Како настанал „L’Ami du Peuple“

Првата политичка победа на Мара била неговиот избор во комитетот на округот Карм-Дешосе, каде што тој живеел. За изборите на Генералните сталежи, Париз бил поделен на 60 окрузи. Јавните собранија отворени за сите жители биле одржувани во секој округ со цел да се избере комитет кој би ги избрал париските претставници на Третиот сталеж. Состаноците на реонските собранија, сепак, наскоро го презеле политичкиот живот на своја рака, а реонските комитети се развиле во активистички организации кои почнале да практикуваат политичка власт на локално ниво.

…[На 14-ти јули 1789] реонскиот комитет бил во постојано заседание и Мара работел деноноќно, без прекин, во текот на три деноноќија. Задачата за сите окрузи била да ја организираат националната гарда како постојана војска способна воено да ја брани нивната Револуција. Вечерта во петокот, 17-ти јули, најпосле Мара тргнал дома да спие.

Утрото во саботата, 19-ти јули, тој се вратил во штабот да презентира предлог пред комитетот. Мара одлучил дека највредниот придонес што тој би можел да го даде за Револуцијата бил со неговото перо, па предложил округот да објавува политички весник и ги понудил своите услуги како негов уредник. Неговата иницијатива била одбиена, сепак, бидејќи мнозинството на комитетот сметало дека веќе доволно имало револуционерни изданија во промет. Иако Мара го прифатил ова одбивање смирено, подоцна тој рекол дека тоа го натерало да даде оставка од реонскиот комитет за да основа свој политички весник.

Ако округот се согласил да спонзорира издание, тој ќе овозможил машини за печатење, хартија, мастило, словослагачи, печатари и дистрибутери, но без неговата поддршка, Мара морал да го сноси сето бреме на производството врз себе. Тој успеал во тоа „живеејќи штедливо во сиромашни околности“, вели тој.

„Низ изминатите девет месеци јас живеев на леб и вода за да ги покријам трошоците за печатењето, кои станаа прекумерни.“[1]

На 11-ти август, еден месец откако го напуштил реонскиот комитет, неговото ново издание, Moniteur Patriote, било отпечатено, но било со краток рок. Следниот месец, сепак, Мара го отпочнал одново но под различно име и овојпат можел да го продолжи неговото печатење. На 12-ти септември бил отпечатен првиот број на весникот кој оттогаш ќе биде поврзуван со името на Мара: L’Ami du peupleПријателот на Народот. Тоа било дневен весник со првичен тираж од околку 2000 примероци. Производствените трошоци на Мара биле проценети на околу 80 до 90 ливри од едно издание, што било приближен еквивалент на месечна плата на неквалификуван работник или цената на оброк за четворица во отмен париски ресторан.[2] Во почетокот, L’Ami du peuple изгледа дека опстанал со помош на висококаматни заеми од печатари и дистрибутери, но откако весникот станал популарен, се разбира Мара можел да заработи доволен приход за да го покрие трошокот за негово издавање.[3]

Влијанието на весникот на Мара не може да се процени според обемот на неговиот тираж, бидејќи бројот на неговите читатели бил многу пати поголем. Индивидуалните примероци на весникот биле пренесувани од рака на рака и читани на глас на јавни места и кафеани. Еден коментатор од тоа време проценил дека секој еден примерок на популарните весници бил читан од десет луѓе.[4] Сепак, тиражот на весникот на Мара се зголемил како што растело неговото влијание, достигнувајќи максимум од можеби 6000 примероци. Обемот на тиражот не бил одреден од економската побарувачка, туку од физички ограничувања на печатарската технологија во осумнаесеттиот век. За да се произведуваат секојдневно три до шест илјади примероци на весник, еден историчар пресметал дека тоа „било задача која барала без прекин три до пет едноставни рачни печатари да работат во текот на буквално цела работна седмица.“[5] Понекогаш L’Ami du Peuple се печател истовремено во три различни печатници за да го достигне дневниот тираж од 6000 примероци.[6]

L’Ami du peuple не беше само име на весник. Од почетокот тоа било исто така името на измислен карактер кој ги олицетворува доблестите на идеален револуционерен патриот. Пријателот на Народот бил храбар, решителен, посветен на правдата и вооружен со непогрешливо политичко „шесто сетило“ кое му овозможило да ги открива лагите и измамите и да ја чита скриената политичка стварност.

