси веќе се смириле. Повеќето војници потпишале „акт на покајување“. Но, буржоазијата и реакционерните офицери сакале да се пресметат со војниците кои тежнееле да воведат демократски односи во војската. Во Нанси била испратена војска. Таа извршила колеж не само на војниците туку и на градското население. Три илјади граѓани биле убиени – тоа бил резултатот на нансискиот колеж по наредба на Лафајет „најзабележливиот и најразумен републиканец“ (Никола Маринов Николов). Кралот „кој не сакал жртви и крв“ (Н.М.Николов) и собранието ја искажале својата благодарност на оние кои го смириле нансискиот гарнизон. Само Мара кренал глас на негодување против тоа злосторство.

[2] Како сугерирани? Не знам, но крајното одолговлечување во сортирањето на документите и во известувањето до комисиите 24 и 12 ми изгледаше дека беше усогласено за да им се овозможи на членовите на овие комитети средство да го подготват историскиот акт и обвиненијата; додека одложувањата во нивната презентација беа нивна цел да не му овозможат на собранието време да ја испитат и исправат.

[3] Убиецот е тој Пари кој последната година навредуваше патриоти во кафеани, и кој имаше некоја афера со Бојер од која тој имаше лош резултат. Минатата недела тој беше со пет разбојници во домот на еден дистрибутер во палатата на Филип д‘Егалите, каде Пелетје обично доручкуваше. Излегувајќи од соседната просторија во моментот кога Пелетје си ја плаќал сметката, Пари го прашал дали тој гласал за смрт против кралот. Штом слушнал потврден одговор, тој ја зарил својата сабја во стомакот на Пелетје, рана од која доблесниот делегат умре во текот на ноќта.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s