За марксистите

Ние, марксистите, признаваме само една приватна сопственост на која не дозволуваме никој по ниту една основа да стави рака. Тоа е приватна сопственост над производите за одржување на животот на секој човек, кои сите луѓе ги произведуваат како здружени производители со средствата за производство во општествена сопственост. Храна, облека, стан, школување, здравствена заштита, користење на сите јавни добра и услуги нема никој право да ускрати на било кого ако тој како здружен производител учествува во производството на истите. А во граѓанското општество тоа не му е обезбедено на никого. Освен на махерите кои ништо не знаат да работат освен да лажат, крадат и „продаваат“ глупости на високо „учен“ начин.

Ние марксистите не се срамиме да најдеме сличности на комунизмот со некои првобитни заедници. Затоа и ги нарекуваме таквите заедници „првобитни комунизам“. Но, ако во социолошка смисла сакаме да создадеме интегрираност на личноста во општеството, тоа сакаме да го направиме со потполно ослободување на човекот, а не со негово поробување на имателите на приватна сопственост над средствата за производство.

Хаек ги дефинира интелектуалците како продавачи на идеи од втора рака кои немаат специјални знаења за било што посебно и кои не преземаат директна одговорност за практични работи и кои дури не е потребно да бидат ни посебно интелигентни. Понатаму стои дека тие се задоволни да бидат посредници во ширењето на идеите на оригиналните мислители кај обичните луѓе, за кои веруваат дека не се на нивно ниво. Како марксисти потполно сме уверени во точноста на сите овие Хаекови тврдења за интелектуалците и уште сме позадоволни што марксизмот како наука ја укинува разликата меѓу умствениот и физичкиот труд, и производниот и непроизводниот. Заради тоа начело – постулат во социјализмот не може да постои интелигенцијата како професија.

Ние, марксистите, секогаш сме тврделе дека државата е инструмент за држање во потчинетост на класата со која се владее и никогаш не се сложуваме со некои произволни тврдења дека таа „обезбедува некои права за луѓето“. Дури ни „социјалистичката“ држава не обезбеди ништо за работникот, а камоли тоа да го прави капиталистичката. Се покажа дека секоја држава е слуга на владејачката класа и дека таа никогаш нема да направи нешто за работничката класа. Тоа го потврдија сите „социјалистички“ држави, бидејќи ниту во една не остана ништо од сите „социјалистички“ права, кои им беа загарантирани со уставот и кои требаше да ги штитат „социјалистичката“ армија, милиција, безбедност и судство. Затоа работникот во иднина нека не се надева на ништо добро од која било држава.

Ние, марксистите, за разлика од некои други, не ја преобразуваме државата во слугинка. Ние ја укинуваме. Тоа произлегува од самото укинување на приватната сопственост. Ние не ја укинуваме „приватната“ сопственост потребна за живот. Ние „ја укинуваме само буржоаската сопственост“, бидејќи таа ги спречува луѓето да остварат доволно „приватна“ сопственост од средства потребни за живот. Значи, комунизмот е подигање на приватната сопственост на повисок степен и овозможување на секој со лична работа на средствата за производство во општествена сопственост да обезбеди доволно средства за сигурен и удобен живот. Од кажаното јасно може да се заклучи дека приватна сопственост може да постои само над средствата за живот, но не и над средствата за производство.

Во бескласно или научно организирано општество, даноци не се плаќаат. Тоа произлегува од самата суштина на истото, бидејки не постојат антагонистички класи и нема потреба од сила која би држела во покорност одредени класи. Во контекст на реченото, декларираните „социјалистички“ држави воопшто не беа социјалистички, бидејки и во нив се плаќаше данок како и во секоја капиталистичка. И истите не беа во ништо организирани марксистички.

„Различни видови на социјализам“ не се возможни. Кој рефлектира на различитост треба да одреди во што се состои таа. Социјализмот се огледа во тоа дали средствата за работа се сопственост на работниците и дали производството го достигнува обемот на потребите. Покрај тоа се спроведува и укинување на старата општествена поделба на труд. Со исполнување на овие три услови може после да се дозволи „различитост“ на социјализмите. Во спротивно не постои социјализам, како што не постоеше ни во ХХ век. Во склад со кажаното денес отфрлените „социјализми“ не беа марксистички. Само штета е што со тоа отфрлање се отфрли и марксизмот и никој денес не го проучува. А само со него е можно да се разјасни конфузијата што ја направи Ленин, ленинизмот и квазинаучниците од општествените квазинауки.

Во егзактните науки не смее да се нарече научник, кој не овладеал со највисоките достигнувања во истите. Во општествените… ,,научник‘‘ е секој, кој не ѕирнал во Маркс-Енгелсовите дела (МЕД) и плука по научниот социјализам, иако ништо од него не знае. Замислете, цел ХХ век не ги проучиле МЕД и не увиделе дека Ленин со ,,Новата економска политика‘‘ ја поништил Октомвриската револуција и пак го вратил капитализмот во Русија. Тој и сам го признава тоа, само слепците не прочитале. И го лепат Ленин до Маркс, нарекувајќи го ,,најголем практичар на марксизмот‘‘. А тој, всушност, го отфрлил истиот од пракса. Ленин е кратор на една врста буржоаски социјализам (државен капитализам) и е спротивен на марксистичкиот социјализам, односно комунизмот.

Ние, марксистите, не се бавиме со идеологии. Ние ги уништуваме со тоа што спроведуваме ,,секој да си ја одработи живејачката‘‘, а потоа нека проповеда што сака.

