Социјализам во една земја е можен !

Во одговор на Примож Крашовец.

1. Дали е можен социјализам во една земја?

2. Дали е можен социјализам во повеќе од една земја?

3. На долг рок социјализам е постабилен во:

а) Една земја

б) Повеќе земји

Накратко нашите одговори (на авторите на „Towards a New Socialism“, Cockshott & Cottrell, 1993) кон овие прашања би биле: 1) Да; 2) Да; 3) а. Ова може да изгледа малку парадоксално но нашата идеја ќе стане појасна како што ќе се развива аргументот.

Од наш поглед прашањата 1 и 2 се делумно емпириски. Само делумно, бидејќи значењето на прашањето уште почива на толкувањето на зборот земја. Овој збор обично се користи за да се повикува на национална држава, но нациите и државите не се со исто значење. СССР беше меѓународна организација на пролетерска државна власт а не национална држава во старата смисла на зборот. Ако под земја ние разбираме категорички нација тогаш мора да се каже дека нам ни недостига емпириски докази да одлучиме дали социјализмот е можен во една земја. Ако под земја ние разбираме една државна власт, тогаш ние имаме историско искуство на постоење на една социјалистичка држава од раните 1930-ти до доцните 1940-ти. Дадениот временски период е определен од точка на која се појавиле посебните карактеристики на едно социјалистичко стопанство. Што се однесува до другата дефиниција на земја: нација, или единечна државна власт, тогаш од доцните 1950-ти години јасно беше дека мноштво од социјалистички земји можат да коегзистираат. Овде, ние ги даваме доцните 1950-ти години како круцијален период, бидејќи се‘ дотогаш народните демократии на Источна Европа беа само номинално независни државни влади, тамошните комунистички партии беа практичните агенти на државната власт и комунистичките партии останаа толку цврсто координирани што беше сомнително дека државите можеа навистина да се сметаат за независни. Кина, каде што комунистичката партија беше независна од Москва, не воспостави социјалистичко стопанство во раните 1950-ти години. Што се однесува до прашањето за тоа дали социјализам е постабилен во една земја или неколку, изгледа дека тој е постабилен во една под услов дека под „земја“ се мисли на унитарна државна власт. Унитарна државна власт е подобро складна да претставува обединет фронт против непријателскиот капиталистички свет и најдобро складна да го координира стопанскиот развој на нациите на различни нивоа на развој. Само треба да се размисли кои ќе беа можностите да преживее социјализмот ако СССР не беше формиран и ако наместо него постоеше мноштво од суверени национални држави на неговата територија. Империјалистичките сили без сомнение ќе ги уништеа една по една. Во послевоениот период, поделбите меѓу социјалистичките држави СССР/Југославија или СССР/Кина или Кина/Виетнам беа искористени до катастрофален ефект од страна на САД и сериозно го ограничија стопанскиот развој на социјализмите. Во парадоксална смисла, може да се каже дека напуштањето на политиката на социјализам во една земја во смислата на монолитна држава од страна на комунистичкото движење во доцните 1940-ти и раните 1950-ти придонесе за нивната пропаст во 1990 година.

За преобразувањето на старото општество во ново, било по револуционерен или еволутивен пат, е потребно комплексно познавање на научниот социјализам и доследно придржување до сознанијата кои тој ги дава. Притоа, не е важно дали социјализмот се развива во индустриски развиена или заостаната земја ако преобразбата се врши по револуционерен пат.

При насилно разрешување на антагонизмите не е важно дали доаѓа до расплет во развиена или заостаната земја. Победата во развиената земја поставува пред победникот задача сето, до вчера владејачко население и разни непроизводствени структури од населението (војска, полиција, судство, чиновништво, општествени интелектуалци, клер, лумпен-пролетери, трговци, банкари и сл.), да го пренасочи во производствена и општествено корисна работа; да ја промени структурата на производството со пренасочување на одредени производствени капацитети во општествено корисни цели (воена индустрија, производство на луксузно и друго непотребно производство, кое постоело во време на старата општествена поделба на труд). А сето тоа не оди така лесно.