„Народот“ со кој Мара настојувал да се спријатели била револуционерната класа, санкилотите. Терминот санкилоти означувал луѓе кои носеле работнички панталони до глуждови наместо панталони до колена вообичаени за господа. Санкилотите биле „иматели на работилници, занаетчии, наемни работници, трговци и ситни трговци“ од Париз.[7] Мара напишал:

„Револуцијата беше изведена и поддржана само од најниските класи на општеството – работници, занаетчии, трговци на мало, земјоделци – од простиот народ, од оние сиромаси кои богаташите бесрамно ги нарекуваат отпад.“[8]

Во почетокот Мара се идентификувал во весникот како „Мара, уредник на L’Ami du Peuple“. Но, кога писмата до уредникот редовно му се обраќале како Пријателот на Народот, Мара почнал да се идентификува со тој карактер. Тој го скратил својот потпис на „Мarat, l’Ami du Peuple“ и станал Пријателот на Народот, колку за себе толку и за неговите читатели.

Во скоро време новинарството на Мара престанал да биде во својата суштина реформистичко и станало отворено револуционерно. За одредено време, двете гледишта коегзистирале во неговите написи, но наскоро откако го отпочнал издавањето на Ami du peuple, тој престанал да повикува за реформи во постоечкиот политички поредок и почнал да повикува за негово соборување. Иако во септември 1789 година скоро секој сметал дека Националното собрание и Париската Комуна биле институциско отелотворување на Револуцијата, Мара гласно настојувал дека двете владини тела биле непријатели на Револуцијата. Тој го предвидел доаѓањето на „втора револуција“ бидејќи политичката доминација на богатството во сегашниот систем им оневозможила на сиромашните да остварат општествена правда со мирни средства. Санкилотите веќе успешно се побуниле против благородништвото. Зошто тие исто така не би востаниле со оружје против богаташите?

Ami du peuple многу бргу почнал да се одвојува од конкурентните револуционерни весници. Спектарот на мислење меѓу нив се протегал од оние кои верувале дека востанието од 14-ти јули ја завршило Револуцијата и оние кои верувале дека Револуцијата била во почетна фаза. Ami du peuple припаѓал на вториот крај од спектарот, додека повеќето други припаднале некаде меѓу двата пола. Весникот на Мара според тоа почнал да привлекува внимание, како од радикализирачката јавност така и од новата власт која сè повеќе била посрамотувана на неговите страници. За помалку од две седмици откако весник почнал да се издава, Мара веќе успеал да ја разбесни општинската влада и на 25-ти септември уште еднаш добил покана да се појави пред советот на градот.

Најнатежнувачкото политичко прашање во тој момент била цената на лебот. Лебот бил главен продукт во исхраната на санкилотите а со остриот пораст на неговата цена имало опасност голем број на луѓе да гладуваат и веројатно да умрат од глад. Во париските посиромашни реони избувнале побуни и насилни демонстрации во врска со цената на лебот. Париската Комуна организирала Комитет за прехрана за да справи со кризата. Мара ја ужаснува градската власт опишувајќи го нејзиниот Комитет за прехрана не како дел од решението туку како главен дел од проблемот. Тој го обвинил за заговор со еснафот на млиновите и кралскиот министер за финансии, Жак Некер, дека трупат зрна за да ја присилат цената на лебот да порасне многу високо. Тој ги обвинил мелничарите како алчни профитери и го обвинил Некер, на кого тој одушевувачки му ракоплескал само пред неколку месеци, дека го измислил заговорот за да ја дискредитира Револуцијата и на крајот да ја уништи.

Советот без сомнение имал намера да побара од Мара да престане со својата распалувачка реторика. Кога тој пристигнал му било кажано да почека во претсобјето. Часови подоцна, на полноќ, бил информиран дека советот нема да го види тој ден, туку дека тој треба да се врати следниот ден, а Мара и така направил. Откако поминал уште еден цел ден во чекалната, сепак, му било кажано уште еднаш дека тој ќе треба да се врати следниот ден.