Ние марксистите со задоволство изјавуваме дека стоиме на исти ,,толстоевски‘‘ ставови изнесени во бајките. Ние сме за укинување: на државата, приватната сопственост на земјата (,,оти таа е моја‘‘ – вели ,,Бог‘‘) и класното општество. Се‘ додека постојат тие категории ,,општеството нема да ја најде својата рамнотежа…‘‘

Буржуазијата ги убивала кралевите и царевите. Ние, марксистите, ќе ги натераме само да работат. Откога ќе си ја одработи секој живеачката тогаш нека се бави со ,,царување‘‘, ,,филозофирање‘‘, уметничко стварање и сл. Тоа е научното: укинување на разликата меѓу производствениот и непроизводствениот труд.

Иако жената прави натчовечки напори и прави се‘ за да ја ,,носи‘‘ не само куќата на грб, туку и животот на ,,својот‘‘ господар – мажот да го направи подобар, ние – марксистите – не се согласуваме со таквата ропска положба на истата. Иако жената мирно, скоро без ниту еден знак на протест, ја поднесува ропската положба, ние велиме дека тоа мора да се промени и да жената вистински се еманципира во општеството.

Иако цел свет, без исклучок, е согласен во примената на пазарната економија, иако не постои човек кој е согласен за укинувањето на парите (тие што се согласни никој не ги слуша и во овој случај тие се неважни), сите ,,апостоли‘‘ на капитализмот денес се должни да одговорат на прашањето: ,,Зошто не можат да ги решат постоечките проблеми и зошто се намножуваат негативните реперкусии на нивните решенија?‘‘ За нас, марксистите, одговорот е познат одамна. Едноставно, стоковното стопанисување е антагонистичко, тоа само ги јакне постоечките антагонизми и затоа се намножуваат негативните последици на нивните капиталистички ,,решенија‘‘ со кои ништо не се решава. Ленинизмот докажа со својот пад дека дури ни ,,социјалистичкото‘‘ стоковно производство не е способно да створи општествена хармонија, иако го организираа и спроведуваа ,,комунисти‘‘. Едноставно, и тоа со задржувањето на стоковното производство ги заоструваше и јакнеше општествените антагонизми кои доведоа до негово рушење.

Ние (марксистите) не проповедаме борба, палежи, терор и сл. што буржуазијата во својата политичка борба широко ги применувала и ги применува денес. Ние проповедаме – учење и организирање и што побрзо излегување од кризата. Но не можеме ништо додека сте вие уплашени иако буржуазијата ви ги ,,дала‘‘ сите ,,политички права и слободи‘‘. Вие се плашите да зборувате а другите како борци против Македонија бараат пензии во ,,парламентот‘‘. Значи вие треба да плаќате даноци за убијците на вашите синови! Имате ли барем малку памет, ако веќе немаат оние кои ви се наметнале со ваша помош.

Марксистите не можат да застапуваат никакво административно потискување на религијата, и, не сметаат дека е воопшто нужно и потребно да се занимаваат со директното негирање на бога, со докажувањето дека неговата егзистенција е само фиктивна. Тие позитивно го развиваат својот поглед на светот, ги објаснуваат одделните појави во целоста на природните или општествените услови во кои настануваат, и немаат потреба од ,,трансцедентни сили‘‘, па ни потреба да ги негираат.

Ние не криеме дека сме атеисти. Но, нашиот атеизам се разликува од атеизмот на искрените и видни буржоаски мислители и револуционери. Додека тие тврделе: „Бог не постои“ што било рефлексија и протест против повластената положба на клерот во тогашното општество, ние остануваме доследни на многу зборови на Исус Христос кои се идентични со многу ставови на марксизмот. Ние не тврдиме дека „Бог“ не постои. Тоа за нас не е важно. Друго е важно за нас а тоа е што некој проповедајќи постоење на бога си обезбедува дебела живеачка без работа. А сето тоа е спротивно не само на духот на Библијата туку и на многу Исусови  ставови. Пример, кога Исус вели: „Одете и проповедајте дека се приближи царството небесно; болни лекувајте, лепрозни очистувајте, мртви воскреснувајте, бесови изгонувајте. Бадијала примавте, бадијала и давајте!“, што е тоа за нас марксистите туку „укинување на разликата меѓу производствениот и непроизводствениот труд односно меѓу интелектуалниот и физичкиот“! За жал и на верниците и на нас марксистите тоа не го спроведоа и оние што се нарекуваа „пастири на Божјето стадо“ ниту пак „раководните комунисти“. Значи и едните и другите биле лажни пророци за кои Исус вели: „Пазете се од лажни пророци, кои доаѓаат во овчја кожа, а одвнатре се волци грабливи“.

Многу веруваат во иднината на капитализмот. Ние, марксистите, не! Овој систем кој сам ги гази своите ,,закони‘‘, кој не може да ви обезбеди никаква заштита од силеџии, криминалци и бандити, кој сам ви праќа во униформи насилници на врата иако знае дека со постоечката ,,економска политика‘‘ сигурно станувате ,,платежно неспособен‘‘, овој систем кој ни најмалку не води сметка за логиката, овој систем кој продуцира огромен пораст на лошо живеење, криминал, наркодилерија, проституција, смртност на работни места – одамна е зрел за во музеј, но верувајте другари, нема да отиде таму капитализмот се додека не се дрзнете вие да го ставите таму.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s