Победата во заостаната земја, пред победникот поставува задача да ги организира творечките потенцијали на населението и што поскоро да постигне обем на производство спрема потребите. Тука се наидува на помалку отпори, отколку во развиените земји. Победникот има масовна поддршка на населението. Меѓутоа, ако тој не го познава научниот социјализам, ако во преобразба на општеството тргне по патот на политичката економија, макар и ја прекрстил во социјалистичка, од социјализмот, од револуционерната преобразба ќе нема ништо. Во сите „социјалистички“ земји се случуваше токму тоа.

Неразвиените земји се во извесна предност затоа што тие го имаат „искуството на развиените“ и нивниот развој може да оди побргу. Тоа Маркс го докажува со конкретен пример во своето писмо до Вера Засулич во 1881 година:

Дали Русија, за да користи машини, парабродови, железница итн., мораше како Западот да поминува низ долг период на раѓање на машинската индустрија? …Како тие успееја за кратко време да го воведат кај себе сиот механизам за размена (банки, кредитни заводи итн.), за чие создавање на Западот му требаа неколку векови?

Значи, самиот Маркс тврди дека социјализам во Русија е можен на алтернативен начин, дека не е неопходно за руското општество да помине низ неколкувековниот долг процес на земјоделска и технолошка модернизација низ којшто Англија поминала, туку Русија може едноставно да ги усвои современите технологии сега расположливи.

Историчарот Левин во својата книга „Лениновата последна борба“ на пример објаснува:

Ленин го користеше терминот „државен капитализам“ бидејќи тој сметаше на соработка на рускиот капитализам и, дури повеќе, на големите странски капиталистички интереси; тој мислеше дека на Русија ‘и треба долг период на капиталистички развој за да асимилира организациски методи и техничко знаење, и да го стекне капиталот и интелектуалните способности коишто државата на работниците уште не ги поседуваше.

Но, Сталин успеа и без соработка со големиот капитал (во приватни раце!) да асимилира организациски методи и техничко знаење како и да акумулира интелектуален капитал. Статистичарите нè известуваат дека во 1930-те години илјадници инженери и квалификувани работници од Европа и Америка заминале во СССР за да ги помогнат новите индустриски претпријатија и да обучуваат нова генерација на советски техничари. Во согласност со една пресметка, во 1932 година, 42 230 странски работници биле вработени во СССР, најмногу од нив квалификувани работници. Дури и историските факти се против тезата на Ленин. Во периодот од 1930 до 1970, а со исклучок на воените години, СССР искуси многу брз економски раст. Постои значаен спор околу тоа колку брзо економијата пораснала, но генерално е согласено дека растела значајно побрзо од САД меѓу 1928 и 1975, со стапка на раст, која успорува до размерот на САД потоа. Овој раст настана во селанска земја, чиј степен на развој бил споредлив со оној на Индија во 1922, за да стане светска втора индустриска, технолошка и воена сила од средината на 1960-тите.

И во едниот и во другиот случај, развиена или неразвиена земја, се укинува старата општествена поделба на трудот, што треба да биде и цел на револуционерната промена. Притоа, мора да се внимава да не се врши само звучно прекрстување на категориите и поимите од старата општествена поделба на труд, а суштината да им останува класична.

На прашањето за укинување на старата општествена поделба на трудот паѓаа и паѓаат сите „револуционери“. Со тоа докажуваат дека не се револуционери. Не е разбирливо, како може толку голем број на интелектуалци, ангажирани во подготовка, извршување и зацврстување на „револуцијата“, да не сфатат дека револуцијата се состои токму во укинување на старата општествена поделба на трудот, а не во судење и ликвидирање на двигателите на стариот систем. „Социјализмот“ токму и затоа пропадна – сè што постоеше во претходниот период беше задржано и во „новиот“, само што ги променија имињата. Војската порано кралска, сега се викаше народна; милицијата исто – поранешната кралска жандармерија, сега беше заменета со „народна милиција“. Власта, потпрена на спомнатите „народни“ војска и милиција, исто се нарекуваше „народна“. Сите тие, како и во претходните режими, кои се менуваа од разни причини, се издржуваа од даноците. А даноците ги плаќаат производителите – работниците и селаните, со занаетчиите. Поради тие даноци многу луѓе станаа свесни дека „социјалистичката“ држава не се разликува од капиталистичката.