Иако Мара знаел дека бил повикан таму за да биде нападнат, тој испланирал да ја смени ситуацијата во свој прилог кажувајќи му на советот на градот како да се исчисти од предавничките елементи. Тој имал причина да верува дека делегатите од помалку богатите реони ќе го бранат и ќе ги земат предвид неговите обвинувања сериозно. Но, откако поминал два дена седејќи во чекалната, на Мара му било доста од нивните маневри. Наместо повторно да се враќа, трет ден по ред, тој решил да се обрати јавно. Објавил отворено писмо до градскиот совет во бројот од 28 септември на Ami du peuple, изразувајќи го своето разочарување што не му било дадена можноста да се обрати на собранието. Тој рекол дека собранието требало да ги ислуша неговите обвинувања и да делува според нив. И за да го истакне својот презир кон градскиот совет, тој дал споредба за нивната важност:

„Јас сум окото на народот, а вие најмногу што можете да бидете сте неговиот мал прст.“[9]

Градскиот совет веднаш одговорил наредувајќи Мара да се појави пред него таа вечер, и овојпат тој бил примен без да мора да чека. Претседателот на собранието побарал Мара или да ги конкретизира своите обвинувања или да ги повлече. Мара ги дал само истите воопштени обвинувања кон Комитетот за прехрана кои се појавиле во неговите статии. После бесна конверзација, она што се случило потоа е вообичаено. Не било побарано отштета од Мара – што тој го протолкувал како притаено признание дека неговите обвинувања биле точни – и едноставно му било допуштено да си оди.[10]

Овој судир му дал уште едно издигнување на растечкиот углед на Мара како претставник на малите луѓе против општествената елита, вклучувајќи ја новата општествена елита која се издигнала со Револуцијата. Како што изминувало времето, неговите читатели му давале сè повеќе „важни информации“, овозможувајќи му да дава уште поточни обвинувања. Издигнувањето на Мара од непознатоста отпочнало.

Извадок од книгата „Jean Paul Marat, Tribune of the French Revolution“ на Клифорд Конер.


[1] L’Ami du Peuple, no. 20, September 30, 1789.

[2] See Massin, Marat, 91.

[3] Иако нема бројки на располагање за да директно се одреди профитабилноста на весникот на Мара, еден друг весник, „споредлив во формат и промет со L’Ami du peuple” (Coquard, Marat, 464), заработувал годишен профит од околу 62 000 ливри (Gilles Feyel, “Les frais d’impression et de diffusion de la presse parisienne entre 1789 et 1792,” La Rеvolution du journal, 1788–1794, Centre national de la recherche scientifique [CNRS] [Paris, 1989]). Личното „нето богатство“ на Мара во време на неговата смрт било буквално нула, па ако приходот од весникот ги надминувал трошоците за негово печатење, најверојатно тој го вложувал вишокот за зголемување на капацитетот за негово печатење. „Од денот кога Револуцијата започна, Мара живееше на леб и вода, не фигуративно зборувајќи, туку во стварноста. И кога тој беше убиен, целото богатство на Пријателот на Народот беше банкнота од 25 ливри (франци)“ (Кропоткин, Големата Француска револуција 1789-1793).

[4] J.-B.-C. Delisle de Sales, Essai sur le journalisme depuis 1735 jusqu’а l’an 1800 (Paris: impr. de Colas, 1811), 96–7.

[5] Chisick, “Production, Distribution and Readership of a Conservative Journal,” 66.

[6] Lise Andries, “Radicalism and the Book in Paris During the French Revolution,” CNRS (Paris, 2006).

[7] George Rudé, The Crowd in the French Revolution (Oxford: Oxford University Press, 1972), 178. Книгата на Риде останува најдобриот извор на информации за санкилотите. Друг вреден извор е Albert Soboul, The Sans-Culottes (Princeton, NJ: Princeton University Press, 1980).

[8] L’Ami du Peuple, no. 667, July 7, 1792.

[9] Lettre aux reprеsentants de la Commune (September 25, 1789), Correspondance, 104.

[10] Actes, vol. II, 103–4.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s