„Комунистите“ не го извршуваа Енгелсовиот аманет од 1874 година по кој требаше да го „студираат социјализмот“. Кога некој се колне во нечие име, а не знае ништо од неговото учење, тогаш се случуваат многу чудни работи. „Пропаѓа социјализмот и се враќа капитализмот“! Дали е можно тоа? Да, „комунистите“ имаа сè во свои раце – војска, милиција, судство, доверба и поддршка од народот и им „пропадна социјализмот“. Да, не вели Исус залудно: „Нема да влезе во царството Божје секој што вели само Господи, Господи!“. Потребни се и дела заради што пророкот Езекиел ќе предупреди многу порано пред Исуса: „Зборовите ти ги слушаат, ама не ги извршуваат“. „Комунистите“ беа такви „верници“ – со Маркс и Енгелс си ги плакнеа устите, но не знаеја ништо од нивната наука. Знаеја да цитираат по некоја нивна мисла, но накалемена на капиталистичката стварност.

Укинувањето на старата општествена поделба на трудот е битно и основно прашање на револуцијата. Тоа е последица од укинувањето на приватната сопственост над средствата за производство. Меѓутоа, ако тоа „укинување“ е само декларативно, како што беше во сите „социјалистички“ земји, ако суштината останува иста како и порано, тогаш од револуцијата нема ништо. Во прво време сè „изгледа“ револуционерно: црвени знамиња на секој чекор, пароли, песни и борбени маршеви. Но, народот вели: „Волкот ги менува влакната, ама не и ќудта“. Тоа важи и за стоковното стопанисување. Тоа е највисока форма на капиталистичко стопанисување и не може да биде социјалистичко, односно комунистичко. Меѓутоа, „комунистите“ го прекрстуваа во „социјалистичко“. И со тоа ги поништуваа придобивките од оружената победа, го воскреснуваа старото општество, а дека не беа свесни. Меѓутоа, последиците си остануваат, па бил некој свесен за тоа или не. Прекрстувањето не помага ништо.

Кризите кои се манифестираа во „социјализмот“ зборуваа јасно дека со „социјалистичкото“ стоковно производство нешто не е во ред, но апологетите на истото не сакаа, или не можеа да разберат што е тоа. Партиското и државното раководство ги сметаа како привремени и минливи појави, а не како својствена карактеристика на стоковното производство. За нив „социјалистичкото стоковно производство се разликуваше од капиталистичкото, бидејќи се базираше на општествена сопственост над средствата за производство и социјалистичко самоуправување“. А дека таму каде што постои општествена сопственост над средствата за производство нема никаква потреба од индивидуална размена преку пазар, за тоа составувачите на горната формулација на „социјалистичкото“ стоковно производство не му ја мислеа.

Поимот „социјалистичко стоковно производство“ беше потполно волунтаристички, ненаучен и антимарксистички. Со таа формулација се „побиваше“ сè што Маркс и Енгелс дале на научната мисла. Да се побие некој со незнаење, тоа го нема никаде. Но, во општествените „науки“ се „случува“ тоа. И никој со прст не мрднува откога праксата ќе докаже дека такво „учење“ не е можно. Довчерашните „социјалистички“ научници преку ноќ се преобразија во капиталистички. И како само и кој знае зошто капиталистите ги прифатија таквите „научници“. Сите си останаа со своите дипломи од „социјализмот“ и на своите работни места. И денес предаваат капиталистичка економија, право, филозофија, социологија, логика, „дефендологија“. И кој знае, уште што сè може да се натовари на грбот на народот за да носи. Да бидеме јасни: капиталистите тоа не им го плаќаат. Издржувањето на тие „научници“ паѓа врз грбот на народот. Даноците не служат за друго, туку дел и за таквите паразити, покрај војската, полицијата, чиновништвото итн.

„Сега ќе одам и ќе го изградам правиот социјализам !“

„Сега ќе одам и ќе го изградам правиот социјализам !“

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s